Начинот на доделувањето на ловиштата е од големо значење за ловечките здруженија и за самите ловците. Тоа има големо влијание врз иднината на ловството и насоката во која ќе се развива оваа дејност. Во минатите 15-ина години неколку пати беше изменет начинот на доделување на ловишта, при што се правеа напори да се направи баланс помеѓу визијата за унапредување на ловството, желбите на ловците и интересите на државата.
За секој начин на доделување имаше добри и лоши страни, што е нормално бидејќи нема идеален модел и секогаш ќе има некој незадоволен. Сепак државата и одговорните за ловството имаа доволно храброст и визија да преземат смели чекори со кои се обидоа да го подигнат ловството на едно повисоко ниво.
И покрај тоа што некои модели се покажаа како подобри, а некои помалку добри, се чини дека тоа вроди со плод. Ако се погледнат резултатите се добива впечаток дека тоа придонесе за длабоки промени во ловството со кои оваа област постигна значителен развој.
Развојни програми
Со законот за ловството од 2009 година, Владата ги доделуваше дивечот во ловиштата на користење (концесија) по пат на јавен повик на домашно и странско правно лице кое ги исполнуваше предвидени законски услови.
За да се создадат услови за фер конкурирање и да се постават мерливи критериуми кои ќе го исклучат субјективното одлучување за избор на концесионер, како услов од тендерската документација се воведоа Програми за развојни можности на дивечот под заштита во ловиштето. Со тоа, покрај можноста за валоризација на понудите, се создадоа услови за развој и унапредување на ловството.
Со овој модел, покрај исполнувањето на законските обврски, со тендерската документација беше предвидено секој кандидат да изработи Програма за развојни можности на дивечот под заштита во ловиштето, која потоа беше предмет на бодување. Тука се бодуваа сите инвестиции во ловиштето во изградба на ловнотехнички и ловностопански објекти, како и во збогатување на ловиштата со дивеч. Максимален број на можни бодови беа 100 и при ист број на бодови предност имаше досегашниот концесионер. Ова беше значајна новост, бидејќи им се овозможи предност при доделување на ловиштата на досегашните концесионери.
Секој кандидат требаше да обезбеди банкарска гаранција за учество во електронска аукција во висина од 2% од износот на десетгодиштата концесија, која важеше до денот на потпишување на договорот и банкарска гаранција во износ од 10% од планираните инвестиции согласно со Посебната ловностопанска основа за секое ловиште посебно, која важеше до периодот додека треба да се инвестираат средствата.
Мала ренесанса во ловството
Се чини дека овој модел беше со исклучително позитивно влијание врз ловството и имаше силно влијание за развој и унапредување на оваа гранка. Благодарение на него, во услови на светска криза и кога државата стагнираше во многу области, државата успеа да привлеќе големи финансиски инвестиции во ловството.
Со овој модел на доделување на ловиштата, кандидатите за концесионери се обврзуваа да инвестираат во изградба на ловечки куќи, разни огради за дивеч и ловечки куќи. Благодарение на овој модел, во Македонија за само неколку години се изградија голем број на ловни објекти, туку популациите на дивечот во голем дел од ловиштата со нови концесионери буквално експлодираа.

Се добива впечаток дека токму новите концесионери докажаа дека со правилно менаџирање на ловиштата, со посветена работа и со зголемена заштита и прихрана, може значително да се унапредат ловиштата и да се подобри матичниот фонд на дивечот. Речиси во сите ловишта каде што влезе приватен капитал, новите концесионери вложија значителни средства и напори во заштитата, што допринесе овие ловишта да се преполни со дивеч. Едноставно, секој си ја штитеше инвестицијата.
Развој на конкуренцијата во ловството
Со овој начин на доделување на дивечот во ловиштата на користење се стимулираше конкурентноста помеѓу концесионерите, како резултат на што во ловните региони со голем број на ловишта, ловиштата се поделија помеѓу различни концесионери. Тоа допринесе на ловците да им се понуди алтернатива за членување и во други локални ловечки здруженија.
