Во штипското село Чардаклија отсрелан волк тежок 70 килограми

 

Сточарот Иле Мушев од штипското село Чардаклија утринава во неговото трло на дело го фатил волкот кој сакал да се нагости со неговите овци. Волкот од видот Коњари  е тежок 70 килограми, а е отсрелан со еден куршум од 27 годишниот ловџија Јорданче Атанасов.

Мушев кој веќе неколку пати трпи штети од волците во неговото трло вели дека отсреланиот волк утринава околу шест часот влегол во трлото, а неговите кучиња го опколиле, по што веднаш го викнал младиот ловџија за да го отсрела.

-Овој волк не се знае колку овци досега има изедено, оваа година  ми фалат  10 до 15 овци, а и оваа дебелина не е од само неколку овци. Волците крстараат и влегуваат и во другите трла, значи не е само кај мене. Трлото ми се наоѓа на 100 метри од селото, вели Мушев.

Младиот ловџија Атанасов вели дека по повикот на неговиот сосед Мушев, тој веднаш пристигнал кај трлото и со само еден истрел го отепал волкот.

Сточарот Мушев  вели  дека друштво на отсреланиот волк му правил и друг волк, кој бил помал.

Сточарите од штипското село Чардаклија велат дека во овој регион има наезда од волци, а годинава нема ниту хајки против нив од страна на ловџиите, бидејќи како што велат тие Ловното друштво се уште ја нема добиено концесијата за ловство. Тие бараат во овој регион да се организираат неколку хајки, бидејќи волците ги гледаат како шетаат во глутница.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You cannot copy content of this page