Според Законот за ловство, 31-ви јануари беше последниот ден за лов на дива свиња и требаше на настапи ловостој за овој вид на дивеч.
Сепак со најновата одлука на министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ловната сезона за диви свињи се продолжува од 01.02.2023 до 31.03.2023 година.
Од министерството посочуваат дека со цел продолжување на мерките од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство врз основа на епидемиолошката состојба со болеста Африканска чума кај дивите свињи, одобривме продолжување на лов на дива свиња во ловиштата на територија на РС Македонија, кои се простираат во источниот дел од левата стана на патниот правец (А-1) Е-75, кој се протега од граничниот премин Табановце до граничниот премин Богородица.
Санитарниот лов на диви свињи се спроведува на ловишта каде болеста е веќе потврдена, а ловот се врши групно во присуство на ловочувар, инспектор за ловство и ветеринарен доктор, а застреланиот дивеч треба да биде складиран согласно решението на АФВ за заштитните мерки на ловиштата во однос на африканската чума кај дивите свињи.
Многу арно не е на арно
Ова се неопходни мерки за да се доведе бројноста на дивата свиња во еден оптимален број, бидејќи пренамноженоста е добра основа за појава на болести и брзо нивно ширење.
Ловџиите многу ги радува „експлозијата“ на популациите на дивите свињи во ловиштата низ државата, но нивната пренамноженост може да предизвика и многу лоши последици врз дивечот.
Ловџиите како одгледувачи на дивечот имаат задача да одржуваат една биолошка рамнотежа во ловиштата и во случај ако се појави пренамножување на некој вид на дивеч над капацитетот на ловиштата, како што е со дивата свиња, потребно е да интервенираат и да ја вратат биолошката рамнотежа во нормала.
Во спротивно ризикуваат таа биолошка рамнотежа да ја воспостави самата природа, но во тој случај последиците врз дивите животни, но и врз домашните животни би можеле да бидат катастрофални. Еден од начините на кој што природата може да влијае врз намалување на пренамноженоста на некој вид на дивеч е со појава на болести, кои може целосно да ги девастираат популациите на дивечот.