Ловиштето „Шешково” се чини дека не е многу познато и експонирано во јавноста во Македонија, но согласно ловната инфраструктура тоа секако заслужува почит. Ловиштето во последната деценија, благодарение на концесионерот со дивечот во ловиштето доживува своевидна ренесанса, кој со низа инвестиции и високо професионална работа создаде вистински ловечки бисер на бреговите на Тиквешкото Езеро.
Ловиштето бр.1 „Шешково” – Кавадарци за прв пат е востановено како ловиште за крупен дивеч со Одлука на Владата на Република Македонија за востановување на ловишта на територијата на Република Македонија во 2009, а повторно е ревостановено како ловиште во 2024 година. Тоа се простира западно од Тиквешкото Езеро на површина од 13.056 ха
Ловиштето „Шешково” се наоѓа во Долно – Вардарско ловностопанско подрачје и е дел од ловен реон Кавадарци. Тоа се наоѓа јужно од реката Дреновица, источно од а.т.г. на општината Кавадарци со општина Прилеп, северно и западно од левиот брег на Тиквешкото езеро.
Пристапност и отвореност со сообраќајници
Во поглед на пристапност и сообраќајната отвореност, ловиштето се карактеризира со слаба пристапност и отвореност.
До ловиштето, или во неговата непосредна одалеченост, не води ниту еден јавен патен правец од повисока категорија. Најблизок јавен (асфалтен) патен правец е пат кој доаѓа од село Возарци до браната на Тиквешкото Езеро.
Единствена каква – таква поврзаност со надворешноста, односно пристапност во ловиштето со моторни возила е возможна по шумскиот (камионски) пат, кој од браната на Тиквешкото Езеро оди за село Шешково, а од таму продолжува до село Праведник.
Во останатите делови на ловиштето, пристапноста со возила донекаде е возможна единствено со употреба на соодветни теренски возила или трактори и тоа само по тракторските влаки, необраснатите површини и само во сушниот период на годината.
Дивеч во ловиштето
Местоположбата, разнообразноста на релјефните форми како и висинска разлика меѓу најголемата и најмалата надморска височина влијаат во ловиштето да има поволни услови за одгледување на срнскиот дивеч, дивата свиња, но и еребицата камењарка за која постојат одлични услови за опстанок во централните и југозападните делови од ловиштето.
Во повисоките делови од ловиштето постојат оптимални услови за опстанок на срната. Дивата свиња најчесто се задржува во дабовиот појас, но во зависност од годишното време и расположливата храна, таа навлегува и во повисоките делови на ловиштето (буков појас).
Покрај наведените видови на дивеч, во ловиштето може да се сретнат и други видови дивеч под заштита како што се: зајак, лештарка, видови од фамилијата на гулабите, како и други видови на пердувест и влакнест дивеч.
Во ловиштето бр.1 „Шешково” се сретнуваат и повеќе видови на дивеч без заштита, помеѓу кои најзастапени се следниве видови: волк, лисица, куна белка, куна златка, ласица, твор, чавка, пепелава врана, јастреб кокошкар и др. Бројноста на овие видови варира, но не е регистрирана пренамноженост на истите.
Ловнотехнички објекти во ловиштето
Покрај ловнотехничките објекти во отворениот дел од ловиштето, во ловиштето постои ограден простор за одгледување, размножување и застрел на дивеч со површина од 358 ha. Во оградениот простор се одгледуваат повеќе видови воглавном алохтони видови дивеч, што е од големо значење за збогатување на ловната туристичка понуда во нашата држава.
Во оградениот простор се одгледуваат следниве видови на дивеч: елен лопатар, сика елен, муфлон, кри-кри козорог, хибриден козорог, ферална коза, хималајски тар рака овца, четирирога овца, берберска овца, како и автохтониот вид на дивеч дива свиња. Голем дел овие видови дивеч се раритет за услови на Македонија и може да се сретнат само во ова ловиште. Тоа е интересно и за образовните установи, бидејќи младите може одблизу да се запознаат со овие видови дивеч.
Во ограден простор за одгледување, размножување и застрел на дивеч се изградени повеќе ловнотехнички објекти, како што се ограден простор за одгледување, размножување и заштита на дивеч со површина од 33 ha, карантин за дивеч, чеки, солишта, хранилишта, складишта, штала и др.
Ловностопански објекти во ловиштето
Во ловиштето постојат и неколку стопански објекти кои ги исполнуваат стандардите за престој и сместување на ловците, како и други придружни објекти кои се во функција на стопанисување со дивечот во ловиштето и ловниот туризам.
Со квалиетот се истакнува современа ловечка куќа кај м.в. „Гола глава”. Покрај неа во ловиштето постои и ловечка колиба, која се користи претежно за сместување на ловочувари, но и за ловци.

Ловечка куќа во ловиштето „Шешково“
Концесионерот со дивечот во ловиштето има изградено и простор за припрема на ловечки трофеи со површина и ладилник кој се наоѓа кај село Возарци.