Дива гуска (Anser anser)

Македонија е дом и на дивата (сива) гуска (Anser anser), најголемата гуска од семејството Anser. Овој вид е предок на припитомената домашна гуска која се одгледува во Европа и Северна Америка. Таа има широка распространетост, но со мала густина на популацијата во Европа и Азија. Се гнезди и во нашата земја кај Дојранско езеро.

Гуската е долга 80 – 90 cm. Опашката ѝ е многу кратка и зашилена кон врвот и бела по боја. Распонот на крилјата ѝ е 150 – 160 cm. Тежи околу 5 kg. Женките се значително поголеми и потешки од мажјаците. Оваа птица лесно се препознава во лет, по бледата боја што води до работ на крилјата.

Дивата гуска живее во големи јата до неколку стотици единки, кои се формираат со доаѓањето на есента и живеат до пролет, каде што формираат парови. Главно живее во мочуришта покриени со висока трева. Се храни со разни семиња, млада трева, безрбетници, риби и јајца од жаби. Се пари рано напролет. Гуската се гнезди во висока трева, грмушки во близина на вода или во вдлабнатина на земја каде што женката прави гнездо од трева и нејзините пердуви. Од март до април, еднаш годишно, таа положува од 7 до 10 големи јајца, на кои женката седи 27-29 дена. Нејзиниот животен век е до 8 години.

По одгледување на младите, во месец август ги напушта нашите краишта и се сели во Африка. За време на миграциите и презимувањето, се формираат јата, понекогаш со други гуски.

Дивата гуска има голем број природни непријатели, од кои најчести се лисиците, куните, видрите и многу грабливи птици. Таа е многу ретка и е трајно заштитен вид дивеч во Македонија веќе неколку децении.

Слични видови: белочелна (лисеста) гуска (Anser albifrons); мала белочелна гуска (Anser erythropus).

 

Leave a Reply

You cannot copy content of this page