Во несреќа при лов загина 25 годишен ловџија

Во Мариово се случи нов несреќен случај при лов, кој за жал заврши со фатални последици. Оваа несреќа беше кобна за дваесет и петгодишен прилепчанец кој им подлегнал на повредите откако бил погоден со куршум од ловечка пушка во атарот на селото Витолиште, Мариово. Несреќниот настан се случил на 17 јануари при групен лов.

Според портпаролот на СВР Битола Сања Стаматова, прилепчанецот со иницијали Ѓ.Х. бил погоден со куршум од ловџија од група која била на лов.

– Денеска во 11 часот и 6 минути во прилепската полициска станица било пријавено дека во атарот на селото Витолиште, 25-годишниот прилепчанец бил погоден од куршум од ловечка пушка од едно лице од група која била на лов. Во 14,55 часот од екипа на итната медицинска помош било констатирано дека Ѓ.Х. им подлегнал на повредите, соопшти Стаматова.

Увид направиле полицијата и јавен обвинител при основното јавно обвинителство од Прилеп.

Од СВР Битола соопштуваат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

 

Јавното обвинителство поведе кривична постапка

Како резултат на тоа, денеска основното јавно обвинителство Прилеп поведе кривична постапка против едно лице за кривично дело – Убиство од небрежност од член 126 од Кривичниот законик и на судијата на претходна постапка му предложи мерки за претплазливост. Лицето е осомничено дека од небрежност го застрелал 25-годишниот прилепчанец додека биле на лов во Мариово.

Како што се наведува во соопштението од обвинителството, осомичениот, прилепчанец на возраст од 50 години, на 17 јануари оваа година околу 10:15 часот, во местото викано Отин, во близина на село Витолиште, Мариово, при групен лов застрелал лице со кое заедно бил на лов на дивеч. Од здобиените повреди починал 25-годишниот ловџија, кој бил жител на Прилеп.

Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција врз телото на починатиот заради утврдување на причините за смртта, како и наредби за обезбедување на траги и предмети кои можат да послужат како доказ.

Јавното обвинителството до Судијата на претходна постапка при Основниот суд Прилеп поднесе предлог за определување мерки на претпазливост за осомничениот и тоа, обврска да се јавува еднаш неделно на службено лице во ОВР Прилеп и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You cannot copy content of this page