Складишта за храна за дивеч

 

Складиштата се такви ловнотехнички објекти со помош на кои на подрачјето на ловиштето, се складира потребната квалитетна дополнителна храна за дивечот. Нивната конструкција и облик може да бидат различни што зависи од видот на храната која ќе се чува во нив, но сепак без разлика на градбата и формата тие мора во целоста да ја исполнуваат својата основна функција, а тоа е да ја чуваат храната од расипување и растурање.

Најдобро е складиштата да се градат во близина на хранилиштата за да може во текот на зимските месеци кога патиштата се тешко проодни и кога храната му е најпотребна на дивечот, таа лесно да се доставува до хранилиштата. Големината на овие складишта ќе зависи од количеството на храна што ќе се чува во нив. При изработка на складиштата ќе треба да се внимава тие да не пропуштаат вода и да се подигнати од земјата.

Покомлицирани и поскапи се т.н. комбинирани складишта, кои од надворешната страна имаат и јасли. Ваквата конструкција им овозможува покрај складирање на храната од нив директно да се врши прихрана на дивечот, што е доста практично во текот на зимските месеци со висок снег кога доставата на храната до хранилиштата е отежнато.

Складиште со хранилиште

Комбинирано складиште за храна и хранилиште во државно ловиште Полаки

 

Од големо значење е одржувањето на хигиената во и околу складиштата за да не дојде до појава на некоја заразна болест. Од таа причина, редовно треба да се врши дезинфекција на складиштата и просторот околу нив.

Складирањето на компирестата и сочната (зељаста) храна, може да се врши и во подземни простории – подруми, или во т.н. земјани трапови во кои храната се наредува на дебел слој слама и се обложува од сите страни со слама, за на крај врз горниот слој да се нафрли земја и така се сочувува храна од смрзнување. При ваквото складирање на храната треба да се внимава на атмосверската вода да не допира до храната.

Стог за храна

Ограден стог сено

 

Покриениот стог е најприкладен начин на складирање и изложување на кабастата храна (сено, лисник и сл.) за дивечот. Тој е практичен особено во планинските ловишта, каде во зима поради високиот снег храната тешко се доставува. Сеното складирано во стог ги задржува природните особини, а по изглед тоа делува најприродно па дивечот брзо се привикнува и не се плаши.

Бидејќи сеното се припрема и складира во текот на летото, за да се сочува од стоката, стоговите пожелно е да се оградат. Обично се користи дрвена ограда од монтажни елементи. Кога стоката ќе се повлече од шумата оградата се расклопува и се трга настрана за дивечот да може постепено да се навикнува на хранилиштето и во критичните периоди нормално да ја зема храната.

Сеното се реди околу централен столб, на чиј врв поставуваме кров изграден од даски или лим, така да како што се намалува сеното да може да се лизга надоле и да го притиска сеното. Едноставните стогови можеме да ги покриеме и со ПВЦ фолија, “тер папир“ или со прирачен материјал (гранки, папрат, трска и сл.).

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You cannot copy content of this page