Според одредбите од Законот за дивечот и ловството, „Ловец“ е физичко лице кое е оспособено за ловење на дивеч и ги исполнува условите согласно со Законот за дивечот и ловството и други закони.
Дозвола за ловење на дивеч, корисникот на дивечот во ловиштето, може да ја издаде на ловец кој има положено ловечки испит и поседува ловечка легитимација и има важечка дозвола за оружјето наменето за ловење.
Полагањето на ловечкиот испит е пропишано со член 64 и 65 од Законот за дивечот и ловството.
Право на полагање на ловечкиот испит имаат сите полнолетни државјани на Република Северна Македонија кои имаат поднесено барање за полагање на ловечки испит, уплатиле средства за полагање на ловечкиот испит и доставиле потврда за спроведената обука за полагање на ловечкиот испит издадена од Ловечката федерација на Македонија.
Ловечкиот испит се состои од два дела и тоа:
- прв дел (теоретски дел), со кој се проверува теоретското знаење на кандидатите со одговарање на определен број на прашања и
- втор дел (практичен дел), со кој се проверува способноста за препознавање на видовите дивеч и практична примена на законските одредби.
Ловечкиот испит се полага пред пет члена стручна комисија за полагање на ловечки испит која ја формира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Се смета дека испитот го положил оној кандидат кој точно одговорил на најмалку 51% од прашањата од првиот дел (теоретски дел) и најмалку 51% од вториот дел (практичен дел) од испитот.
На кандидатите кои го положиле ловечкиот испит, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство им издава уверение за положен ловечки испит, кое се издава на македонски јазик и неговото кирилско писмо, а доколку кандидатот е лице кое зборува јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Северна Македонија, уверението се издава и на неговиот јазик.
Стручната комисија, секоја година подготвува база на прашања за полагање на ловечки испит и истата се објавува на вебстраницата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Прашања и одговори за полагање ловечки испит
- Што се уредува со Законот за дивечот и ловството?
– Со овој закон се уредуваат одгледувањето, заштитата, ловењето и користењето на дивечот и неговите делови, заштитата, зачувувањето и унапредувањето на живеалиштата на дивечот, востановувањето, уредувањето и одржувањето на ловиштата, начинот на давањето на дивечот на користење, како и други прашања од значење на дивечот и ловството. - Што се смета за дивеч според Законот за дивечот и ловството?
– Дивеч се определени видови на животни и птици кои слободно живеат во природата или во оградени површини, а може да се одгледуваат, размножуваат, заштитуваат и ловат. - Во чија сопственост е дивечот во Република Македонија?
– Дивечот е во државна сопственост и како добро од општ интерес за Република Македонија ужива посебна заштита. - Дефинирај го поимот ловство?
– Ловството е стопанска дејност која претставува одгледување, заштита, ловење и користење на дивечот и неговите делови. - Наброј ги главните ловностопански видови на дивеч кои се застапени во РСМ?
– Обичен елен, срна, дива свиња, дивокоза, зајак, полска еребица, еребица камењарка и фазан. - Како е поделен дивечот според степенот на негова заштита?
– Дивеч под заштита и дивеч без посебна заштита. - Што се утврдува или пропишува за дивечот под заштита?
– Се утврдува ловостој, привремена и трајна забрана за ловење. - Како ќе го дефинираш поимот ловиште?
– Ловиште е определена површина на земјиште и води што претставува природна целина и во која постојат услови за траен опстанок, одгледување, заштита, ловење и користење на дивеч. - Што се подразбира под поимот ловостој?
– Ловостој е временски период од годината во кој е забрането ловење на определени видови на дивеч. - Кога е ловостој за дива свиња (мажјак)?
– Од 16 јануари до 30 април. - Кога е ловостој за дива свиња (женка – маторица)?
– Од 16 јануари до 14 септември. - Кога е ловостој за срндак?
– Од 1 октомври до 30 април. - Кога е ловостој за срна и лане?
– Од 1 февруари до 30 септември. - Кога е ловостој за дивојарец?
– Од 1 јануари до 31 јули. - Кога е ловостој за дивокоза и јаре?
– Од 1 јануари до 30 септември. - Кога е ловостој за обичен елен?
– Од 1 февруари до 31 август. - Кога е ловостој за кошута и младенчиња?
– Од 1 јануари до 31 октомври. - Кога е ловостој за муфлон (мажјак)?
