Коментари на Законот за дивечот и ловството

 

Законот за дивечот и ловството, под овој наслов и содржина е донесен и објавен во Службен весник број 263 од 12 декември 2023 година, а во сила е 8 дена по објавувањето, односно од 20 декември 2023 година. Во овој пост, сосема на кратко ќе се обидам да дадам неколку коментари кои се новини во овој закон, а одат во прилог на ловците и љубителите на дивечот и природата.

 

Се дозволуваат Фарми за дивеч

Во член 4 став (1) се даваат дефиниции за поимите употребени во законот, во точка 21 дадена е дефиниција за нов поим „Полигон за лов на дивеч“ кој преставува посебно уредена ловна површина во ловиште, определена во посебната ловностопанска основа за секое конкретно ловиште, наменета за лов на ситен дивеч од вештачко производство.

Значи, на овие површини корисниците на дивечот во ловиштата можат да организираат лов на ситен дивеч од вештачко производство со своите ловците и за време и надвор од ловната сезона. Потоа, во точка 22 дадена е дефиниција, повторно за нов поим „Фарма за дивеч“ што преставува ограден простор или објект за одгледување на дивеч кој се формира во и надвор од ловиште со површина до 50 ха, со намена исклучиво заради производство на месо од дивеч. Согласност за оградување на простор за фарма за дивеч, според член 36 став (2) дава Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Позитивното во овој Закон е тоа што по исклучок од ставот (3) од истиот член, физичко или правно лице кое не е корисник или управувач со дивечот во ловиштата нема право да огради посебен простор за одгледување, размножување и заштита како и простор за одгледување и застрел на дивеч, сега според став (4) од истиот член, физичко лице има право да огради ограден простор за фарма за дивеч на сопствено земјиште или земјиште под наем во ловиште или надвор од него.

Фармата за дивеч нема статус на ловиште и дивечот од фармата за дивеч не смее да се пушта во слободна природа (став (5) од истиот член). Начинот за добивање на согласност за оградување на простор за фарма за дивеч, според став (6) од истиот член ќе се пропише со подзаконски акт, кој треба да се донесе во рок од една година од носењето на овој Закон.

Со оваа одредба за давање на право физички лица да оградат ограден простор за фарма за дивеч ќе се овозможи одгледување на дивеч во контролирани услови за продукција на месо од дивеч како главен производ како и кожи, крзна, отфрлени роговје и роговје во баст, заби и други делови од телото на дивеч како споредни производи од фармата за дивеч.

И најважното од овој дел, според член 3 став (2), дивечот кој се наоѓа во полигоните за лов на дивеч и фармите за дивеч се во сопственост на правните и физичките лица кои поседуваат соодветна документација за потеклото и внесувањето на дивечот во наведените простори.

 

Чакалот дивеч без посебна заштита

Би сакал да ги искоментирам и новините на одредбите кои ги регулираат заштитата на дивечот и ловостојот за главните ловностопански видови. Чакалот кој во претходниот Закон за ловството беше во категорија на дивеч под трајна заштита, сега е категоризиран како дивеч без посебна заштита (популарно дивеч без заштита) кој може да се лови во текот на целата година. Причината заради која чакалот бил прогласен за дивеч под трајна заштита е таа што во 80-тите години на минатиот век, според проф. Борис Трпков во Македонија бил целосно истребен, а неколку примероци биле забележани само во околината на Дојранското езеро. Во последните 5 – 10 години популацијата на овој вид како во опкружувањето така и кај нас е во огромна експанзија и според начинот на кој лови преставува предатор кој е во состојба да ги уништи популациите на ситен дивеч и подмладокот на крупниот дивеч па дури а за домашните животни во руралните средини.

 

Се продолжува ловната сезона за дивата свиња

По однос на ловостојот, новина е тоа што ловостојот на дивата свиња (женка) е од 16 јануари до 14 септември, а ловната сезона започнува од 15 септември и трае до 15 јануари. Тоа значи дека ловната сезона започнува 15 дена порано и 15 дена порано завршува, а тоа е поради висик степен на гравидност до крајот на месец јануари.

Ловостојот на дивата свиња (мажјак) од 16 јануари до 30 април, а ловната сезона е од 1 мај до 15 јануари, со тоа што во периодот од 1 мај до 14 септември се лови во поединечен лов без учество на ловечки кучиња – гоничи. Може да се констатира дека драстично се продолжува ловната сезона за дивата свиња – вепри, бидејќи популацијата на дивата свиња до пред година или две беше во експанзија и согласно искуствата од земјите од опкружувањето донесена е ваква одлука.

Ловостојот е само во време на прасењето на маториците и одгледувањето на подмладокот. Дали ваквата одлука за ловостој на дивата свиња ќе опстои согласно новонастанатите состојби, кои овде не сакам да ги коментирам, останува да се види.

 

Дивата мачка и јазовецот дивеч заштитени со ловостој

Уште една неправилност која се исправи од претходниот закон е прогласување на дивата мачка и јазовецот од дивеч под трајна заштита во дивеч заштитени со ловостој во период од 1 март до 31 јули, значи ловната сезона е од 1 август до 28 февруари. Во претходниот закон, заради недоразбирање со одредени надлежни институции овие два вида беа во редот на дивеч под трајна заштита иако овие два вид како предатори причинуваа значителни штети на популациите на ситниот дивеч.

Околу коментарите на новините за користење на дивечот во ловиштата, доделувањето на дивечот во ловиштата и корисниците на дивечот во ловиштата во некој следен пост.

За збогатување на овој пост, панорамска слика од Шар планина.

 

Овој пост е преземен од почитуваниот Војо Гоговски, поранешен државен советник за шумарство и ловство, кој со своето знаење и искуство има оставено длабока трага во овие области.

Извор: Facebook страница на Војо Гоговски

 

Leave a Reply

You cannot copy content of this page