Видовите од родот на елените особено се распространети во Европа, Северна Америка и Северна Африка, а некои се среќаваат и на подрачјето на Индомалајската област (елен-аксис), и Јапонските острови (сика-елен).
Подвидот што е распространет на Балканскиот Полуостров, па и во Македонија е таканаречениот домашен брдски елен (Cervus elaphus montanus Bot.).
Обичен елен, наречен и благороден елен, ридски елен или црвен елен (науч. Cervus elaphus) – еден од најголеимте видови од родот на елените (Cervidae).
Обичен елен (Cervus elaphus L.)
Обичен елен (Cervus elaphus L.) во Македонија
Во Македонија, обичниот елен некогаш бил автохтон на ридските и планинските предели (оттаму и се нарекува „ридски елен“), но постепено исчезнал на највеќето места. Постојат сигурни докази дека на подрачјето на Македонија се одржал единствено како автохтон вид на планината Кожуф.
Денес како резултат на населување во слободна природа е застапен на повеќе места како резерватот „Јасен“, националните паркови „Маврово“ и „Пелистер“, како и во ловиштата „Кадина Река“ и „Ниџе“. Обичен елен може да се сретне и во други ловишта кои граничат со претходно наведените, но тоа се единечни примероци и не се стабилни популации.
Обичен елен (Cervus elaphus L.) во ловиште „Караорман“
Во минатиов период како резултат на развојните програми во ловството, обичниот елен почна да се одгледува во неколку оградени ловишта во државата, како што се „Ниџе“ (каде секоја година испуштаа одреден број единки во природа), „Караорман“, „Пониква“, „Конечко“ и др.
Според податоци од 2006 г., обичниот елен се одгледува на површина од 30.000 хектари, а бројната состојба е околу 300 грла.
Во Македонија обичен елен (Cervus elaphus L.) е дивеч под заштита за кој е утврден ловостој од 1 февруари до 31 август.
Изглед на обичниот елен
Нашиот балкански елен е крупно животно. Должината на телото му изнесува околу 230 cm; а висината околу 150cm. Наполно возрасен мажјак може да достигне тежина и до 300 kg, додека женката е значително помала и по правило не е потешка од 150 kg. Мажјакот се нарекува елен, женката кошута, а младото еленче.
Животното спаѓа во подредот преживари и има четириделен желудник. Генетските наоди укажуваат на тоа дека обичниот елен всушност претставува видова група (комплекс) наместо единствен вид, иако останува да се види колку вида спаѓаат во истата.
Роговје на обичниот елен
Роговјето што по правило го има само мажјакот, почнува да му расте 8-10 месеци по раѓањето, односно првин му се развива основата – наречена рожиште (високо од 4-8 cm).
Првото роговје почнува да му расте дури од половината на втората календарска година и има облик на шило. Во мај третата година, ова роговје му паѓа, а потоа му растат други кои по правило немаат парози (странични израстоци на роговјето). Второто роговје на еленот му паѓа во месец март наредната година и до август истата година му израснува трет, кое освен еден до два парога има формирано венец (проширување во основата на роговјето). Во наредната година, роговјето на еленот редовно му паѓа кон крајот на м. февруари или во почетокот на март, а до јули му се развива ново уште посилно роговје.
Сосема оформено роговје може да тежи и 15 kg. На ова подоцнежно роговје му израснуваат и поголем број парози кои според местото каде што се израстени се наречуваат: првиот над очите – надочник, во средината – средник. Парогот што се јавува меѓу надочникот и средникот се означува како леденик, а парогот меѓу средникот и круната на рогот – волчјак.
Според бројот на парозите, елените се именуваат како шестерци, осмерци, десетерци итн. Ако едната гранка од роговјето има еден парог помалку, тогаш при означувањето се зема поголемиот број парози, но притоа се додава зборот „неправилен“.
Убавината и големината на роговјето кај еленот зависат како од неговата возраст и потекло, така и од квалитетот на исхраната. Возраста на елените не се утврдува според бројот на парозите, туку со помош на истрошеноста на забите или пак по неговиот општ изглед.
При растењето, роговјето е ‘рскавично и заштитено со покожица богата со крвни садови (роговје во „баст“). Круната на роговјето може да биде најразлична, но во секој случај треба да има најмалку три парози.
Еленот како преживар се храни со растителна храна. Поради тоа, тој најчесто пасе на шумски ливади и го брсти лисјето на дрвјата и на грмушките, поради што понекогаш може да причини штети врз одделни млади стебла и насади. Исто така, еленот може да причини извесни штети и за време на чистењето на роговјето од бастот, при што го трие по гранките и по младите разгранети стебла.