– Од 1 февруари до 15 септември. - Кога е ловостој за муфлон (женка)?
– Од 1 февруари до 30 септември. - Кога е ловостој за зајак?
– Од 15 декември до 10 октомври. - Кога е ловостој за полска еребица?
– Од 15 декември до 10 октомври (до три единки по ловец во ловен ден). - Кога е ловостој за еребица камењарка?
– Од 15 декември до 10 октомври (до три единки по ловец во ловен ден). - Кога е ловостој за фазан во слободна природа?
– Од 1 јануари до 30 септември. - Кога е ловостој за потполошка (препелица)?
– Од 1 април до 31 јули. - Кога е ловостој за грлица?
– Од 1 април до 31 јули. - Кога е ловостој за шумска шљука?
– Од 1 април до 31 јули. - Кога е ловостој за гулаб гривнеж?
– Од 1 април до 31 јули. - Кога е ловостој за див гулаб?
– Од 1 април до 31 јули. - Кога е ловостој за гулаб дупкар?
– Од 1 април до 31 јули. - Кога е ловостој за дива пајка (пајка глувара)?
– Од 1 април до 31 јули. - Наброј 4 видови цицачи кои се трајно забранети за лов?
– Мечка, рис, видра, верверица, полв, стоболка. - Наброј 4 видови птици кои се трајно забранети за лов?
– Сив сокол, сокол остриж, јужен сокол, мал сокол, ветрушка, јастреби, луњи и други заштитени грабливи птици. - Што се подразбира под поимот ловна година?
– Ловна година е период од 1 април во тековната година до 31 март во наредната година. - Наведи плански документи со кои е уредено ловството во РСМ?
– Општа ловностопанска основа, посебна ловностопанска основа и годишен план за управување со дивечот. - Наведи неколку начини со кои е забрането да се лови дивеч?
– Со автоматска и полуавтоматска пушка со повеќе од два куршума, со експлозиви, отрови, ноќе, со стапици, мрежи, живи мамки и рефлектори. - Кои видови дивеч се ловат само со жлебени цевки?
– Обичен елен, елен лопатар, срна, дивокоза, мечка и алохтони видови. - Дали дивата свиња може да се лови со мазни цевки?
– Може, но со специјална муниција (кугла). - Што треба да поседува ловецот за ловење?
– Ловечка легитимација, дневна дозвола за лов и важечка дозвола за оружје. - Со каква храна се хранат еленот, срната, дивокозата и муфлонот?
– Со растителна храна (хербивори). - Што носат мажјаците од фамилијата на елени како секундарна полова карактеристика?
– Роговје. - Што носат на главата дивокозата и муфлонот?
– Рогови. - Која е разликата помеѓу роговје и рогови?
– Роговјето опаѓа секоја година, роговите растат цел живот. - Дали роговјето кај елените отпаѓа секоја година?
– Да. - Дали шупливорогите животни ги фрлаат роговите?
– Не. - Дали роговите се расчленуваат на парози?
– Не. - Кога обичниот елен го отфрла роговјето?
– Февруари – март. - Кога срндакот го отфрла роговјето?
– Ноември. - Кога еленот лопатар го отфрла роговјето?
– Април – мај. - Може ли кај дивокозата и муфлонот да се утврди возраста според роговите?
– Да, со броење на годовите. - Може ли кај дивокозата да се утврди полот според роговите?
– Да, според формата и аголот на свиткување. - Обичниот елен е моногамен или полигамен?
– Полигамен. - Може ли точно да се одреди возраста на еленот според роговјето?
– Не. - Кога се пари обичниот елен?
– Септември. - Колку трае гравидноста на кошутата?
– Околу 230 дена. - Кога се пари срната?
– Јули – август. - Колку трае гравидноста на срната?
– Околу 280 дена. - Како се нарекува одложената имплантација кај срната?
– Ембриотенија. - Кај кои други видови е застапена ембриотенијата?
– Мечка, куна белка, куна златка, јазовец. - Колку младенчиња најчесто коти срната?
– Две. - Кога се пари еленот лопатар?
– Октомври. - Во кој период од годината започнува парењето наречено „прск“ кај дивокозата?
– Ноември/декември месец. - Во кој период од годината започнува парењето наречено „мркање“ кај муфлонот?
– Есенски период октомври – декември. - Според начинот на исхрана, во која група на животни можеме да ја вброиме дивата свиња?
