Лештарка (Tetrastes bonasia L.)

Лештарка или обична лештарка (науч. Tetrastes bonasia syn. Bonasa bonasia) – птица од родот лештарки (Tetrastes) и меѓу помалите членови на семејството на тетребите. Видот е непреселнички, присутен ширум северна Евроазија, на исток до Хокаидо (Јапонија), а на запад сè до средна и источна Европа.

Живее во средогорието, односно во густи мешани иглолисни шуми, по можност онаму кајшто има смрча. Ноќта ја минува или на земја или на дрво. Во тежина може да израсне до 450 грама. Мажјакот и женката се речиси еднакво обоени (во основа пепелаво-‘рѓесто со попречни дамки), а меѓу себе се разликуваат единствено по бојата на подбрадокот. Кај мажјакот тој е црн.

Мажјакот на темето има подолги пердуви, кои може да ги накостреши. Нозете, се до ноктите, им се обраснати со пердуви, а меѓу прстите имаат рожести ресички.

Се храни co растителна и со животинска храна (разни семиња и шумски плодови, инсекти, ларви и др.). Птицата се храни на земја, претежно со растенија, но во сезоната на парење исхраната ја дополнува со инсекти. Во зимскиот период ги јаде ресичките од леските, па веројатно оттаму и дошло името.

Живее вр парови. Во зимскиот период се здружуваат во јато што е составено од родителите и подмладокот. Во пролет се двојат во парови. Се пари кон крајот на април. Женката носи до 15 јајца, на кои лежи 22 дена.

Мажјаците се огласуваат со ти-ти-ти-ти-ти, додека пак женките имаат послеано тет-тет-тет-тет-тет. Огласувањето и претањето на крилата честопати се единствениот начин да се утврди присуството на оваа птица, поради нејзината плашливост и густината на дрвјата што ги населува.

Ловењето на лештарките најуспешно се изведува со помош на вабење. Притоа се подражува гласот на петелот или на кокошката со вабило направено од коската на предната нога на зајакот. Најважно е, ловџијата, правилно да ја подржува песната и да е добар стрелец.

 

Leave a Reply

You cannot copy content of this page