Засолништа за ситен дивеч

 

Формирањето на засолништата за дивечот се врши со садење на најразлични видови грмушки, полугрмушки, дрвја и земјоделски култури. Садењето на овие видови треба да биде што погусто и да не се дозволи височината на дрвјата да биде поголема од 1,2—1,5 m. Од овие причини повремено, а најмалку еднаш годишно, грмушките во засолништето се поткаструваат на потребната височина.

Пожелно е секое засолниште да биде изложено на сонце, а земјиштето да биде лесно пропустливо и суво. Засолништето на ваквите места го привлекуваат дивечот во зимскиот период.

Според начинот на формирањето, засолништата можат да бидат од: привремен или од трaeн карактер.

Засолништата од привремен карактер се однесуваат најмногу за ситниот дивеч и се формираат со садење на следниве култури:  пченка,  земно јаболко,  елда,  добиточно  зелје,  сончоглед, метла и др. Сите овие кудтури на дивечот му обезбедуваат соодветно засолниште во летниот, есенскиот, па дури и во зимскиот период. Засолништата формирани од пченка, се многу привлечни скривалишта за дивечот, а посебно за полската еребица за фазанот, па и за зајачкиот дивеч.

Засолништата од траен карактер се формираат со садење на грмушки и полугрмушки во комбинација со некои повисоки дрвја. За постигање на потребниот склоп, во засолништата покрај кастрењето, треба да сe користат и некои иглолисни видови.

При садењето на грмушките и на дрвјата најдобро е да се користат оние видови, кои покрај густата крошна, даваат и богат род на семе, како на пример: трнинка, бозел, глог, капина, малина, дренка, пироканта, црвена и црна рибизла, леската, багремот, дивата круша, дивото јаболко, сливите, дабовите и др.

Садењето на грмушките и на дрвјата е групно на површина 10-20 m². Посадените иглолисни видови, на дивечот му обезбедуваат добра заштита во зимскиот период.

Во засолништата со поголема површина (над 1 000 m²), на повеќе места во внатрешноста се остават голи ненасадени простори. На овие места се донесува песок, или ситен чакал на кои пердувестиот дивеч се прпелка.

 

Remiza

Сл. 96. — Засолниште за ситен дивеч од траен карактер

(Според А. Черне)

1 — лисјари, 2 — грмушки посадени во групи, 3 — густо посадени грмушки, 4 — тревната површина  (1/3  од ремизната  површина)  и 5 — високи иглолисни видови

 

Потребно е при подигањето на засолништата, растенијата во неа да се садат по одреден редослед, со цела дивечот во нив да може лесно да пристапи и таму да најде соодветен мир и заштита. Па така, доколку површината на засолништето е поголема (околу 2 000 m²) и доколку во него се одгледува и некоја земјоделска култура, тогаш од надворешната страна (во првиот појас) се садат дрвјата, по нив грмушките, додека во средишниот дел се одгледува избраната култура. Посадените грмушки за да формираат густ склоп уште во наредната година по садењето, се поткаструваат.

Во вештачките засолништа што се формирани во поле, се препорачува во внатрешноста да се постават дрвени столбови дебели од 15-20 сm и високи од 3-4 m, на кои во горниот дел се ставаат стапици или пелов кафез за ловење на разни пердувести грабливци.

 

проф.др. Борис Трпков

Извор: учебникот “Ловство“

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You cannot copy content of this page