Прихранување на дивечот

Во зимскиот перод од годината во ловиштата, особено во деновите со висока снежна прекривка, се јавува недостиг на храна и затоа дивечот треба да се прихранува. Целта на прихранувањето на дивечот е тој да преживее, односно да не пцовиса од глад во зима. Се смета дека една од причините за исчезнувањето на некои видови на дивеч е отсуството на зимското прихранување. Токму зимското прихранувањето може да помогне, односно да ги ублажи промените во природата кои дивечот ги чувствува во тој период од годината.

Хранилиштата за дивечот треба да бидат изградени до почетокот на зимата. Со прихранување се почнува кога температурата ќе падне под 0 °С или кога ќе падне првиот снег.

Хранилиштата за дивечот треба да се формираат на места заштитени од ветрови.

Како прихрана за крупниот дивеч се користат прехранбени култури како на пр: сено, овес, пченка, желади, див костен и сл. За таа цел најчесто се градат т.н. јасли. Јаслите треба да бидат со решетки, а од горната страна треба да бидат покриени за да се оневозможи расипување и навлажнување на храната. За зрнестата храна се користат јасли во форма на сандак или корито или автоматски јасли на електричен погон кои може да се програмираат.

Крупниот дивеч се прихранува секогаш во исто време, најчесто еден час пред стемнување.

Како прихрана за ситниот дивеч се користат прехранбени култури како на пример: пченка, пченица, јачмен, просо и сл. Во однос на времето за прихрана и ситниот дивеч се храни секогаш во исто време. Ситниот дивеч се прихранува претпладне или попладне. Доколку не постојат соодветни природни места, за прихранување на ситниот дивеч се градат посебни хранилишта. Ако за прихранување се користи скапа храна, се започнува со давање на помали количини од храната, а откако ќе се констатира дека дивечот ја јаде, количеството се зголемува.

Храната со која го прихрануваме дивечот треба да биде здрава (не смее да биде мувлосана, гнила, трула), бидејќи неквалитетната храна може да предизвика проблеми со варењето, па дури и угинување на дивечот.

За формирање на скелетот, роговите и роговјето на дивечот му се потребни и минерални материи, особено напролет и наесен. За обезбедување на неопходните минерални материи најчесто со храната на дивечот се меша и сол. Парчиња на сол може да се постават и во вдлабнатинките на дрвјата или во карпите. Овие места се нарекуваат „солишта”.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You cannot copy content of this page