Топ 10 ловишта за ситен дивеч во Република Македонија

 

Во нашата држава 56% од ловиштата се востановени како ловишта за ситен дивеч. Ваквите ловишта секоја година привлекуваат голем број на ловни туристи кои во нив ловат полски еребици, еребици камењарки, зајаци, но и волк како и прелетен дивеч кој најмногу е застапен по течението на река Вардар. Според некои проценки, дури 90% од ловните туристи во нашата држава доаѓаат токму за лов во ловиштата за ситен дивеч.

Да се каже дека некое ловиште е најубаво е релативна и доста субјективна работа. Има доста примери според кои со добро менаџирање, грижа за дивечот, инвестирање во ловиштето и просечно може да стане врвно ловиште. Во голем број на ловишта, консеционерите и ловните друштва вложуваат многу труд, средства и напори за да ги подобрат условите за дивечот и ловџиите, па така убави ловишта може да се најдат насекаде низ државата.

Сепак оделни ловишта се издвојуваат по својата атрактивност која е условена од видот на дивечот кој може да се лови во нив, природните особини, од менаџментот и сл. Интересно е тоа што најголем дел од најатрактивните ловишта за ситен дивеч во нашата држава се наоѓаат во нејзиниот централен дел, односно по течението на реката Вардар.

 

Топ 10 ловишта за ситен дивеч во Република Македонија

 

  1. Ловиште бр.8 – “Џумајлија“ од Свети Николе

Ова е убедливо најдоброто ловиште за ситен дивеч во нашата држава, со кое со гордост можеме да се претставиме како држава на меѓународен план во полето на ловството. Перфектното менаџирање со ова ловиште од него има направено бренд на меѓународно поле.

Тоа не само што е богато со полска еребица и зајак, во него има и голем број на волци кои се особено атрактивни за странските ловци. Така она што некого е напаст, за ова ловиште е “суво злато“ што носи прилив на големи финансиски во нашата држава. Ловот на волк во ова ловиште е документаризиран во голем број на меѓународни специјализирани списанија од областа на ловот, кои за тоа пишуваат со позитивни импресии и пофалби.

Ова ловиште е дел од Средно-Вардарското ловностопанско подрачје – реон Свети Николе. Тоа е лоцирано југозападно од градчето Свети Николе и се простира на површина од околу 10.530 ха.

 

  1. Ловиште бр.9 – “Криви Дол“ од Штип

Ловиште “Криви Дол“ се наоѓа во близина на претходното. Тоа е дел од Брегалничкото ловностопанско подрачје – реон Штип и се наоѓа северозападно од градот Штип. По големина е слично како и “Џумајлија“, односно простира на површина од 10.818 ха.

Ова ловиште е очигледен пример за позитивното влијание на менаџментот од претходното ловиште, бидејќи соседните концесионери можат многу да научат од нив. Ловиштето “Џумајлија“ со себе ги влече и ловиштата од соседните реони па така и тие успеваат да се наметнат во полето на ловниот туризам и да придобијат и дел од ловните туристи.

По видот на дивеч ловиштето е идентично како и претходното, со тоа што бројноста на дивечот е нешто помала. И тука се организираат ловови на волк со што се повеќе се промовира на меѓународен план. За ова голема заслуга има флексибилниот и пријателски расположен менаџерски тим кој ужива благонаклонетост на менаџерите од Свети Николе и ловиштето “Конечко“, кои дел од своите ловни туристи ги насочуваат на лов во ова ловиште.

 

  1. Ловиште бр.16  – “Жеден“ од Скопје

Еден од “бисерите“ помеѓу ситниот дивеч во нашата држава е еребицата камењарка, која е најубавата ловна автохтона птица во нашата држава. Благодарение на одличните услови за овој вид на птица, ловиштето “Жеден“ е едно од најбогатите ловишта во нашата држава со еребица камењарка.

Нејзиниот лов секоја година привлекува голем број на ловни туристи во ова ловиште, што допринело голем број на ветрини да се украсени со ловни трофеи на еребица камењарка уловени токму во ова ловиште.

Ловиштето “Жеден“ спаѓа во Скопско-Кумановското ловностопанско подрачје – реон Скопје. Тоа се простира во западниот дел од Скопската котлина на билот на планината Жеден на површина од 6.525 ха.

 

  1. Ловиште бр.8 – “Марена“ од Кавадарци

Ова ловиште се наоѓа во Долно-Вардарското ловностопанско подрачје – реон Кавадарци. Тоа се простира северно од градот Кавадарци на површина од 9.196 ха. Ловиштето се карактеризира воглавно со рамничарски терен, кој се протега со благи наклони кон коритата на реките. Кон централниот и јужниот дел на ловиштето теренот постепено се возвишува, каде како покарактеристично возвишување се издвојува еден рид кој има правец на протегање север – југ.

Од главните ловностопански видови во него може да се ловат полската еребица и зајакот. Во него нема волк ни еребица камењарка, но затоа нуди можност за лов на прелетен дивеч чији правци на преселба минуваат низ ова ловиште.

