Полска еребица (Perdix perdix)

 

Еребицата (лат. Perdix) е род на птици од фамилијата на кокошки, која воглавно ги населува порачјата на Европа и Азија. Спаѓа во групата на пердувест ловен дивеч и опфаќа неколку подвидови, помеѓу кои најраспространети се полската еребица и еребицата камењарка.

На подрачјето на република Македонија живее средноевропската полска еребица Perdix perdix L. Овој подвид е распространет во Средна, Јужна и Западна Европа, на Балканскиот Полуостров па се до Каспиското Mope. Според Законот за ловството спаѓа во дивеч под заштита за која е утврден ловостој кој трае од 15 декамври до 10 октомври.

 

Царство:       Animalia
Тип:             Chordata
Класа:           Aves
Ред:              Galliformes
Фамилија:      Phasianidae
Род:              Perdix perdix  Brisson, 1760

 

Полската еребица ги населува подрачјата со умерена клима, но може да се најде и на планинските рамнини и на поголеми надморски височини. Тоа е типична степска птица со големина од околу 35 см, со распон на крилата од околу 50 см. Полската еребица се одликува со изразито пепелаво заштитна боја, со потемни и посветли дамки и пруги. Карактеристично за неа е една поголема темно-кафена дамка во вид на потковица која на стомакот ја имаат мажјакот и женката. Оваа дамка кај мажјакот редовно е поистакната.

Полска еребица Perdix perdix

Женките и мажјаците тешко се разликуваат помеѓу себе. Женките се разликуваат од мажјаците само по шаренилото на пердувите на крилата. Овие пердувчиња имаат една изразита надолжна бела пруга и странично бели попречни линии. Кај мажјаците постои само надолжната пруга.

Полската еребица спаѓа во групата на птици кои летаат на помало растојание и доста време поминува на земја. Живее во јата од 15-20 единки. Покрај нејзиното големо ловностопанско значење, полската еребица е мошне полезна птица, бидејќи таа се храни како со семиња од разни плевели, така и со најразлични штетни инсекти. Се храни воглавно со: компирова златица, црви, скакулци, гасеници, просо, зоб, пченица, трева и сл. Во зимските месеци кога снежната прекривка е голема и длабока, потребно е да и се помогне во прехраната, бидејќи во зимските месеци таа не страда од студ, туку од глад.

Полска еребица Perdix perdix

Единките живеат во парови кои што ги формираат во периодот фебруари и март. Набрзо после тоа почнуваат да се парат и женката положува до 18 сиво-зелени јајца во однапред припремено гнездо. Таа лежи на јајцата 24 денови, за кое што време мажјакот чува стража. По излегувањето на младите им е потребна голема количина на храна, која што воглавно ја сочинуваат инсекти. Излупените пилиња во гнездото остануваат најмногу еден ден. Штотуку излупените еребичиња се тешки околу 9 грама, но за две недели достигнуваат тежина до околу 50 г. Подмладокот најчесто страда од долготрајни студени дождови, но исто така и од недостиг на вода и зелена сочна храна за време на суша. Младите остануваат со родителите во јато се до наредната пролет, а честопати и повеќе јата се соединуваат во едно, со повеќе десетици примероци.

Полските еребици имаат добро развиено сетило за слух и вид. Живеат околу три години и покрај грабливците голема опасност за нив претставуваат и хемијските средства кои се употребуваат во земјоделството за сузбивање на плевели.

Оваа птица е од посебен интерес за ловството во нашата држава. Речиси и да нема ловиште за ситен дивеч во кое таа не е присутна. Најголеми популации од полската еребица се сретнуваат во средишниот и во долниот тек на реката Вардар, како и во кумановскиот, светиниколскиот и во пелагонискиот ловен реон.

При стопанисувањето со овој вид на дивеч посебно внимание треба да се посвети на планирањето на застрелот, бидејќи е многу осетлива на временските неприлики, а покрај тоа и со неконтролираниот лов може значително да се намали нејзината популација. Поради тоа доколку со контролното пребројување се утврди дека нејзината бројност е пониска од планираната, со годишните планови планираниот застрел треба да се искорегира со што ќе се обезбеди повторно зајакнување на популацијата.

 

Leave a Reply

You cannot copy content of this page