Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски во придружба на раководителот на секторот за шумарство и ловство Саша Јовановиќ, на 2 март во државното ловиште „Фазанерија“ свечено ги додели договорите за концесии за користење на дивечот во ловиштата и Посебните ловностопански основи а истите ловишта.
Со доделувањето на концесиите за користење на дивечот, се продолжува процесот на континуирана грижа за благосостојбате на дивечот, следење на нивната динамика, здравствена состојба и негова заштита.
Покрај тоа со низа мерки предвидени во Посебните ловностопански основи, се води сметка за уреденоста на ловиштата со разни ловнотехнички објекти кои ќе придонесат за поефикасно спроведување на одгледно-заштитините мерки за дивечот и ќе ги намалат опасностите од несреќи при ловот.
Минатата година беше објавен јавен повик за доделување концесија за користење на дивечот и ловиштата во 9 ловни реони во државава во кои има 43 ловишта. По завршување на постапката, склучени беа 32 договори за концесии за 32 ловишта од целата територија на државава. Во оваа пригода беа доделени договорите за ловиштата во ловните реони Скопје, Свети Николе, Кавадарци, Валандово, Гевгелија, Кочани, Виница, Делчево, Гостивар, Демир Хисар, Битола, Охрид, Ресен и Кичево.
„Со ова ние ја исполнуваме нашата законска обврска согласно Законот за ловството. Сега следува вие да ги исполните вашите обврски, со фокус на формирање и трајно одржување стабилни популации дивеч, со оптимална полова и возрасна структура за континуирана репродукција на здрави и квалитетни единки, со високи трофејни вредности. Вашата улога е огромна во зачувувањето и грижата за дивечот, преку редовни активности и почитување на обврските кои произлегуваат од договорот“ изјави министерот Николовски.
Ловството е значајна стопанска дејност на која и министерството и дава големо значење, со посебен акцент на улогата на ловците за благосостојбата на дивечот во ловиштата и за заштитата на природата.
Министерот Николовски најави дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе организира советување со сите концесионери за состојбата во ловиштата од досегашното стопанисување, со цел унапредување на соработката и подобрување на состојбите во секторот.