 

  1. Ловиште бр7.  – “Караслари“ од Велес

Ловиштето “Караслари“ се наоѓа во централниот дел од нашата држава и е дел од Средно – Вардарското ловностопанско подрачје – реон Велес. Ова ловиште е лоцирано источно од градот Велес на површина од околу 11.030 ха.

Главни ловностопански видови во ова ловиште се полската еребица, зајакот и еребицата камењарка, покрај кои во ловиштето може да се ловат и повеќе видови на прелетен дивеч. Голем магнет за ловните туристи претставува и волкот кој концесионерите преку низа мерки успешно го привлекуваат во ловиштето.

Богатата понуда од разновиден и атрактивен ловен дивеч придонесува ова ловиште да е омилена дестинација за голем број странски ловни туристи. Поради сето ова тоа несомнено е едно од најактрактивните ловишта во нашата држава и заслужено влегува во топ 10 ловишта за ситен дивеч.

 

  1. Ловиште бр.12 – “Зебрњак“ од Куманово

Ова ловиште се наоѓа во северниот дел од нашата држава и припаѓа во Скопско-Кумановското ловностопанско подрачје – реон Куманово. Ловиштето се простира во источниот дел од Кумановскта котлина на површина од околу 7.500 ха.

Кумановско поле е познато по бројноста со полска еребица. Во овој ловен реон постојат неколку ловишта кои се карактеризираат со голема бројност со овој вид на дивеч. Покрај полската еребица во ова ловиште може да се лови и зајак, како и разни видови прелетен дивеч.

 

  1. Ловиште бр.16  – “Долнени“ од Прилеп

Ловиштето е дел од Пелагониското ловностопанско подрачје – реон Прилеп. Тоа се наоѓа југозападно од градот Прилеп на потегот помеѓу Прилеп и Македонски Брод.

Пелагониската котлина изобилува со ловишта за ситен дивеч, но сепак ова ловиште со својата атрактивност и богатство на дивеч се издвојува од другите. Ова ловиште е едно од најбогатите со полска еребица во овој дел од нашата држава.

Ловиштето се простира на површина од 8.735 ха, од кои повеќе од 90 % се со типичен рамничарски терен. Овој рамничарски релјеф претставува краен, северен дел на т.н. “Прилепско поле”, од каде понатаму кон север се издигнуваат јужните падини на планинскиот масив “ Бабуна “.

 

  1. Ловиште бр.13 – “Црнобуки“ од Битола

Ловиштето бр.13 “Црнобуки” е лоцирано во јужниот дел на Република Македонија, северно од Битола. Тоа е дел од Пелагониското ловностопанско подрачје – реон Битола и се протега на површина од 10,120 ха.

Атактивноста на ова ловиште му ја овозможува големата бројност на полската еребица, со која ова ловиште е едно од најбогатите во битолско. Тоа во голем дел се должи на структурата на обработливите површини кои се релативно мали парцели на кои се одгледуваат разни земјоделски култури од сезонски каркатер, за разлика од останатите ловишта во овој дел од нашата држава чии обработливи површини во голем дел се под монокултури.

Покрај неа во ловиштето можат да се ловат и зајак и еребица камењарка, како и некои видови прелетен дивеч.

 

  1. Ловиште бр.7 – “Мрзенци“ од Гевгелија

Ловиштето е дел од Долно – Вардарското ловностопанско подрачје – реон Гевгелија. Тоа се простира во северниот дел од Гевгелиското поле на површина од околу 6.900 ха. Теренот во ловиштето се карактеризира претежно со рамничарски релјеф, со исклучок на југозападниот дел каде теренот е благо развиен со ниски ридови испресечени со плитки долови.

Благопријатните услови и доброто менаџирање допринеле ова ловиште да е едно од најбогатите со полска еребица во овој дел од нашата држава. Покрај неа во ловиштето има и зајакот, но благодарение на тоа што низ него минува трасата која прелетниот дивеч ја користи при преселбата, во него постојат одлични услови за лов на овој вид на дивеч.

Богатстовото со дивеч и близината на соседна Грција придонесуваат ова ловиште секоја година да е ловна дестинација на голем број ловци од оваа соседна држава.

 

  1. Ловиште бр.7 – “Кишино“ од Свети Николе

Ова ловиште е лоцирано во централниот дел на Република Македонија и е дел од Средно – Вардарското ловностопанско подрачје – реон Свети Николе. Ловиштето е со површина од околу 8.690 ха од кои најголем дел се ораници, ливади и пасишта.

Ова ловиште се граничи со најубавото ловиште во нашата држава и го стопанисува ист концесионер, што има големо позитивно влијание и врз неговата атрактивност. Тоа се одликува со голема бројност на полската еребица, но и со нешто помала бројност на зајакот и еребица камењарка.

Покрај нив во ловиштето можат да се ловат и разни видови прелетен дивеч, како и волк чија бројност е невообичаено висока во овој ловен реон.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You cannot copy content of this page