Потполошката или препелицата (Coturnix coturnix) е мала полска кокошка која мигрира двапати годишно.
Потполошката може да израсне во тежина најмногу до 150 грама. Основната боја на пердувите е жолтеникаво-кафена, со темни жолтоцрвени попречни и светли бледо-жолтеникави надолжни дамки.
Како преселна птица (летен резистент), потполошката во нашите краишта доаѓа во април и веднаш се одделува во парови, кои најчесто, во младо жито, си прават гнезда.
Некои автори сметаат дека потполошката е полигамен вид и мажјакот живее во многуженство. Во многу едноставното гнездо, женката снесува од 8—14 јајца со крушовидна форма и на нив лежи 19—20 дена.
На оваа птица со децении негативно влијае губењето на живеалиштата и интензивното земјоделство, така што популацијата која се гнезди низ нејзиниот ареал во Македонија се намалува.
Во почетокот на септември, потполошките се собираат во големи јата и ноќно време се селат на југ. При селидбата, потполошките најмногу страдаат, а особено ако временските услови не се поволни при прелетувањето на Средоземното Море кон Африка.
Одделни примероци (најверојатно што не можеле сосема да израснат до почетокот на септември) остануваат кај нас, а во поволни услови ја преживуваат и зимата.
При нејзиното повторно враќање од Африка, таа ги населува речиси сите европски земји и делови од Азија се до 60° од северната географска широчина (се до Индија и Кина).
Атрактивен дивеч за ловен туризам
Меѓу малите птици, потполошката е најчесто ловен вид на дивеч во Македонија и доста интересна за странските ловни туристи. Сепак, потполошката не била претерано интересна за домашните ловци се до седумдесеттите години на 20 век, кога брзо се развивал ловечкиот туризам, а особено се зголемил бројот на гости-ловци од Италија. За ловечки ручек потребни се голем број уловени потполошки, бидејќи оваа кокошка има мала маса.

Лов на препелици
Покрај тоа, ловот на потполошки е исклучително динамичен за ловците и нивните кучиња. Меѓутоа, со тек на време како што се намалуваше популацијата, стануваше сè потешко да се улови доволно потполошки, па многу ловци започнаа да користат неспортски методи како што се повикување со помош на снимен звук (електронски повик), пукање со полуавтоматско оружје, фаќање живи птици во мрежи и слично.
На удар на ловокрадството
Потполошката е страшно погодена од ловокрадство по целиот прелетен пат. Так на пример, во текот на август и септември низ соседна Србија, ловокрадците воспоставуваат и користат меѓу 600 и 1.000 законски забранети електронски вабилици, и на овој начин годишно се убиваат повеќе од 50.000 единки. Кога на таа бројка ќе се додадат околу 40.000 легално застрелани потполошки, јасно е дека популацијата на овој вид на дивеч масовно и непромислено се уништува. Не е подобра состојбата и во другите балкански земји, на Блискиот Исток и Северна Африка, каде што милиони птици умираат за време на миграцијата.
Друга опасност демне во употребата на мамките: тие ги пренасочуваат и нарушуваат миграциските патишта, а потполошките ги повикуваат на одмор и опоравување во претежно несоодветни живеалишта – на обработливо земјиште кое е безводно и обработено со пестициди.
Десеткувани во број, недоволно зајакнати, со организми ослабени од затруена храна и вода, многу потполошки нема да стигнат до зимските дестинации, а исклучително мал процент на пролет ќе се вратат на гнездата.
Употребата електронски вабилици е забранета
Употребата на електронски вабилици на територијата на Македонија е забранета со Законот за заштита на природата (член 43, став 1, точка 6) и Законот за дивеч и лов (член 76, став 3), како и со голем број меѓународни договори. Според Кривичниот законик, употребата на мамки во ловиште се казнува со затворска казна од шест месеци до три години.

Вабилица за препелици
Ова правно законодавство влезе во националното законодавство преку разни Конвенции и Договори за чие спроведување Македонија се обврза со Закон, како што се:
- Конвенција за биолошка разновидност, Закон за ратификација (“Службен весник на РМ” 54/97);
- Картагенски Протокол за биосигурност кон Конвенцијата за биолошка разновидност, Закон за ратификација (Сл. Весник на РМ бр. 40/2005);
- Конвенција за заштита на миграторни видови диви животни (Бон), Закон за ратификација (“Службен весник на РМ” 38/99);
- Конвенција за заштита на дивиот растителен и животински свет и природните живеалишта во Европа (Берн), Закон за ратификација, (“Службен весник на РМ” 49/97);
- Договор за заштита на Африканско-Евроазиските миграторни видови водни птици (Хаг), Закон за ратификација (“Службен весник ан РМ” бр. 32/99).
Забраната за употребата на електронски вабилици, Конвенцијата за заштита на дивиот растителен и животински свет и природните живеалишта во Европа (Берн) ја пропишува во нејзиниот член 8, а во Додаток IV ги наведува забранетите средства и методи на убивање, заробување и други форми на експлоатација.
Вообичаениот тип на нелегален лов со огнено оружје наведен во гореспоменатите членови од овие закони вклучува употреба на „ аудионаправи (магнетофони, касетофони и друго) кои емитуваат звуци на довикувања, болка или јавување “, „ со омамливи средства, вештачки и живи мамки “.