Ловиште “Ниџе”

 

Ловиштето “Ниџе” – Битола со Одлука на Владата на РМ за востановување на ловишта на територијата на РМ во 2009 година беше востановено како ловиште за крупен дивеч, за со новата Одлука за востановување на ловишта на територија на Северна Македонија од 2024 година да биде ревостановено како ловиште. Тоа припаѓа на Пелагониското ловностопанско подрачје – реон Битола и се наоѓа во јужниот дел на Република Македонија, односно југоисточно од градот Битола во областа позната како Мариово. Вкупната површина на ловиштето изнесува 20.286 ха.

Ловиштето е распространето врз северозападните делови на истоимената планина Ниџе. Планината Ниџе во релјефот се јавува како маркантен морфолошки облик во форма на венец, каде доминираат врвовите: Кајмакчалан (2.520), Ниџе (2.362), Страков гроб (1.884) и Сокол (1.822). Главниот гребен на оваа планина има правец на протегање исток-запад и по него се движи граничната линија помеѓу Република Македонија и Република Грција.

Целата површина на ловиштето се карактеризира со изразено развиена конфигурација, односно планински мошне висок и силно испресечен релјеф. Теренот воглавно е стрмен до многу стрмен по кого јасно се изразени повеќе ридови во ловиштето.

Најголема надморска височина во ловиштето е врвот “Кајмакчалан” со надморска височина од 2.520 метри, додека најмала надморска височина е регистрирана кај село Скочивир и изнесува 571 метри. Висинската разлика помеѓу најмалата и најголемата надморска височина изнесува 1.949 метри.

Теренот врз кој се простира ловиштето се карактеризира со развиена хидрографска мрежа. Развиеноста на хидрографската мрежа е резултат на повеќето големи и разгранети сливни подрачја во ловиштето, како и поголеми вототеци. Најголемиот број од реките кои течат низ ловиштето имаат длабоко засечени корита над кои се издигаат доста стрмни страни од ридовите. Поголеми водотеци во ловиштето се следните: Црна река, Градешка река, Сува река, Бела река, река Трновица, Петалинска река и др.

Според структурата и составот на вегетацијата, во ловиштето преовладуваат добри услови за природна исхрана на дивечот. Покрај тоа, застапеноста на најразлични типови на шуми на дивечот му обезбедуваат природни засолништа што е многу значајно особено во репродуктивниот период.

Комплексноста и меѓусебното делување на орографските, едафоеколошките и климатските услови, допринеле за формирање голем број на шумски заедници кои се јавуваат во ловиштето. Застапени се повеќе зонални и екстразонални подрачја во кои се јавуваат поголем број на шумски заедници, како на пример шумските заедници на даб благун и бел габер; на даб горун; на подгорската, горската и субалпската бука; разни борови и елови шумски заедници и др. Во највисоките делови од ловиштето каде престанува шумската вегетација се јавуваа разни алпски тревни заедници.

Според главните природни карактеристики на ова подрачје, ловиштето “Ниџе” одговара за одгледување и заштита на крупен дивеч, за која намена е установено со Одлука на Владата на РМ за установување на ловишта на територијата на РМ. Меѓутоа, во одделни делови од ловиштето постојано се сретнува и дивиот зајак кој и покрај тоа што е ситен дивеч и се појавува во помал број на ограничена површина во ловиштето вогланом до околу 1200 м надморска височина, тој е третиран како и останатите носечки ловностопански видови во ловиштето (срна, дива свиња и др.).

 

Дивеч во ловиштето

 

Во ловиштето „Ниџе” застапени се дивата свиња и срната, но во одделни делови од ловиштето постојано се сретнува и дивиот зајак. Тој и покрај тоа што е ситен дивеч, се појавува во мал дел од површината на ловиштето и тоа на 1.200m надморска височина.

Во отворениот дел од ловиштето може да се сретне и мечката, но и обичен елен кој секоја година концесионерот со дивечот во ловиштето го испушта од оградениот во отворениот дел.

Покрај овие видови, во ловиштето редовно или периодично се среќаваат и други видови дивеч како што се: јазовец, еребица камењарка, разни видови на гулаби, шумска шљука и други видови на пердувест и влакнест дивеч.

Од дивеч без заштита се сретнуваат: волк, лисица, ласица, куна белка, куна златка, твор, страчка, јастреб кокошкар и други.

Во оградениот дел од ловиштето може да се сретнат и некои алохтони видови дивеч, како што се елени лопатари, горски елени, сика елени, берберски овци, дива свиња, срна и муфлони.

