Реонирање на ловнопродуктивните површини (ЛПП) во ловиштата

Како што е веќе претходно нагласено, различните видови дивеч немаат иста екологија. Особени разлики во овој однос постојат меѓу ситниот и крупниот дивеч. Одгледувањето на некои од овие видови во исто ловиште е речиси невозможно, бидејќи нивните екологии се сосема различни, а различни се и целите на стопанисувањето.

Одгледувањето на крупниот дивеч е насочено кон трајно одржување на квалитетен генофонд, односно генотипски комплекс. Поинаку речено одгледувањето на крупниот дивеч има за цел создавање квалитетни трофејни грла, додека кај ситниот дивеч ваква цел не постои. Исто така, начинот и времето на отстрелот им се различни и не дозволуваат нивно заедничко одгледување на исто место.

Од овие причини, при реонирањето, односно при формирањето на некои ридести ловишта во Македонија (до 1000 м надморска височина), треба да се имаат предвид сите досега изнесени моменти. Посебно треба да се внимава на ловиштата обраснати со шума во кои постојат услови за опстанок не само на зајакот, туку и на срнечкиот дивеч (и за дивата свиња). Па затоа при формирањето на овие ловишта секогаш треба да се утврди целта на стопанисувањето, односно дали е поцелисходно да се одгледува ситен или крупен дивеч.

Во низинските ловишта, по правило, ЛПП на полската еребица и на зајакот се совпаѓаат. Исто така се преклопуваат и ЛПП меѓу зајачкиот дивеч и фазанот. Но за разлика од нив, ЛПП меѓу полската еребица и фазанот целосно не се преклопуваат, бидејќи фазанот за свој опстанок, покрај земјоделски површини, бара и површини обраснати со шума или со друга потрајна вегетација. Полската еребица најчесто ги избегнува овие места и како засолништа и како места за гнездење. Меѓутоа, во пролетниот, летниот па и во дел од есенскиот период, доаѓа до преклопување на изнесени делови на ЛПП на полската еребица и на фазанот.

Слична состојба е и со крупниот дивеч. Најчесто ЛПП на срнечкиот дивеч и на дивата свиња во пониските надморски височини се преклопуваат. Исто така, во некои ловишта може да дојде до преклопување меѓу ЛПП на срнечкиот дивеч и на еленот (па и на дивата свиња).

Кај дивокозата е сосема поинаку. Поради нејзината специфична екологија, таа населува претежно биотопи што не се карактеристични за другите диви преживари.

Исто така, при реонизацијата на површините на ловиштето треба да се издвојуваат и оние делови на кои евентуално може да се внесе некој друг неавтохтон вид.

Најмалата површина што може да се издвои во посебен реон, зависи од повеќе фактори, а најмногу од видот на дивечот. За зајачкиот дивеч и за полската еребица, оваа површина не смее да биде помала од 800 – 1000 ха. За разлика од нив, фазанот успешно може да се одгледува на површина од неколку стотици хектари, под услов тој строго да се подреди за негово од- гледување.

Кај елените површината што може да се издвои во посебен реон или ловиште не смее да биде помала од 5.000 – 6.000 ха, а кај срнечкиот дивеч над 2.000 ха. При реонизацијата на површините на дивокозата, секогаш треба да се внимава во границите на реонот или во ловиштето, да бидат опфатени и нејзините зимски живеалишта, при што минималната реонизирана површина, не смее да биде помала од онаа кај срнечкиот дивеч.

Кај дивата свиња, поради нејзината специфична екологија, површините што можат да се издвојат во посебни реони, не смеат да бидат помали од околу 3.000 ха.

Реонизацијата на површините се врши на карта во размер 1 : 50.000 или 1 : 25.000.

Паралелно со реонизацијата на површините, треба да се издвои и главниот вид на стопанисувањето. Како приоритетен треба да биде избран видот кој во конкретното ловиште ќе гарантира најрационално искористување на површините на ловиштето.

 

Leave a Reply

You cannot copy content of this page