Време е за пролетно пребројување на дивечот во ловиштата

Со наближување на пролетта се наближува и периодот кога треба да се врши т.н. пролетно пребројување на дивечот во ловиштата. По завршувањето на ловната сезона и неповолниот зимски период, во ловиштата останува најмал број на дивеч. Овој број претставува состојбата на матичниот фонд на кој може да се смета во процесот на репродукцијата на дивечот во тековната година. Поради тоа, неопходно е концесионерите на дивечот во ловиштата преку пролетно пребројување на дивечот да извршат инвентаризација на истиот.

Пролетно пребројување на дивечот во ловиштата се врши и заради контролата на зимските загуби, загубите предизвикани од предатори, од болести, од криволов и сл.

На овој начин се утврдува и реалноста на планираниот прираст на дивечот.

Сепак терминот пролетно пребројување на дивечот станува се повеќе релативен, бидејќи поради климатските промени и поволните временски прилики и кон крајот на зимата, овие активности можат успешно да се спроведат и во текот на последните зимски месеци.

Податоците добиени од пролетното пребројување на дивечот треба да покажат во која мерка сегашниот матичниот фонд е блиску до нормалниот, кој e предвиден во посебната ловностопанска основа.

Постојат повеќе научни методи за пребројување на ситниот и крупниот дивечот. Во понатамошниот текст акцентот ќе се стави само врз оние методи кои имаат најширока примена.

 

Ситен дивеч

 

За пролетното пребројување на ситниот дивеч најпопуларна и најприменувана е методата на визуелно – маршутно броење. Ова метода може да се изведе на повеќе начини. заедничко за сите начини е тоа дека пребрујувањето на дивечот се изведува на определени однапред издвоени површини, кои во просек мораат да го представуваат животниот простор на дивечот со сите битни карактеристики репрезентативни за определеното место живеење. При тоа, збирот на сите пробни површини во ловиштето не смее да биде помал од 30 % од ловнопродуктивната површина за определениот вид дивеч, а со пребрујувањето треба да бидат опфатени не само површините побогати со дивеч, туку и тие каде дивечот поретко се среќава.

Пробната површина по овој метод може да има различна форма. Вообичаено е таа да е во лентовидна форма, најчесто во облик на буквите П, Г и сл. Широчината на пробната површина зависи од бројот на учесниците во пребројувањето. Кога бројот на учесниците е 10 – 15, широчината на пробната површина изнесува 100 – 150 м.

слика 1

Слика 1 – шематски е прикажана пробна површина за пребројување на ситниот дивеч по визуелно – маршутниот метод со помал број на учесници (до 15 и со 1- 2 ловечки кучиња – птичари ).

 

Слика 2

Слика 2                                                                               Слика 3

 

Пролетно пребројување на дивечот по овој метод е мошне едноставно. Тоа се состои од визуелно маршутно движење на учесниците во пребројувањето на пробната површина, при што се регистрираат сите видови дивеч кој што се кренати од загарите или учесниците.

На сликите 2 и 3 се прикажани можните правци на протегањето на пробните површини.

Пребројувањето на ситниот дивеч може да се врши и на поголеми пробни површини, на начин кој е донекаде модифициран во споредба со предходно прикажаниот. Овој начин е поскап, бара ангажирање на поголем број на учесници во пребројувањето, но дава релативно поточни резултати.

Слика 4

Слика 4 – шематски приказ на број на учесници и насока на движење

 

Од сликата 4 може да се забележи дека пребројувањето на дивечот по овој метод бара ангажирање на поголем број на учесници (70 и повеќе).

Пребројувањето по овој метод се одвива на следниот начин:

– Водачот на пребројувањето по распоредувањето на бројачите на определено растојание од 15до 20м во челната линија дава занак за почеток на пребројувањето. Поголемиот дел од учесниците во пребројувањето имаат задача да вршат хајка со употреба на различни средства кој предизвикуваат бучава, додека дел од учесниците имаат задача да го евидентираат дивечот кои излегува или влегува во пробната површина. Помошниците асистираат и координираат во сите операции а посебно за порамнувањето на учесниците во челната линија. Страничните бројачи имаат задача да го регистрираат влезениот и излезениот дивечот од пробната површина, а по доаѓањето на челната линиа до нив, тие се приклучуваат кон неа и истата ја згуснуваат.

Вкупната бројна состоба на матичниот фонд за определениот вид дивеч  се добива со аритметичката средина на сите пробни површини на единица површина, а се изразува на 100 ха како просечна густина.

На овој начин се добива претстава за состојбата на матичниот фонд на дивечот за целото ловиште.

Постои и метод на целосно пребројување на ситниот дивеч, но тој е сосема редок и вонредно скап. Се применува на мали површини и воглавно за научни цели.

 

Крупен дивеч

 

И кај крупниот дивеч постојат повеќе методи кои се користат за утврдување на пролетната бројна состојба. Најзастапени се:

  • Метод на хајка со кој се организира хајка од определена површина и дивечот се наочува во правец на пресеки, каде од високите набљудувачници се врши неговото регистрирање.
  • Од високите набљудувачници се врши регистрирање и пребројување на дивечот по методот на чекање, при што на определини места каде вообичаено дивечот се собира се врши набљудување на три пати ( наутро, навечер и утреден наутро ). По завршувањето на опсервацијата се врши пресматка на просекот на дивечот за секое набљудувачко место а потоа се собираат податоците од сите набљудувачки места.

Пребројувањето на дивечот може да се врши и со следниве методи :

  • со технички помошни средства како што се: снимање од воздух, со радари, радио предаватели, GPS, со маркирање на дивечот и сл.,
  • со метод на делумно маркирање (Lincoln метода),
  • со метод на индентификација и броење на траговите (особено во зимскиот период по паѓањето на снегот),
  • со методот на повратно пресметување, со што врз основа на повеќегодишниот застрел на дивечот се добива представа за неговата бројна состојба, а на овој начин се контролира и прирастот,
  • со методот на мамење на дивечот со звуци, имитирање, храна, сол и сл., при што, зимно време како индикатор служат и трагите на дивечот кои водат до местото на мамењето.

Утврдувањето на пролетната бројната состојба на дивечот во ловиштето претставува темел за стопанисувањето со дивечот во ловиштето и база за изготвување на годишниот план за спроведувањето на посебната ловностопанска основа.

Споредбата на нормалниот (предвидениот) со фактичкиот матичен фонд го дава бројот на единки за кој треба да се корегира застрелот, т.е истиот да се намали или евентуално зголеми. Матичниот фонд на дивечот не смее да биде помал од нормалниот или фондот предвиден во посебната ловностопанска основа. Ако е тоа случај, тогаш нужната корекција во застрелот мора да следува или е потребно да се набави и внесе жива дивеч во ловиштето со цел да се надокнади разликата од фактичкиот до нормалниот матичен фонд.

Сето погоре изнесено представува еден од предусловите за можното успешно стопанисување со дивечот во ловиштата.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You cannot copy content of this page