Здружение на ловци „Бел Камен“ од Виница

Ловството во С. Македонија има голема и богата традиција. Генерации на ловџии и ентузијасти работеле во унапредување на ловството, при што низ напорна работа стекнувале нови искуства и знаења кои од колено на колено се пренесуваат на новите генерации кои доаѓаат, од година во година. Искучок од тоа не е ниту виничкиот крај каде наскоро ќе слават 100 години од ловечки здружувања.

За прв пат ловците во виничкиот крај започнале да се здружуваат  во 1926 година, кога 6 другари од кои 5 турци и 1 македонец го формираат ловечкото друштво „Бел Камен“. Името ловечкото друштво го добило по врвот Бел Камен, за кој во тој период се верувало дека е највисок врв на Плачковица.

Некаде во 1952 година ловечкото друштво го менува името во „Лисец“, според друг врв на планината Плачковица за кој се испоставило дека е повисок од врвот Бел Камен. Под ова име ловечкото друштво егзистира некаде до 1995-1996 година кога ловечкото здружување минува тешки финансиски моменти, по што ги губат ловиштата и престанува да постои.

Во 2000 година група ентузијасти на чело со Лазе Коцев покренуваат иницијатива за однова на ловечкото здружување во виничко и го формираат ловечкото здружение „Бел Камен“ според првото име на ловечкото друштво. Ловечкото друштво повторно почнува да функционира, овој пат како ловечко здружение. Тоа делува во административните објекти од ловечкото друштво „Лисец“, но за жал до 2011 година е без ловишта. Во 2011 година на јавен оглас ги добива ловиштата од виничкиот крај и може да се рече дека ловството во виничко доживува своевидна „ренесанса“. Тоа се 2 ловишта за крупен дивеч и 2 ловишта за ситен дивеч, кои одлично се надоврзуваат едни на други.

 

Ловното здружување во денешно време

Во својата историја ловечкото друштво минува низ турбулентни периоди на успони и падови. Тоа неколку пати го менувало името, дури и згаснувало, но со текот на годините желбата за лов и дружење помеѓу виничани само се зголемувала. Поради тоа ловечкото здружување се повеќе се унапредува и шири, а ловството станува значајна рекреативна и спортска активност во виничкиот крај. Во зенитот на своето постоење тоа достигнува бројка и до 500 членови.

Kancelarii Bel Kamen Vinica

Во денешно време ловечкото друштво „Бел Камен“ е едно од најдобите ловечки здуженија во нашата држава. Бројката на членови е околу 250 лица што е солидна за денешни прилики. Проблемите кои ги имаат младите ловци со набавка на оружје сериозно го погодува и ова ловечко здружние, па околу 180 лица со положен ловечки испит чекаат одобрение за набавка на ловечко оружје.

Имав прилика да ги посетам ловиштата во 2010 година и повторно 2019 година и можам да кажам дека разликата е фрапантна. Од целосно девастирани и неуредени ловишта со миимален број на дивеч во 2010 година, тие во 2019 година постануваат едни од најуредените ловишта во нашата држава со стабилни и бројни популации на дивеч.

Тоа се должи на одличното менаџирање на ловечкото друштво и големиот ентузијазам кај ловците. Може слободно да се каже дека ловстото во виничко е во самиот врв во ловството во С. Македонија. Ловиштата се преполни со разни ловно-техничко објекти, како што се хранилишта и солишта, а низ нив има и голем број на ловечки куќи кои се користат од страна на ловџиите.

Lovci Bel Kamen

Можеби за ова допринесува и уникатното организирање на самото здружение на ловци, при што секоја ловечка дружина си има свој дел од ловиштето за кој се грижи и го чува. Тие убаво сватиле дека бројноста на дивечот најлесно ќе се зголеми со храна, сол и чување, па вложуваат големи напори во изградба на ловнотехнички објекти низ своите терени. И не само тоа, тие на свите терени градат и ловечки куќи во што имаат голема помош и од самото здружение. Затоа секој ловџија кој лови во ловиштата на „Бел Камен“, во било кој дел од планината ќе најде место каде може да се заслони во непогода или да преноќи.