Конкуренцијата е силен двигател на развојот во секој сегмент во општеството, па и за ловството. Затоа и не е така лошо што се создадоа услови за појава на нови ловечки здруженија или правни субјекти кои беа спремни да понудат еден нов квалитет во управувањето со ловиштата и нови можности за ловците.
Добро е што не изостана грижата за досегашните концесионери, бидејќи преку нудење предност при исти услови можеа да ги задржат ловиштата. Сепак тие мораа да се прилагодат на новонастанатите услови и да го подигнат функционирањето на едно повисоко ниво.
Наддавање во електронската аукција
Со измените на законот за ловството од 2012 година се воведе доделување на ловиштата по пат на наддавање во електронската аукција. Тука главен акцент беше ставен на финансиите, при што во утврдено време и во точно утврдено времетраење се одржуваше електронско наддавање. Како најповолен се одбираше понудувачот кој ќе понудеше најголема финансиска сума за стопанисување со ловиштето, која беше третирана како концесиски надомест.
Овој модел исто така даваше одредена предност на досегашниот корисник на дивечот во ловиштето, со тоа што предност при изборот за најповолен понудувач ќе има правното лице-понудувач кое било корисник (концесионер) на дивечот во ловиштето во претходниот ловностопански период.
Ако со првиот модел на доделување на ловиштата, најголема полза имаше ловството и дивечот во ловиштата, со овој модел најголема полза имаше државата. Со електронското наддавање се постигнуваа значително повисоки концесиски вредности од оние предвидено со посебните ловностопански основи, често и по 10-ина пати повисоки од почетните. Ако на ова се додаде бројот на ловишта во државата, се добива огромна позитивна разлика во полза на државниот буџет.
Реална процена на вредноста на ловиштата
Се чини дека со овој модел се создадоа услови на некој начин реално да се процени вредноста на ловиштата. Навистина нелогично и крајно негативно за државата беше на пример ловиште да се доделува за концесиски надомест од само 100-ина евра, особено ако се земе во предвид што просечно членарина во ловечките здруженија за само еден ловец изнесува исто толку.
Тоа допринесе значително да се зголеми приливот на средства во Буџетот на државата по основ отстапување на правото на користење на дивечот во ловиштата. Од друга страна се намалија инвестициите во развој и унапредување на дивечот во ловиштата, бидејќи новите концесионери повеќе не беа условени тоа да го прават. Со оглед на тоа што инвестициите предвидени со Развојната програма повеќе немаа никакво влијание врз доделувањето на ловиштата, никој веќе не предвидуваше дополнителни инвестиции од оние кои беа задолжителни со Посебните ловностопански основи.

Тука се јави проблем што некои концесионери во инсистирање по секоја цена да ги земат ловиштата, често нудеа нереално високи вредности кои не беа во можно да ги исплаќаат. Па така дел од ловиштата се откажуваа или се раскинуваа Договорите, што имаше силно негативно влијание врз дивечот, ловците и ловството.
Овој начин на доделување на ловиштата предизвика одредено незадоволство, пред се кај ловечките здруженија кои како резултат на повисоките концесиски надоместоци постигнати по пат на електронското наддавање не беа доволно финансиски моќни да ги задржат сите ловишта со кои до тој момент стопанисуваа.
Дел од ловците беа загрижени дека се со новиот начин да доделување на ловиштата се појавиле богати концесионери кои ќе го ограничат правото на лов на локалното население. Сепак праксата покажа дека тие грижи биле неосновани. Единствено што се смени е поголем прилив на средства во буџетот, поголемо почитување на законите и поголема контрола и грижа за дивечот, што резултираше со поголема безбедност за сите ловци, подобри услови за ловците и повеќе дивеч во ловиштата.
Финансиско-инвестициски програми
Со новиот Закон за дивечот и ловството од 2023 година се воведе нов начин на доделување на правото на користење на дивечот во ловиштата со вреднување на Финансиско-инвестициска програма за развој и унапредување на дивечот и ловиштето со акциски план за првите три години од периодот на важноста на договорот за користење на дивечот во ловиштето.
