Сив сокол (Falco peregrinus L.)

Сивиот сокол (Falco peregrinus) има мошне широк ареал на распространување што е поврзан со неговиот начин на живот. Обично се среќава на места каде што има доволно храна.

Сивиот сокол е птица грабливка која се храни со други птици. Главно лови птици до големина на гулаб на тој начин што во лет се нафрла врз пленот од височина и го зашеметува со удар. При паѓање може да достигне брзина од повеќе од 300 км на час.

 

Морфолошки карактеристики

Сивиот сокол и сите други видови од родот на соколите, имаат некои заеднички морфолошки карактеристики, кои можат мошне успешно да се користат при нивното распознавање. Овие карактеристики се:

Горниот дел ла клунот од основата им е свиткан и од секоја страна има израсток во вид на заб, кој навлегува во соодветен жлеб во долниот дел на клунот. Носните дупки имаат тркалест облик. Под очите имаат потемни пердуви во вид на зулфии (бакенбарди). Телото им е аеродинамично, а крилјата заострени и им го покриваат опашот. Пленот го ловат во летање, а се хранат само со живи примероци.

Сивиот сокол има дебела тркалеста глава со црни пердуви под очите. Крилјата му се долги речиси колку и опашката. Основната боја на пердувите му е пепелава. Од долната страна на телото пердувите му се белузлави со надолжни темни пруги. Во должина може да израсне до 50 cm. Машките примероци секогаш се помали од женките.

 

Гнездење на сивиот сокол

Сивиот сокол се гнезди на високи стебла или по тешко достапни карпи, на облакодери и кули во градовите. Се гнезди на гола земја, во пукнатини на карпи или користи напуштени гнезда на други птици. Гнездењето започнува во март и април. Леглото обично се состои од 3-4 јајца, кои женката ги инкубира 29-32 дена. Младите птици го напуштаат гнездото по 35-42 дена.

 

Загрозен вид на дивеч

Сивиот сокол е наведен како ризична птица за гнездење во Црвената книга на загрозени птици во Македонија. Во втората половина на 20 век, бројот на диви соколи во Европа и Северна Америка се намали за 90%, што доведе до истребување во некои делови од нивниот ареал.

Се смета дека главната причина за изумирањето е широката употреба на пестициди како што е ДДТ. Воведувањето на пестициди (ДДТ) во синџирот на исхрана доведува до концентрација на токсични материи кај предаторите на врвот, како што е сивиот сокол. Пестицидите предизвикуваат слабеење на лушпата од јајцето, така што птицата при гнездење ги крши јајцата за време на инкубацијата. Ова резултира со неуспешно гнездење без потомство.

Преку постојаните напори на орнитолозите и заштитниците на природата и животната средина, најопасните пестициди (ДДТ) сега се забранети, а популацијата на сивиот сокол се опоравува.

Сепак, овој грабливец сè уште е загрозен поради труење, ловокрадство и судири со ветерници и далноводи. Во поново време, закана преставуваат и алпинистите кои можат да ги вознемируваат птиците што се гнездат на карпите.

Поради тоа што неговата бројност е во постојано опаѓање, според Законот за дивечот и ловството овој вид, како и сите други соколи, се трајно заштитени и не смее да се лови, прогонува или вознемирува.

Согласно законот за ловството и дивечот, глоба во износ од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на корисникот на дивечот во ловиштето или на друго правно лице, ако лови, прогонува или вознемирува дивеч за кој е утврдена трајна забрана за ловење, во која категорија дивеч спаѓа и сивиот сокол. На физичко лице за истиот прекршок ќе му се изрече глоба во износ од 250 евра во денарска противвредност.

 

Leave a Reply

You cannot copy content of this page