 

Уреденост со ловно-технички објекти

Покрај тоа што ловиштата со кои управува ловечкото руштво „Бел Камен“ се одлично уредени со ловнотехнички објкекти и ловечки куќи, во изминатиов период тоа има изградено и една фазанерија и што е реткост во нашите ловишта стрелиште за спортско стрелаштво.

Фазанеријата е во полна кондиција и годишно произведуваат по околу 1000 фазански пилиња. Тие постојано вложуваат во нејзино усовршување, па неодамна се подновија и со нов инкубатор за фазански пилиња.

Стрелиштето е приказна за себе си. Тоа е одлично дизајнирано задоволуваји ги и највисоките стандарди за безбедност. Поради тоа ловџиите во виничко се едни од ретките во С. Македонија кои своите ловечки вештини можат да ги тестираат и надоградуваат на свој полигон за ловечко стррелаштво.

Streliste Vinica

Покрај тоа, здружението е во постапка на реализирање на 2 големи проекти за унапредување на ловството. Едниот е изградба на репродуктивен центар за одгледување и размножување на диви свињи, кој ќе се гради на планината Плачковица. Тој би требало да се реализира со помош на средства од европски фондови, како дел од погранична соработка со соседна Република Бугарија.

Вториот проект е изградба на еребичник за одгледување на полски еребици. Тој е планирано да се изгради во непосредна близина на фазанеријата со сопствени средства и со спонзорства.

 

Организирање на натпревар на ловечки кучиња

Natprevar kucinja Vinica

Како признание за добрата работа и одлична ловечка инфракструктура, на здружението на ловци „Бел Камен“ во 2019 година му беше доделена чест да го организира државниот квалификационен натпревар на ловечки кучиња за лов на зајак. На ова натреварување учество земале околу 90 ловци од целата држава, а целата грижа околу организацијата и сместување била на здружението на ловци „Бел Камен“ од Виница.

 

Спортскиот лов пред комерцијалниот

Ловството во виничко речиси во целост има спортски карактер, каде дружењето и љубовта кон дивечот се на прво место. Ловечката етика и морал се на толку високо ниво, што прашањето дали ќе се улови нешто е од споредно значење во однос на дружбата и грижата за дивечот.

Lovci Bel Kamen Vinica

Тоа е резултат можеби и на лошото искуство во блиското минатото, кога беше навистина реткост да се сретне дивеч во овие ловишта. Со многу труд и љубов тие успеава да го вратат дивечот во ловиштата, па сега љубоморно го чуваат и прават големи напори да не го изгубат повторно.

Сепак постојат и одлични услови за организирање на комерцијален лов, бидејќи во нивните ловишта има голем број на волци кои се доста атрактивни за странските ловци. Тие во едно од своите ловишта имаат изградено мрциниште за волци, па така доколку некој има желба да види или застрела волк, тука лесно може да го направи тоа.

 

Државата да ги заштити добрите концесионери

Сепак потребна е и помош од државата. Не само државата, туку и концесионерите имаат проблеми од финансиска природа, па за да не се доведе во опасност нивниот опстанок и да не дојде до повторно девастирање на ловиштата, треба да се најде модел како да се помогнат концесионерите.

Таа треба да најде начин со кој ќе ги награди и заштити добрите концесионери, кои имаат резултати во унапредување на ловството. Државата треба да врати дел од парите за концесии назад кај концесионерите со дивечот во ловиштата во форма на субвенции или разни олеснувања.

Се разбира и при доделување на концесии државата треба да води сметка, бидејќи лесно се девастира едно ловиште, но потребно е многу труд, време, пари и напор да се нормализира состојбата во него. Затоа државата треба да најде модел како ќе ги награди добрите концесионери кои се грижат за дивечот, ловиштат и ловството во целост.

Проблемот е во тоа што за нормализирање и унапредување на едно ловишта потребни се многу години и напорна работа. Се наметнува прашањето, зашто некој би инвестирал и би се трудел во развојот на ловиштата и на ловството, ако нема сигурност дека во иднина ќе управува со тие ловишта кога ќе дојде периодот да ги ужива плодовите на своите напори и да си ги поврати инвестициите.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You cannot copy content of this page