Со овој модел на доделување на ловиштата, потенцијалниот корисник на дивеч во ловиште како услов од тендерската документација, во затворен плик треба да достави финанскиско-инвестициска програма, при што се оценува висината на инвестициите. За најповолен понудувач на јавниот повик за доделување на дивечот во ловиштето на користење се смета оној кој понудил највисок паричен износ во програмата.
И овој модел дава одредена предност на досегашниот корисник на дивечот во ловиштето, со тоа што предност при изборот за најповолен понудувач ќе има правното лице-понудувач кое било корисник (концесионер) на дивечот во ловиштето во претходниот ловностопански период.
На прв поглед овој модел е многу сличен на првиот модел со вреднување на развојните програми, при што таму се оценуваа програмите врз основа на бројот на изградени објекти и населен дивеч, додека со финанскиско-инвестициската програма се оценува вредноста на инвестициите во објектите и дивечот.
Од друга страна, во споредба со електронското наддавање, овој модел е катастрофален за буџетот на државата, бидејќи со аукцијата се постигнуваа концесиски надоместоци кои беа значително повисоки од почетните.
Повисока банкарска гаранција
Ако со првиот начин на доделување на ловишта најголема полза имаше ловството, со вториот државата, со овој модел се чини дека најголема полза имаат – банките. Тоа се должи на обрската со која понудувачите треба да обезбедат банкарска гаранција во висина од 10% на вредноста во Финансиско-инвестициската програма. За издавање на банкарската гаранција банките наплаќаат големи суми, од кои ловството и државата немаат никаква корист, а се големо отпретување на корисниците на дивеч во ловиштата.
Банкарската гаранција за инвестициите не е ништо ново, но со новиот закон за дивечот и ловството дојде до драстично зголемување на банкарската гаранција за инвестициите во ловиштата, бидејќи со стариот закон за ловството беше потребна банкарска гаранција само за инвестициите предвидени во Посебната ловнсотопанска основа и која важеше само до периодот додека треба да се инвестираат средствата.
Помеѓу идните корисници на дивечот во ловиштата веќе постои сериозна загриженост дека ќе треба да вадат банкарски гаранции за финанскиско-инвестициската програма се додека трае Договорат за ловиштата, односно 20 години. Сепак ова е крајно нелогично, бидејќи банкарска гаранција служи како гаранција дека ќе се реализираат инвестициите. Со реализирање на инвестициите предвидени со финанскиско-инвестициската програма, нелогично е да се бара банкарска гаранција за нивна реализација. На пример, ако некој се обврзал дека во првите три години ќе изгради ловечка куќа, нема истата да ја гради на секои три години, па постојано да обезбедува банкарска гаранција за нејзина изградба.
Модел со многу слабости
Покрај негативната импликација на буџетот и повисоката банкарска гаранција, друга голема слабост на овој модел е можноста преку манипулативни проценки на вредноста на инвестициите, одредени кандидати да се стекнат со нефер предност пред другите.
Иако во теорија, висината на инвестициите би требало да се мерило за нивниот квалитет, сепак во пракса тоа може лесно да стане инструмент за манипулации. Манипулациите се можни бидејќи вредностите на инвестициите може да бидат нереални и поткрепени со фиктивни фактури. Како финансиски инвестиции може да се прикажуваат на пример приватни сместувачки објекти или приватни теренски возила кои често може да имаат огромна вредност.
И овој модел веќе предизвикува сериозна загриженост кај корисниците на дивечот во ловиштата, бидејќи и покрај тоа што највисоката вредност ќе им биде понудена на нив, високите банкарски гаранции им ја ограничуваа можноста да одговорат на евентуалните високи вредности на финанскиско-инвестициската програма.
Затоа се добива впечаток дека овој модел е најлош од сите три модела. Сето претходно наведено остава простор да веруваме дека овој начин на доделување на ловишта ќе има многу краток век.