– Сештојади животни (омнивори). - Во кој период од годината се пари дивата свиња?
– Започнува на крајот на октомври и трае до средина на јануари. - Колку трае гравидноста кај маториците и колку прасиња најчесто опрасува?
– Околу 110–120 дена (3м 3н 3д), а најчесто 4–8 (6–8) прасиња. - Кој тип на заби се силно развиени кај вепровите и како се нарекуваат во горната и долната вилица?
– Очници: во горната вилица брусачи, во долната секачи. - Наброј неколку месојади (карниворни) животни кои се застапени во нашите ловишта?
– Мечка, волк, рис, чакал, лисица, куна белка, куна златка. - Дали волците се моногамни животни?
– Да, еднаш формиран пар се задржува до крајот на животот. - Во кој период од годината се парат волците и колку коти една волчица?
– Јануари – март, а коти 3–8 младенчиња. - Дали преовладува хиерархија во глутницата кај волците?
– Да, се пари само доминантниот пар (алфа мажјак и женка). - Кои предели од РСМ ги населува рисот?
– Западните делови на државата: Дешат, Бистра, Кораб, Стогово, Илинска, Плакенска, Јакупица, Јабланица, НП Шар Планина, НП Маврово, НП Галичица, Кичевско-Бродско ловностопанско подрачје, Дебарски регион. - Кои се основни морфолошки карактеристики на рисот?
– Куса опашка со заоблен црно обоен врв, темни пеги по телото, долги перчини влакна на врвовите од ушите. - Дали рисот е влезен во црвената листа на критично загрозени видови според IUCN?
– Да. - Кој е најголем претставник од копнените месојади животни во нашиот регион?
– Мечката. - Дали мечката е типичен хибернатор?
– Не, таа е атипичен хибернатор. - Во кој период се пари мечката и кога ги коти младенчињата?
– Се пари од мај до средина на јули, а коти од јануари до март. - Колку младенчиња најчесто коти мечката?
– 1–3, ретко 4. - Колкава е просечната маса на новородено младенче од мечка?
– Околу 350 g (250–500 g). - Кои се основни морфолошки карактеристики на дивата мачка?
– Рунтава опашка со 5–7 темни прстени и темен завршеток, 2–3 темни пруги од темето по грбот, црно обоени табани и непца. - Дали дивата мачка е генетски најзагрозен вид?
– Да. - Која е основна морфолошка разлика помеѓу куната белка и куната златка?
– Белката има бела дамка на градите што се спушта по рамената, а златката има жолтеникава округла дамка. - Дали куната белка и куната златка делат исти места на живеење?
– Не. Златката е врзана за шуми, белката сака камењари и може да се забележи и во урбани средини. - Колку пати се парат зајаците во текот на годината?
– 2–5 пати. - Колку трае гестацијата кај зајачицата?
– 42 дена. - Во кој период од годината не се парат зајаците?
– Зима. - Колку младенчиња просечно раѓа една зајачица годишно?
– 10–12 зајачиња. - Дали новородените зајачиња се целосно оформени и обраснати со влакна?
– Да. - Дали кај зајаците е застапена суперфетација (двојна матка)?
– Да. - Во кој период се парат фазаните и колку јајца носи една фазанка?
– Март месец и носи 10–12 јајца. - Дали кај фазаните преовладува харемски полигамен систем?
– Да (1:4 до 1:6 во корист на женките). - Во кој период полските еребици се издвојуваат во парови?
– Првата половина на февруари. - Дали полската еребица и еребицата камењарка се моногамни видови?
– Да. - Кој го сочинува овогодинешното јато од полска еребица и еребица камењарка?
– Родителите (мажјак и женка) и овогодинешниот подмладок. - Која е единствена преселна птица од редот на кокошките кај нас?
– Потполошка (препелица). - Наброј неколку видови птици од фамилијата на гулаби?
– Гулаб гривнеж, див гулаб, гулаб дупкар, гугутка, грлица. - Која е единствена преселна птица од фамилијата на гулаби?
– Грлица. - Во кој период може да се забележи шумската шљука во нашиот регион?
– Во зимскиот период (крај на ноември – декември). - Наброј неколку видови патки кои можат да се забележат во нашиот регион?
– Дива патка (глувара), патка берија, ластарка, патка свиркач, патка лажичарка и сл. - Наброј неколку видови грабливи птици кои можат да се забележат во нашиот регион?
