На 30 јуни 2021 година Република Македонија го доби четвртиот национален парк со изгласувањето на Законот за прогласување на дел од Шар Планина за заштитено подрачје во категорија Национален парк во Собранието на Република Македонија. Законот за прогласување на дел од Шар Планина за Национален парк се објави во „Службен весник на РМ“ бр.151 од 6 јули 2021 година.
Причината за прогласување на Шар Планина за заштитено подрачје во категорија Национален парк е заради:
„заштита на исклучителните природни убавини и вредности, разновидноста и богатството на биодиверзитетот, геодиверзитетот, хидролошките карактеристики, пејзажните, пределните и други вредности, како добра од јавен интерес“.
Вкупната површина на Националниот парк „Шар Планина“ изнесува 62.705 хектари со три зони и тоа:
- зона за строга заштита – како зона од највисок интерес за заштитата, што се карактеризира со изворни, неизменети карактеристики на екосистемите или има сосема мали промени како резултат на традиционални управувачки практики, поделена на пет одделни единици со вкупна површина од 16.651 хектар или 26,5% од вкупната површина,
- зона за активно управување – која претставува зона од висок интерес за заштита, во која се потребни управувачки интервенции со цел реставрација, ревитализација или рехабилитација на живеалиштата, екосистемите и другите елементи од пределот со вкупна површина од 30.763 хектари или 49,06% од вкупната површина,
- зона за одржливо користење – која претставува дел од заштитеното подрачје кој не поседува високи вредности за заштитата, во кој се наоѓаат инфраструктурни објекти, објекти на културното наследство, типови на шумски насади кои што не се карактеристични за подрачјето, како и населени места со околното земјоделско земјиште со вкупната површина од 13.805 хектари или 22,02% од вкупната површина и заштитен појас кој се воспоставува околу ски центарот „Попова Шапка“ со вкупна површина од 1.484 хектари или 2,37% од вкупната површина на Националниот парк „Шар Планина“.
Надворешна граница и зони на Национален парк Шар Планина
Со Националниот парк Шар Планина управува Јавната установа Национален парк Шар Планина, формирана со Одлука за основање на Јавната установа Национален парк Шар Планина објавена во „Службен весник на РМ“ бр.175 од 2 август 2021 година, со која Одлука се именува и вд директор. Со паркот се управува врз основа на План за управување со Национален парк Шар Планина.
Прогласувањето на Шар Планина за Националниот парк беше поздравено од институциите, невладините организации и поголем дел од граѓаните, бидејки, според нив, основната улога на Националниот парк е заштита на природните богатства на Шар Планина.
Шумите во НП „Шар Планина“
Бидејки шумите како еден од највредните природни ресурси со кои се одликува Шар Планина и покриваат околу 46 % од површината на националниот парк ќе дадам свој коментар, а од аспект на шумарството и ловството за прогласувањето и понатамошно функционирање на Националниот парк „Шар Планина“.
Во административен поглед шумите на Шар Планина се поделени на Шумскостопански единици со кои управуваa Подружницата Шумско Стопанство „Шар“ од Гостивар и Подружницата Шумско Стопанство „Лешница“ од Тетово, кои се во состав на Јавното Претпријатие за стопанисување со државни шуми „Македонски Шуми“ – Скопје. Вкупната површина под шума опфатена со петте шумскостопански единици изнесува 20.090,71 ha, од кои 18.332,11 ha или 91,2 % се обраснати со шума, а 1.758,60 ha или 8,8 % се шумско земјиште.
Дрвната маса и годишниот прираст на шумите се важни структурни елементи кои воедно укажуваат и на квалитетната структура на шумите. Шумите на Шар Планина има вкупно 2.172.994 m³ дрвна маса со просечната дрвна маса на еден хектар е 118,53 m³. Најголема дрвна маса на единица површина има во Шумскостопанската единица „Лешничка шума“, која изнесува 210,10 m³/ha.
Годишниот етат претставува дозволено количество на дрвна маса која може да се користи од шумата, без притоа да се наруши нејзината биолошка стабилност. Етатот односно дозволеното годишно количество за сеча од шумите на Шар Планина изнесува 18.388 m³ годишно што претставува околу 54 % од вкупниот годишен тековен прираст по дрвна маса. Помалото користење на дрвната маса од тековниот годишен прираст има за цел акумулација на поголема количина на дрвна маса во шумите, со што ќе се подобри структурата и биолошката стабилност на шумите.
Ловство во НП „Шар Планина“
Шумите и шумското земјиште, како и високопланинските пасишта на Шар Планина се предуслов за опстанок на одредени видови на дивеч. Опстанокот и размножувањето на дивечот се непосредно поврзани со определено местоживеење, односно биотоп. Во ловната наука живеалиштата на дивечот под определени критериуми се издвојуваат во посебни комплексни целини наречени ловишта.
