Во 50-тите од минатиот век со формирање на поголем број на фазанерии низ државата, започнало производство на фазански пилиња во инкубатори. Поради тоа цената на произведените пилиња фазани била прифатлива и оттогаш започнува посериозно населувањето на фазани во Македонија.
Благодарение на минималното користење на агротехничките мерки во земјоделското производство, најголемиот дел од населените фазани го преживувале населувањето. Во тоа време не се ловеле фазанки, туку само петлите и дел од населениот дивеч ја дочекувал следната пролет и периодот на размножување, па поради природно размножување се зголемувал бројот на фазанскиот дивеч во ловиштата. Постарите ловџии со задоволство се сеќаваат на времињата кога во ловиштата изобилувале фазанскиот дивеч.
Во овој дел кој е продолжение на Краткиот историски осврт на ловството во Кавадаречкиот ловен реон, ќе се посвети простор токму на збогатувањето на Кавадаречките ловишта со фазански дивеч во минатото.
Збогатување на Кавадаречките ловишта со фазански дивеч во минатото
Од своето формирање, ловечкото друштво „Тиквеш“ посветува големо внимание на збогатување на своите ловишта со дивеч. Тоа е едно од првите кои во Македонија започнува со населување на фазански дивеч во своите ловишта. Друштвото во минатите децении доста често практикувало населување на ловиштата со фазански дивеч. Со што кавадаречките ловџии им било овозможено поголемо задоволство во ловот, но од друга страна и намалување на притисокот врз автохтониот дивеч и негово зачувување.
Благодарение на монографијата, во денешно време располагаме со голем број на податоци за оваа активност на Ловечкото друштво. Според достапните податоци во месец јуни 1957 година, за првпат на кавадаречките ловни терени се пуштаат фазани. Тогаш биле пуштени уште три пати фазани од фазанеријата во Катланово, еднаш 150 фазани, потоа 300 фазани, па на крајот 200 фазани.
Во 1977 година за првпат Ловечкото друштво добива објект кој ќе биде од голем придонес за развојот на ловот во општината. Во тој период покрај реката Црна спроти селото Шивец, со помош на хидроцентралата “Тиквеш”, ловочуварската служба и членовите на Ловечкото друштво била изградена волиерата. Благодарение на овој објект, наредните години земени се мали фазанчиња од фазанеријата во Катланово, кои се одгледувани за потребите на Ловечкото друштво и потоа истите се пуштани низ ловните терени.
Во текот на 1978 година во ловните терени а друштвото, биле пуштени 500 фазани, во 1979 година 600 фазани, во 1980 година – 1000 фазани, кои пред тоа за прилагодување биле донесени во волиерата кај село Возарци. За 1981 година биле набавени 1000 фазани, а во 1982 година уште 500 фазани.
За збогатување на ловиштата со дивеч, во текот на 1982 и 1983 година биле купени 500 фазанчиња, кои се одгледуваат во сопствената волиера кај с. Возарци за да се пуштат по ловните терени и тоа по реката Црна, Дабнишка Река и Моклиште.
На двапати во овој мандат беа населени фазани и тоа 1987 година – 500 фазани и 1989 година – 320 фазани.
Во овој период била покрената и иницијатива за добивање на имот во сопственост на Друштвото, поради изградба на современа триделна волиера за адаптирање на фазанскиот дивеч, но оваа иницијатива не се реализирала.
Во период од 1993 година до 1996 година биле пуштени на трипати фазани и тоа првиот пат 500 фазани, вториот 400 фазани, па повторно 500 фазани.
За таа цел, членовите на комисијата за унапредување на ловот посетиле повеќе ловечки резервати и фазанерии во нашата држава. После тоа, биле купени 400 фазани од бугарскиот град Русе, од кои 100 фазани се платени од Ловечкиот сојуз на Македонија, како помош и надомест за штетите од невремето што ја зафати Општината во 1995 година, а другите 300 фазани, Друштвото ги купило со сопствени средства. По карантинот во Штип, во месец ноември 1995 година фазаните биле пуштени по течението на реката Црна, Раец, Тиквешкото Езеро, Моклиште, Дабнишка Река, Крњево и Маренско.
Желба да се продолжи со населувањето на фазани
Денешното раководство на ЗГЛД „Тиквеш“ на задоволство на ловџиите има намера да ја продолжи традицијата да ги збогатува своите ловишта со фазански дивеч, но за тоа да го направат потребно е повторно да им бидат доделени ловиштата кои имаат поволни услови за нивно населување. Тоа се ловиштата во рамничарскиот дел, во кои дивечот му е доден на ЗГЛД „Тиквеш“ на времено одгледување и заштита, сé до давање на дивечот во ловиштата на користење.