Белоглавиот мршојадец (Gyps fulvus) е голема птица, која спаѓа во семејството на јастребите. Ја има во Македонија.
Белоглавиот мршојадец, најмногу го има во околината на Демир Капија, клисурата на Црна Река во близина на Тиквешко Езеро, Мариово, на планината Осогово и кај езерото Матка.
Мариово е еден од пределите каде што белоглавиот мршојадец живее непопречуван од ударот на цивилизацијата. Најчесто одбира карпести предели со пештери за гнездење, какви што има во изобилство на кањоните на Градешка, Бела и Црна Река.

Тој има посебен начин на исхрана, јаде само мрши. Бидејќи не мора да ловат, немаат силни канџи како преостанатите грабливци, но затоа имаат широки големи крилја кои им овозможуваат да прелетаат огромни пространства користејќи ги воздушните термали и ветерот. Од четирите видови мршојадци кои некогаш се гнезделе во Македонија, брадестиот и црниот мршојадец веќе се исчезнати, а преостанатите два, белоглавиот и египетскиот, се пред истребување.
Демиркаписката клисура е еден од најбогатите орнитолошки резервати во Европа според застапеноста на ретки птици, каде што можат да се сретнат бел и египетски мршојадец, златен орел, орел-змијар, лисест глувчар, најразлични соколи, како и други ретки видови птици. Белоглавиот орел е трајно заштитен со закон.
За жал овој мршојадец е честа жртва на труење, бидејќи птиците јадат затруени мрши кои најверојатно овчарите ги поставувале за труење на волците.
Белоглав мршојадец (Gyps fulvus)

Опис
Белоглавиот мршојадец е долг 93–122 cm, и со распон на крилјата од 2,3-2,8 m. Maжјаците тежат 6,2-10,5 kg, а женките 6,5-11,3 kg. Типичниот стар вид на мршојадците е со бела глава, со голем распон на крлјата и краток опаш. Тие имаат бел грб и жолтеникава боја преку целото тело. Имаат големо тело и темни пердуви.
Поведение
Како и другите мршојадци, тој е чистач, кој се храни претежно од трупови на мртви животни кои ги наоѓа со надгледување на отворени области, честопати движејќи се во јата. Воспоставува гнездачки колонии на карпи каде не можат да бидат вознемирувани од луѓето, додека покриеноста на отворените области и достапноста на мртви животни на неколку десетици километри од овие карпи е голема. Пишти и шушти на местата кога се храни со мрши.
Максималниот забележан животен век на белоглавиот мршојадец е 41,4 години за поединец во заробеништво.
Се размножува на остри карпи во планините во јужна Европа, северна Африка и Азија, несејќи едно јајце. Белоглавите мршојадци може да создаваат незбиени колонии. Младите и незрели единки можат да се преселуваат далеку или да започнат движења на долги растојанија.

Зависноста од густината кај овој колонијален вид се покажа дека влијае на успехот на размножувањето на годишно ниво. Со низа мерки во заштитено место (пештери, дупки и заштитени корнизи) се настојува да се добијат повеќе потомство.
Размножување
Женките најчесто се гнездат на карпи и несат по едно јајце. Го лежат двата родитела, а инкубацијата трае 48-53 дена. Младенчето го напушта гнездото на возраст од 3 месеца.
Трајно заштитен вид на дивеч
Согласно член 228 од Кривичниот закон, тој што лови дивеч за време на ловостој, ќе се казни со парична казна или со затвор до шест месеци. Тој што лови редок или проретчен дивеч чиј лов е забранет или лови без посебна дозвола дивеч за чие ловење е потребна таква дозвола или лови на начин или со средства со кои дивечот масовно се сотира, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.
Согласно Законот за дивечот и ловството, во Македонија Белоглавиот мршојадец е дивеч под заштита кој е трајно забранет за лов. За незаконит лов на Белоглавиот мршојадец, на корисникот на дивечот во ловиштето или на друго правно лице ќе му се изрече глоба од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност. Глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече и на одговорното лице на корисникот на дивечот во ловиштето или друго правно лице за истиот прекршок.
За сторен прекршок на одговорното лице на корисникот на дивеч во ловиштето или друго правно лице ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност и задачи во ловството во времетраење до 30 дена.
Покрај тоа, согласно Ценовникот за штета нанесена на дивеч со бесправен лов, причинителот на прекршокот ќе треба да плати и глоба од 3.000 евра во денарска противвредност.