Започна со работа првата одгледувачница за елен лопатар 

 

Она што е голем бизнис во поразвиените држави, благодарение на претприемачката способнист на новите концесионери станува случај и кај нас. Конечно, и во Македонија се формира одгледувачница специјализирана за одгледување на елен лопатар, кој поради големата адаптабилност и големата издржливост е се повеќе баран во нашата држава за населување како во оградените, така и во отворените ловишта.

Во велешкото ловиште “Мартолци“ пристигнаа 100-ина елени лопатари кои треба да бидат стабилна база за понатамошно производство на овој атрактивен вид на дивеч. Лопатарите се набавени од реномирана одгледувачница за ваков вид на дивеч која се наоѓа во соседна Грција, што е од голема предност бидејќи животните лесно ќе се адаптираат на нашите климатски услови.

Тие ќе се одгледуваат во комбинирана одгледувачница за ситен и крупен дивеч која се наоѓа во село Оморани и е во сопственост на приватниот концесионер “Ловечко друштво Сурда-Вахо ДООЕЛ“. Ова приватно претпријатие со ловиштето стопанисува од 2012 година  и со низа инвестиции од обично направи ловиште за пример кое е најрепрезентативно во велешкиот ловен реон.

Комбинираната одгледувачница новиот концесионер ја изгради веќе истата година и во неа веднаш почна со производство фазани, диви шатки, диви потполошки и диви свињи. Со дел од дивечот овој концесионер ги збогатува своите ловишта, додека дел го продава на другите концесионери од нашата држава.

Со формирањето на основното стадо на елени лопатари овој концесионер ја заокружи целината на одгледувачницата и веќе од следната година ќе започне со продажба и на елен лопатар. Имајќи во предвид дека целокупното производство на оваа одгледувачница ќе биде наменето за продажба на жив дивеч, може слободно да се каже дека во неа за прв пат во нашата држава еленот лопатар ќе се одгледува по принцип на фармерски систем.

 

Elen lopatar ograda Omorani
 Одгледувалиште за елен лопатар во Грција  Карантин за елен лопатар во село Оморани

 

Сепак и досега во нашата држава можеше да се купи елен лопатар во неколку оградените ловишта на кои продажбата на жив дивеч не им е примарна цел, туку лопатарот првенствено го одгледуваат за застрел. Поради тоа количината на елен лопатар кој можеше да са набави кај нас беше минимална, па голем број на концесионери кои сакаа да ги збогатат своите ловишта со овој вид на дивеч, беа приморани да го набавуваат од странство со што би се изложиле на големи трошоци и ризици (разна документација, карантини, скап транспорт, смртност при долг транспорт и сл.).

Му посакувам успешна и долга работа на овој концесионер, кој на некој начин го трасира патот на сите идни инвеститори во одгледувачници, односно фарми за дивеч во нашата држава. Се надевам дека во иднина во нашата држава ќе се отворат и други одгледувачници како за ваков, така и за друг вид на дивеч (обичен елен, зајак, полска еребица и сл.), бидејќи кај нас побарувачката за жив дивеч е далуку поголема од понудата.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You cannot copy content of this page