Ловот со птици грабливки се претпоставува дека потекнува од номадските народи на Азијатските рамници. Номадите ги користеле птиците грабливки да обезбедат храна неопходна за опстанок, на еден од веројатно најдревните начини на ловво историјата на човештвото. Подоцна, соколарството се развива во спорт и оваа фасцинантна соработка меѓу човекот и птицата станала една од најстарите активности на човекот во природата. Се чини дека во денешно време во соколарството ловот е споредна работа и дека тоа се базира на љубовта кон птицита и задоволството од набљудувањето на начинот на лов на птицата.
Соколарството долго време било третирано како благородничка уметност. Ловот со птици грабливки во Средновековна Европа бил аристократска забава и посебни феудални закони како и религиозни нарачки биле вмешани во одгледувањето и тренирањето на грабливките. Дресираните соколи биле ценети како скапоцени поклони од значителна вредност и често се користеле во дипломатски цели.
Иако во денешно време кај нас соколарството е многу малку присутно, во овие простори тоа има длабока традиција. Долго време тоа било познато како доганџиство, што потекнува од турскиот збор Доган – сокол. Според некои историски сведоштва, соколарите од овие простори важеле како едни од најдобрите во турската империја.
При ловот со дресирани птици грабливки најчесто се користат јастребот кокошкар (Accipiter gentillis), сивиот сокол (Falco peregrinus), степскиот сокол (Falco cherrug) и златниот орел (Aguila chryaetos), сепак во современото соколарство често се употребуваат и црвенопашестиот глувчар (Buteo jamaicensis), харис јастреб (Parabuteo unicinctus) како и некои бувови.
Што претставува ловот со птица грабливка?
Тоа не е лесен и многу успешен метод на лов. Некои мислат дека соколот постојано пред нозете на соколарот го остава зајакот, шатката, фазанот или еребицата, што не е така. Потребно е многу време, грижа и внимание да се посвети на самата птица – сокол, јастреб, орел или був, кои се основните птици кои се користат за лов. Покрај тоа, треба да се постигне и симбиоза помеѓу ловецот и птицата, чие партнерство треба постојано да се докажува.
Птицата за разлика од кучето и коњот, никогаш нема да го прифати човекот за господар. Таа може да му дозволи само да и биде партнер за одреден временски период, после што може да одлучи да го напушти. Како што тврдат многу соколари, птицата или го прифаќа или не го прифаќа човекот за партнер.
Исклучително е убав летот на птицата, насочена кон целта – еребица, фазан или лисица и други предатори. Ова, се разбира, не може да се набљудува при секое спуштање на соколот. Според статистиката од 10 напади на овие птици само еден е успешен. Ако на ден сме сведоци на два продуктивни напади, тоа значи дека имаме среќа. Често нападот е сокриен дури и за соколарот, бидејќи птицата се оддалечува од него и почнува да лебди, зголемувајќи го постепено растојанието од својот партнер заштитник. Дури кога соколарот ќе види мала точка од небото како се спушта кон можниот плен, може да отиде до местото и да утврди дали нападот бил успешен. Ако птицата има фатено дивеч, соколарот треба да пристапи многу внимателно. Тој, од една страна треба да и покаже дека треба да му го отстапи пленот, а од друга страна да и даде да јаде од месото за да се задржи нејзиниот интерес од нивното партнерство.
Должност на соколарот е да ја однесе птицата на вистинскиот ловен терен, а на птицата – да го фати дивечот и да му го однесе на соколарот. Потребно е човекот да и обезбедува постојана можност за потера. Практично соколарот е роб на својата птица, кој секој ден треба да ја изнесува да лета. Во спротивно таа ги губи своите способности и бидејќи не лета, не се вежба и не се храни со свежо месо почнува да се чувствува несреќна и често на крајот умира. Иако овие птици се мршојадци, тоа не значи дека може да се хранат само со месо кое не го уловиле самите.
Многу еколози го осудуваат соколарството како метод на лов, сметајќи дека со него се криволови, дека се убиваат други полезни птици и дека се крадат јајцата на птиците грабливки од нивните гнезда. Сепак се испоставува дека нивните познавања не се толку големи како што тврдат тие. Сигурно постојат луѓе кои криволоват или крадат јајца, но соколарството не е метод на криволов.
Потребна е голема грижа за птицата која постојано треба да се храни и да се води сметка за нејзиниот тренинг, со што се вложува многу повеќе одколку што се добива. Еден соколар може да ја изведе птицата да лови по 5 часа па дури и цел ден, но не може тоа да го прави секојдневно. Недоволното излегување на лов на птицата може да претставува проблем.
Соколарите во светот се исклучително богати луѓе – аристократи, шеици, бизнисмени, посветени на птиците и природата. Практично радоста на соколарот не е во стекнувањето на една еребица, туку во набљудувањето на ловот на птицата. Тоа е убав и етички метод на лов, иако се чини дека во денешно време во соколарството ловот е споредна работа и дека тоа се базира на љубовта кон птицита и задоволството од набљудувањето на начинот на лов на птицата.
Преку соколарството се стекнува почит кон птиците грабливки. Додека обичните ловци пукаат кон птиците грабливки под изговор дека тие го ништат корисниот дивеч, тешко дека ќе сретнете соколар кој некогаш ќе пука кон некоја птица грабливка.
Во денешно време, иако ловот со птици грабливки во нашата држава е дозволен со претходно одобрение од министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, тешко дека ќе сретнете некој соколар низ нашите ловишта. Сепак имајќи во предвид дека низ нашата држава минуваат коридорите на преселните птици, како и богатството со автохтони птици, преку привлекување на странски ловци кои ловат на овој начин на лов, може да и донесе полза на нашата држава.
Вреди да се напомене дека во нашата држава од 2005 година постои здружение на граѓани за заштита и одгледување птици грабливки “Јарак“ кое е член на IAF. Целта на здружението е да ги заштити дивите птици грабливки во природата, да ги заштити нивните гнездилишта, да врши прихрана на птиците грабливки, да спроведе мониторинг, како и да лобира за донесување на законска регулатива за соколарството во Република Македонија. Здружението превзема одредени активности помеѓу кои се: увоз на грабливи птици (јастреб), спроведува разни истражувања, учество на соколарски фестивали, организира ревијални изложби, превзема одредени едукативни активности и сл.
Само јастребите убиваат со клун
Исклучително интересен е ловот со орли во степите. Птицата ја забележува жртвата од голема далечина. При тоа се киристат и ловечки кучиња за да го дигнат дивечот, на пример волк. Орелот се спушта и со едно движење на своите нокти му го крши рбетот кај вратот, со што го парализира волкот и им го остава на кучињата да им го донесат на ловците. Парадоксално е што птица која не тежи повеќе од 6-7 килограми , може да убие волк од 50 кг . Соколот, бувот и орелот ги убиваат жртвите со помош на ноктите, додека јастребот ја задржува жртвата со ноктите но ја убива со клунот.