– Јастреб кокошкар, јастреб врапчар, јастреб глувчар, сив сокол, сокол остриж, сур орел, полски орел, голем орел кликач итн. - Кои активности треба да се преземаат при природното одгледување на дивечот во ловиштата?
– Зголемување на природниот потенцијал за храна, формирање засолништа, поилишта и калишта, хранилишта, складишта и солишта. - Вештачкото одгледување/производство на дивеч успешно се применува кај кој вид?
– Кај фазаните. - Што се подразбира под поимот бонитирање на ловиштата?
– Проценување/оценување на вредностите на еколошките фактори од кои зависи опстанокот и размножувањето на дивечот. - Дали бонитетните фактори имаат исто влијание врз опстанокот на дивечот?
– Не. - Што се подразбира под ловнотехнички објекти во ловиштето?
– Направи што се градат во ловиштата и служат за одгледување, заштита и користење на дивечот. - Наброј неколку ловнотехнички објекти во ловиштата?
– Хранилишта, складишта за храна, солишта, калишта, поилки, набљудувачници. - Како се нарекуваат ловнотехничките објекти каде се изнесува сол?
– Солишта. - Во ловишта со дива свиња и обичен елен, што е неопходно покрај храна и вода?
– Калишта. - Која е основна цел при одгледување на крупен дивеч?
– Да се доведе густината до капацитетот и да се подобри трофејната вредност. - Која е основна цел при одгледување на ситен дивеч?
– Да се постигне што поголема бројност (квантитет). - Дали правилен полов сооднос и возраст влијаат на трофејната вредност?
– Да. - Како се дели ловечкото оружје според начинот на дупчење на цевките?
– Оружје со мазни цевки и оружје со жлебени (избраздени) цевки. - Како се вика оружјето со кое може да се лови и крупен и ситен дивеч?
– Комбинирано оружје. - Според начинот на полнење, пушките сачмарки можат да бидат?
– Репетирки и полуавтоматски. - Од кои делови се составени пушките сачмарки?
– Кундак, подкундак, цевка и глава (баскула). - Кои механизми се сместени во главата на пушката сачмарка?
– Механизам за повлекување (чкрапнување), механизам за затегнување на иглите и игли. - Од кои делови е составена цевката кај пушките сачмарки (надолжен пресек)?
– Лежиште на патронот, преоден конус, душа на цевката и чок. - Што се подразбира под поимот чок?
– Стеснување на цевката. - Каде се наоѓа чокот на цевката?
– На врвот/устата на цевката. - Колку вида чокови постојат?
– Полн чок, три четвртини чок, половина чок и една четвртина чок. - Објасни што е калибар 12, 16 или 20 кај пушките сачмарки?
– Од една англиска фунта (453,6 g) олово ако се излеат 12 кугли со ист пречник, пречникот на тие кугли го дава калибарот 12; исто важи и за 16, 20 итн. - Што означува бројот 12/65, 12/70, 12/76, 12/89?
– Првиот број го означува калибарот, а вториот должината на лежиштето на патронот. - Од кои делови се составени пушките куглари/карабини?
– Кундак со подкундак, глава (баскула) и цевка. - Колку нишани имаме кај пушките куглари/карабини и кои се тие?
– Два: преден и заден нишан. - Објасни што е калибар кај пушките со жлебени цевки (пример 8×57)?
– Првиот број го означува пречникот на душата на цевката, а вториот должината на чаурата. - Како се делат кундаците според нивната форма?
– Англиски и германски кундаци. - Која е идеална далечина за застрел со пушките сачмарки?
– 30 до 50 метри. - Од кои делови е составен патронот кај пушките сачмарки?
– Чаура, каписла, барутно полнење, тапа, сачми, капачиња. - Од кои делови е составен патронот кај пушките куглари?
– Чаура, каписла, барутно полнење и зрно. - На кој начин дивечот остава траги во природата?
– Стапки (прсти, цели шепи, копита), измет, изгризани гранки и леторасти, изгулена кора од дрвјата, риеници на почвата, остатоци од влакна/пердуви итн. - Како се вика науката која ги проучува кучињата?
– Кинологија. - Наведи неколку групи на ловечки кучиња?
– Гонители/гоничи, брак-јазовичари, јамари, душкачи, крвоследници, ретривери, птичари (англиски и континентални). - Наведи неколку кучиња кои спаѓаат во групата на гоничи/гонители?