Трофејната зрелост еленот ја достига меѓу 8 и 11 година од животот, а потоа квалитетот на роговјето опаѓа.
Месото од еленот, како и неговата кожа имаат значителна употребна вредност. Сепак, тој се одгледува првенствено заради роговјето како ловечки трофеи.
Социјален живот на обичниот елен
Возрасниот мажјак ја проведува речиси целата година во исклучиво машка група. Кога ќе дојде сезоната на парење, полово зрелите мажјаци почнуваат да се натпреваруваат за вниманието на женките и потоа се обидуваат да ги одбранат женките што ќе ги привлечат. Соперниците одат напоредно на предизвиканите и си ги одмеруваат роговите, телото и борбената способност. Ако ниеден од двајцата не се повлече, следува борба со роговите, која понекогаш завршува со значајни повреди.
Доминантните мажјаци следат групи женки за време на сезоната, од август до почетокот на зимата. Еден мажјак може да има дури до 20 женки кои ги штити од други, помалку привлечни мажјаци. Овие групи (наречени хареми) ги водат само возрасните мажјаци, и мажјакот е најуспешен во парењето на возраст од 8 години. Оние на возраст од 2-4 години ретко имаат свои хареми, и ја проведуваат сезоната за парење во надворешните делови на поголемите хареми, а истото важи и за мажјаците стари преку 11 години. Помладите и постарите мажјаци што успеваат да направата харем го водат подоцна во сезоната отколку што тоа го прават мажјаците кои се на „подобни“ години. Кога го води харемот, мажјакот ретко јаде и губи до 20% од телесната тежина.
Мажјаците на обичниот елен во сезоната на парење се огласуваат со карактеристичен рев, за разлика од мажјаците на американскиот лос, кои се огласуваат со трубечки глас, погоден на отворените предели во кои живеат. Огласувањето на мажјакот служи да ги држи женките заедно. Од своја страна пак, женките првично се привлекуваат кон мажјаците со најчест и најгласен ред. Истото огласување се слуша и во натпреварот за женки помеѓу мажјаците заедно со поставување на телото и борбите со рогови. Викот е најчест на изгрејсонце и на залез, кога е впрочем и најактивен самиот елен.
Реклиматизација на обичен елен (Cervus elaphus) во ловиште „Ниџе“
Обичниот елен живее преку 20 години во заробеништво, а 10 до 13 години во дивина, зависно од степенот на опасност од грабливци. Некои подвидови со помалку непријатели во дивината живеат просечно по 15 години.
Парење, бременост и животен век
Мажјакот по правило прави дузина обиди за парење пред да наиде на успех. Еленот е полигамен вид и за време на парењето оплодува повеќе женки за чија наклоност се бори жестоко со своите соперници. Тој се пари со една женка повеќекратно, пред да прејде на друга во неговиот харем. За време на парењето, што се случува во септември и октомври, елените рикаат, што е прв знак дека парењето започнало.
За време на втората есен од животот, женките раѓаат по едно (или многу ретко по две) младенчиња годишно. Бременоста трае 240 до 262 дена, a раѓа најчесто едно младо кон крајот на март и април, односно мај. Новороденчето тежи околу 15 кг. По две недели, младото се оспособува да му се придружи на стадото, а по два месеца сосема се одвикнува од цицање. Како и кај многу други видови елени, младенчињата по телото имаат дамки кои ги губат на крајот од летото. Сепак, некои возрасни единки задржуваат по неколку дамки на летното крзно. Младото останува со мајката речиси цела година и ја напушта кога ќе дојде време да се роди следното поколение. Периодот на бременост е ист кај сите подвидови.
Непријатели на обичниот елен
Најголем природен непријател на обичниот елен е волкот. По правило, сам возрасен елен не може да се справи со еден поголем грабливец, и за таа цел му помага стадото, кога е наоколу. Елените се штитат со копитата, а мажјаците и со роговите. Меѓу другите непријатели се вбројуваат рисот и мечката. Најчест плен се младите еленчиња и изнемоштените или болни единки.
Покрај ова, меѓу непријателите на еленот може да се смета и човекот. Ловот на обичниот елен во дивина е на многу места забранета, и се дозволува само во ловишта, под контролирани услови. Благодарение на усилбите на ловечките ентузијасти, бројноста постепено му се зголемува.