Дивечот се почесто пустоши по земјоделските посеви

Во последниот период се почесто земјоделците од сите краеви на Македонија алармираат и се жалат на штети причинети од дивеч. Причинители на овие штети воглавном се мечките и дивите свињи, чија бројност во последниот период е значително зголемена. Секако дека е добро што после толку години нивната бројност е зголемена, но како резултат на експанзијата на бројноста на дивата свиња таа се почесто се симнува во полињата и поради непревземањето на мерки за заштита од штети од дивеч, по нивите причинува штети врз посевите.

Последен во низата сличаи на штети од дивеч е пустошењето на дивите свињи и мечките врз земјоделските посеви во дебарскиот регион. Според Дилавер Дема од селото Коњаре, станувало збор за диви свињи и мечка. Тој забележува дека мечката не може да ја застрелуваат бидејќи е заштитена со закон, додека дивата свиња бидејќи не е ловна сезона, но доколку нешто не се превземе целиот нивен труд би бил залуден. За да побараат решение на проблемот, сопствениците на земјоделските посеви со пченка и со градинарски култури од селата Спас, Селокуќи, Шулан кои се наоќаат во близина на македонско-албанската граница имале средба дебарскиот градоначалник Ружди Љата и со Началникот на граничната полиција, Регионален центар-Запад, Џелал Љата, кои ветиле дека ќе превземат соодветни мерки за заштита од дивечот.

Сепак, решението најдобро е да го побараат во ловечкото друштво кое стопанисува со дивечот во овој регион и во Минустерството за земјоделство, шумарство и водостопанство кое има надлежност врз контролата на работата на концесионерите.

 

Како до минимизирање на штетите

Концесионерите со дивечот во ловиштата им е дадено правото да грижат и да стопанисуваат со дивечот на одредена површина. Со тоа тие имаат право на барање на надомест на штети врз дивечот (на пример криволов) но и обврска да ги надокнадат штетите причинети од дивеч (со исклучок на штети причинети од трајно заштитен дивеч).

Бидејќи мечките се заштитени со закон, нивниот застрел не е дозволен, па нивната штета ја надокнадува државата, но бидејќи дивата свиња е заштитена со ловостој, нивната штета ја надокнадуваат ловечките друштва. Сепак, голем број на земјоделци и пчелари воопшто и не ги пријавуваат своите штети, бидејќи не веруваат дека би имало ефект нивното барање за надокнада на штета, па не сакаат да се оптеретуваат со проблеми.

За да се минимизира опасноста од штети од дивеч потебно е да се превземат низа мерки, како од сопствениците на земјоделските култури, така и од концесионерите со дивечот. За жал, често ниту едните, ниту другите не превземаат речиси никакви мерки, па не се ретки појави на штетите врз земјоделските култури и пчеларниците.

Концесионерите со дивечот во ловиштата се должни бројноста на дивечот да ја одржуваат во рамките на оптимумот или поедноставно кажано во согласно со прехрамбениот потенцијал на ловиштата. Со тоа дивечот своите потреби од храна ќе си ги обезбедува во ловиштата и надвор од земјоделските култури. Затоа е потребно постојан и континуиран мониторинг врз бројноста на дивечот и превземање на соодветни мерки доколку дојде до промена на неговата нормална бројна состојба. Сепак мал број на концесионери се придржуваат до оваа мерка, па така ниту имаат прецизна евиденција на бројноста на дивечот, а со тоа ниту превземаат мерки за нормализирање на неговата бројност.

Како мерка за намалување на штетите врз земјоделските површини која би требало да ја превземаат концесионерите со дивечот во ловиштата е прихранувањето на дивечот и начинот на кој се применува тоа. За таа цел, дивечот треба да се прихранува што е можно подалеку од земјоделските површини, со што тој би се држел што е можно подлабоко во ловиштата и подалеку од земјоделските површини. За жал голем број на концесионери со дивечот не само што не вршат прихранување на дивечот на овој начин, туку воопшто и не вршат негово прихранување, па дивечот е приморан храната да ја бара во нивите.

Ograda za divec

Покрај концесионерите со дивечот во ловиштата исто така и сопствениците на земјоделските површини се должни да превземат мерки за заштита на своите посеви, како што се оградување на површините, поставување на репеленти или други одбивни средства, во спротивно големи се шансите евентуалните тужби и барања за надокнада на штетите од дивеч да немаат позитивен ефект врз нив.

Добро би било концесионерите на дивечот во ловиштата и сопствениците на земјоделските површини да се информираат и подобро да се запознаат со тоа какви и кои мерки може и треба да ги превземат за заштита на земјоделските површини и пчеларниците, со што едните би се заштитиле од потреба да исплаќаат штети, а другите од настанување на штети од дивеч.

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You cannot copy content of this page