– Српски тробоен гонич, истарски кусовлакнест гонич, истарски оштровлакнест гонич, посавски гонич, српски/балкански гонич, алпинец, босански барак. - Наведи неколку кучиња кои спаѓаат во групата на птичари?
– Поентер, англиски сетер, гордон сетер, бретонски епањел, германски кусовлакнест птичар, пудл поентер, голем и мал мистерлендерски птичар. - Наведи неколку кучиња кои спаѓаат во групата на крвоследници?
– Баварски крвоследник, хановерски крвоследник. - Кој вид куче треба да го поседува корисникот на дивечот во ловиште каде се лови двопапкарски дивеч?
– Крвоследник. - Кај кој вид дивеч јасно се гледа отпечатокот на запапците (задните прсти)?
– Дива свиња. - Кој вид дивеч храната ја бара со карактеристично риење на почвата?
– Дива свиња. - Трагите од мечка се свртени навнатре и има јасни отпечатоци од што?
– Од силно развиените нокти. - Како изгледа изметот од мечка и дали може да се помеша со друг?
– Доста габаритен, во вид на распрскано купче и не може да се помеша со друг вид дивеч. - Трагата од волк најчесто може да се помеша со трагата од?
– Овчарско куче. - Во изметот од волк најчесто се забележуваат какви остатоци?
– Коски/влакна како несварени состојки од пленот. - Дали во трагите од дива мачка се забележуваат отпечатоци од нокти?
– Не, таа ги вовлекува ноктите. - Дали во трагите од јазовец се забележуваат отпечатоци од нокти?
– Да, јасно се гледаат долгите отпечатоци. - Во трагата од зајакот кои нозе јасно се забележуваат?
– Задните нозе. - Изметот (брбушките) од зајакот се со каква боја?
– Жолтеникаво-кафеава боја. - Што се тоа ловечки трофеи?
– Делoви од дивечот подготвени или препарирани да се зачуваат подолг период и се оценуваат според меѓународни стандарди. - Дали трофеите имаат прометна вредност?
– Не. - Што се смета како врвен трофеј и дали може да го откупи државата?
– Трофеј со повеќе бодови од претходно евидентираниот првак; државата може да го откупи и се чува во Природно-научен музеј. - Што се оценува како трофеј од обичен елен?
– Роговјето со дел од черепот. - Што се оценува како трофеј од мечка?
– Крзно и череп. - Што се оценува како трофеј од дива свиња?
– Забите очници (кљови) од вепровите. - Што се оценува како трофеј од дивокоза?
– Роговите со дел од череп или препарирана цела глава. - Што се оценува како трофеј од срндак?
– Роговјето со дел од черепот. - Што се оценува како трофеј од волк?
– Крзно и череп. - Што се оценува како трофеј од лисица и јазовец?
– Само черепот. - Во кој случај дивечот може да направи посериозни штети врз земјоделските култури?
– Кога има пренамножување на дивеч во ловиштата. - Што треба да се одржува во нормала за да има помалку штети?
– Нормалната бројна состојба на дивечот. - Како можат да се поделат надворешните причини за заболување на дивечот според потекло?
– Механички, хемиски, климатски и биолошки. - Кои се механички причини за заболување на дивечот?
– Повреди, скршеници, примки, стапици и несоодветна муниција. - Кои се биолошки причини за заболување кај дивечот?
– Паразити, бактерии, вируси и габи. - Кое е најпознато вирусно заболување кај дивите свињи?
– Африканска свинска чума. - Кое е најпознато паразитско заболување кај дивите свињи, што се пренесува и на човек?
– Трихинелоза. - Кое диво животно најчесто заболува од беснило и дали може да се пренесе на човек?
– Лисицата; да, може да се пренесе. - Наброј неколку мерки за спречување појава и ширење на болести?
– Одржување соодветна густина на популацијата, дренажа на мртви води, безштетно отстранување на пцовисани животни, редуцирање на животни што пренесуваат болести. - Што треба задолжително да носи со себе секој ловец за време на лов?
– Кутија за прва помош со основна опременост. - Наведи неколку примери каде ловците не применуваат ловечка етика?
– Измачување на ранет дивеч, пукање на несоодветна далечина, непотребно ранување, пукање на ситен дивеч при стоење, пукање на крупен дивеч во трк, несоодветно фотографирање, не оддавање почит за одземањето на живот.