Три сообраќајки, во кои автомобили удриле во животни, се случиле завчера на автопатот Тетово – Гостивар. Според полицијата, во несреќите нема повредени лица, а причинета е само голема материјална штета. Првата сообраќајка се случила околу 3 часот и 30 минути.
На автопатот, во близина на наплатната рампа Тетово, патничко возило “ауди” со гостиварски таблички, управувано од дваесет и двегодишниот Е.Н. од Чајле, удрило и усмртило дива свиња. Штетата на возилото се проценува на околу 20 илјади денари. На истото место, околу 9 часот и 30 минути, патничко возило “форд галакси” со гостиварски регистарски таблички, управувано од 50-годишниот Б.Џ. од Беловиште, налетало на куче. Материјалната штета во оваа несреќа се проценува на 5000 денари. Третиот судир се случил во близина на надвозникот за Градец, вечерта околу 23 часот. Овој пат патничко возило “фолксваген пасат”, управувано од 40-годишниот Л.А. од Шемшово, удрило во зајак. Оштетувањето на возилото се проценува на над 20 илјади денари.
Според портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски, на поширокото тетовско подрачје годинава се регистрирани педесетина сообраќајни несреќи што ги предизвикале животни. Најголемиот број од несреќите се случиле на автопатот Гостивар – Тетово во доцните вечерни или во раните утрински часови, и завршиле само со материјална штета.
Причина за овие несреќи е недоволната обезбеденост на коловозите со заштитна ограда, пред сe, на автопатот Тетово – Гостивар, на кој на повеќе места е оштетена оградата или воопшто ја нема.