Востановените ловиштата на Шар Планина се во Полошкото ловностопанско подрачје, во ловен реон Гостивар со две ловишта за крупен дивеч и ловен реон Тетово со пет ловишта за крупен дивеч.
Вкупната површина под ловишта на Шар Планина е 72.788 ha. Дивечот во овие ловишта е даден на стопанисување и управување на 5 Ловечки друштва и Јавното претпријатие за стопанисување со шуми „Македонски шуми“ – Скопје, подружница „Лешница“ – Тетово со склучени Договор за концесија и управување на дивечот во ловиштето со Владата на Република Македонија до 2032 година.
Сите овие наводи од аспект на шумарство и ловство важеа до прогласување на Шар Планина за Националниот парк, кога јавната установа ги превзема сите ингеренции и има интегрирано управување со просторот.
Сепак треба да се знае дека покрај еколошките функции, на шумите имаат и производни и социјални функции.
Може ќе ве интересира: Забраната за лов во строго заштитените подрачја во ЕУ е неоправдана
Социјални функции на шумите
Дел од социјалните функции на шумата е месното население од руралните области, па и дел во урбаните, да се обезбеди со огревно дрво како енергенс. Во опфатот на Националниот парк Шар Планина со пошироката околина има 154 села и 2 града, a во самиот опфат постојат 40 села од кои дел се распространети длабоко во планинските предели, со вкупно 263.880 жители со густина на население од 128,62 жители на км2 (на ниво на територијата на Република Македонија густина на население е 78,66 жители на км2).
Националниот парк со голем антропоген притисок
Подрачјето во опфатот на Националниот парк Шар Планина е најгусто населено подрачје во државава, а можеби и пошироко.
Со ваков антропоген притисок на површината на Шар Планина многу тешко ќе спроведат основните постулати од Законот за заштита на природата и Законот за прогласување на дел од Шар Планина за Национален парк.
Притоа, како месното население ќе се снабдува со огревно дрво, кога зоната за одржливо користење во која се дозволени стопански активности е околу 22% од вкупната површина на Националниот парк, а тука се лоцирани населените места со околното земјоделско земјиште и шуми преди се во приватна сопственост. Ако за решавање на проблемот за задоволување на потребите со огревно дрво се спроведат стопански активности во зона за активно управување која претставува зона од висок интерес за заштита тогаш и самото прогласување на Шар Планина за Националниот парк ја губи смислата.
Отфрлен подобар предлог за да не се изгубат социјалните функции на шумата
За да се избегнат сите непознаници кои подоцна ќе произлезат, а да не се изгубат социјалните функции на шумата со носењето на Законот за прогласување на дел од Шар Планина за Национален парк, во фаза на изработка и донесување на законот мојот став беше да се избегнуваат огромни заштитени подрачја (површината на НП „Шар Планина“ и НП „Маврово“ заедно е 135.793 хектари), и да не се уништаат две шумски стопанство и пет ловни друштва како концесионери на дивечот во ловиштата како можно решение да се репрогласи Шумскиот резерват и ловиште „Лешница“ прогласен согласно Законот за шумите во 1986 година, кој го завзема централниот дел на Шар планина со вкупната површина од околу 12.300 ха во категорија Национален парк според Законот за заштита на природата (приближно колку и површината на Националниот парк Пелистер кој зафаќа 12.500 хектари).
Место викано „Лешница“
Шумите на споменатото подрачје се карактеристични со букови шуми во подгорското и горското подрачје чисти и мешани со ела и смрча, јужниот огранок на ареалот на смрчата која гради чисти и мешани шуми со ела и бука, елови шуми чисти и мешани, присаство на молика и муника на различни месторастења, бел бор на ограничена површина како и тиса како терцијарен реликт и балкански ендрмит.
Од диви животни ова подрачје е главно живеалиште на Шар планина на рисот, дивокозата, суриот орел и орелот крстач а се среќаваат и мечка, срнската дивеч, дивата свиња и волкот.
Богато развиена хидрогравска мрежа каде главен водотек е реката Пена со повеќе нејзини десни притоки, шест леднички езера кои не пресушуваат и неколку кои преку летото и есента пресушуваат, тресетишта и други природни реткости, високоопланински пасишта со бачила за летна испаша на овци на традиционален начин.
Во овој опфат нема нити едно населено место, а само четири села со во непосредна близина надвор од границата, сопственоста на земјиштето е во државна сопственост со незначителни приватно површини.
Само на ваков начин би се задоволиле еколошките, производните и социјални функции на шумите или екосистемските услуги, што значи би добиле и заштитено подрачје од категорија Национален парк и нормално функционирање на шумарството и ловството како стопански гранки на подрачјето на Шар Планина.
Извор: Facebook страна на м-р Војо Гоговски