 

Најголема инвестиција во ловството

 

Корисник на дивечот во ловиштето од септември 2010 година па во следните 20 години е претпријатието ЕУРОИМПЕКС ДОО – Скопје, кое е попознато по тоа што е генерален дистрибутер на возилата од програмата на Пежо.

Ова претпријатие со својата работа и вложувања во ловството покажа дека приватниот капитал носи развој и унапредување на ловиштата. Инвестициите во заштитата и во одгледувањето на дивечот носат резултати, па така ова е исклучително респектабилно ловиште и во пошироки рамки.

Благодарение на големите инвестиции степенот на заштита на дивечот и квалитетот на одгледните мерки се подигнати на исклучително високо ниво.

Од капиталните инвестиции корисникот на дивечот во ловиштето до сега во во западен дел од ловиштето има изградено поголем број на ловнотехнички и ловностопански објекти, помеѓу кои се истакнува ограденото ловиште за одгледување и застрел на дивеч кое располага со елени лопатари, горски елени, сика елени, берберски овци, дива свиња, срна и муфлони.

Ограден простор за интензивно одгледување и застрел на дивечот Хранилиште за крупен дивеч

Во ловиштето, во рамките на на оградата за интензивно одгледување и застрел на дивеч изградени се повеќе ловностопански објекти, помеѓу кои со својот раскош и убавина се истакнува современата ловечка куќа од екстра висока категорија со корисна капацитет за сместување на 14 ловци.

Современа ловечка куќа  од екстра категорија

Покрај неа за сместување на ловците изградени се уште две современи ловечки куќи од висока категорија, од кои едната е со капацитет за сместување на 8 ловци, а другата е со корисна капацитет за сместување на 14 ловци.

Современи ловечки куќи од висока категорија

Исто така во ловиштето постои и ловечка куќа за сместување на ловочувари, која е со капацитет за сместување на 6 лица.

Современа ловечка куќа за сместување на ловочуварите

Очигледно во ова ловиште имаат јасна цел – да се чекори нанапред, да се развива ловниот туризам и ловиштето „Ниџе“ да биде пример како треба да изгледа еден ловен центар на Балканот.

Според досега изграденото и вложеното во ова ловиште, може да се каже дека инвестициите во развојот на ловиштето „Ниџе“ се најголеми во ловството во поново време.

 

Предел богат со историја

 

Пределот на кој се простира ловиштето нуди мноштво на содржини кои можат да ги задоволат вкусовите како на на ловните туристи, така и на сите вљубеници во природата и на алтернативниот туризам. Богатата историја и близината на Р. Грција, надополнето со природните убавини и мноштвото на дивеч го прават ова ловиште многу просперитетно за развојот на руралниот и ловниот туризмот. Кога на ова ќе се надоврзе и езерото “Чебен“, кое ќе биде во непосредна близина на ловиштето, се чини дека овој регион во догледна иднина има добри изгледи да стане бренд во поглед на туризмот.

Имајќи во предвид што туризмот станува се поскапа работа на глобално ниво, верувам дека државата ќе го препознае потенцијалот на овој регион и преку низа мерки, помеѓу кои и во ловството, ќе го стимулира и потпомогне неговиот развој и промоција. Ловството може да биде голем чекор напред во развојот и промоцијата на руралниот туризам во овој до сега најзапоставен крај во нашата држава.

На просторот на ловиштето се одвивала познатата битка за Кајмакчалан за време на првата светска војна во која се судриле бугарската и српската војска. Овие две војски потпомогнати од своите сојузници воделе тешки битки за освојување на врвот Кајмакчалан при што претрпеле големи загуби. Поради тоа овој простор е дел од историјата на голем број на европски народи. Сведоци на тие времиња се големиот број на ровови, бункери, гробови, споменици и разни други остатоци кои во денешно време се вистинска туристичка атракција. Навистина чудно, додека другите народи во недостаток на историски настани смуслуваат приказни за да привлечат туристи, ние со толку богата историја не успеваме да се афирмираме во полето на туризмот.

Во ловиштето за жал сеуште не постојат изградени стопански објекти наменети за сместување и престој на ловците и туристите. За оваа намена посетителите можат да ги користат старите куќи во ловиштето, конаците во манастирот во село Будимирци, како и постојните шумски куќи кои се наоѓаат во ловиштето но се од ниска категорија. Сепак постојат планови, концесионерот на ловиштето да изгради современ наменски сместувачки капацитет кој ќе ги задоволи вкусовите и на најпребирливите ловци и туристи.

Во близина на врвот Кајмакчалан од грчка страна постои современ зимско-рекреативен центар со ски лифтофи, жичари и скијачки патеки од каде се протега величенствен поглед на Солунското поле и Егејското море.

 

One thought on “Ловиште “Ниџе”

Leave a Reply

You cannot copy content of this page