Во кичевските ловишта уловени над 100 диви свињи

Кичевските ловишта важат за исклучително богати со разни видов дивеч, што резултира и со богати улови секоја година. Оваа ловна година која трае до 31 март не е исклучок, така што кичевските ловци се задоволни од остварениот ловечки ефект.

Од кичевското ловечко друштво „Елен“ изјавуваат дека за оваа ловна сезона на крупен дивеч нивното друштво имало зацртано отстрел над 100 диви свињи. Ловџиите од Кичево покрај планираниот отстрел на над 100 диви свињи, зимава отстрелаа и 10 волци, со што придонесоа да се намалат нападите врз добитокот кои им правеа големи штети на сточарите, пред се на одгледувачите на матичните стада овци.

–За оваа ловна сезона на крупен дивеч нашето друштво имаше зацртано отстрел над 100 диви свињи, а поради се поголемите штети што ги прават врз добитокот, планиравме да отстреламе и повеќе волци, со што ќе ги намалиме штетите кај сточарите. Потикнати од овие сознанија зимава отстрелавме 10 волци и се надеваме дека им помогнавме на сточарите со помалку штети да ја поминат годината, вели претседателот на ловечкото друштво „Елен” од Кичево, Слободан Петрески.

Петрески е презадоволен и од здраствената состојба на дивите свињи во регионот.

– Добро е познато дека и кај дивите свињи се прошири болеста африканска чума, затоа нашето ловечко друштво од секој отстрелан примерок испраќаше мостри во Ветеринарниот завод во Скопје, за да се провери здраствената состојба на животното. За среќа, кај ниеден примерок не беше откриена оваа болест, додава Петрески.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You cannot copy content of this page