Правилник за униформата, легитимацијата и оружјето на ловочуварот

 

Иако ловечките друштва и концесионерите на ловиштата најчесто во зависност од личнот вкус и стандард избираат ловечка униформа и ознаки на неа, сепак изгледот, односно бојата и кројот на нивната униформа се пропишани со Правилник издаден од Министерството за земјоделство, шумарство  и водостопанство. Со овој правилник е дефинирано како треба да изгледа летната и зимската униформа и со каков состав да бидат истите.

Покрај тоа, со истиот Правилник дефинирани се и изгледот и големината на ознаките кои треба да бидат истакнати на видно место на униформата, содржината на образецот на легитимацијата, како и видот на службеното оружје на ловочуварот. За концесионерите на ловиштата исклучително значајно е да се применува овој Правилник, бидејќи согласно Законот за ловството член 78 став 4 – концесионерот на дивечот во ловиштето или друго правно лице ќе биде казнето со глоба од 3.000 до 5.000 евра доколку дозволи ловочуварот да си ја врши службата без униформа, без оружје или легитимација.

 

 

П Р А В И Л Н И К

за бојата и кројот на униформата, содржината на образецот на легитимацијата, како и видот на оружјето на   ловочуварот

Член 1

Co овој правилник се пропишува бојата и кројот на униформата, содржината на образецот на легитимацијата, како и видот на оружјето на ловочуварот.

 

Член 2

Ловочуварот има зимска и летна униформа.

 

Член 3

Зимската униформа на ловочуварот се состои од: сако, панталони, зимски ловечки шешир, кошула со долги ракави, вратоврска, џемпер, шал, поткапа, ветровка со влошка, кожни нараквици, теренски чевли и зимски чорапи.

 

Член 4

Делови од зимската униформа на ловочуварот го имаат следниот крој и боја:

  1. Сакото е од камгарн (85% волна и 15% синтетика) со отворени ревери, благо изразен струк и доволно комотно. Сакото е поставено и има по еден џеб од двете внатрешни страни. Ракавите на сакото се долги до половина на дланката на природно опуштена рака. Сакото однапред се закопчува со четири копчиња во бронзена боја со пречник од 22 мм. Копчињата се сошиени на десната страна на сакото на подеднакво меѓусебно растојание. На сакото од надворешна страна, на градите и на долниот дел на двете страни се наоѓа по еден џеб со испуска и капак кој се закопчува со копче во бронзена боја со пречник од 16 мм. Широчината на горните џебови е од 12 до 16 см, а должината од 14 до 19 см. Широчината на долните џебови е од 16 до 22 см, a должината од 18 до 23 см. Нарамениците се од истиот материјал како и сакото, и истите до ракавот се со широчина од 60 мм, a при врвот се со широчина од 45 мм. Нарамениците со едниот крај се сошиени на ракавот, а другиот крај кој завршува во форма на тап агол, се закопчува до околувратникот со копче во бронзена боја со пречник од 14 мм. Сакото одзади има прорез кој започнува на 6 до 8 см од половината. На околувратникот на сакото на двата краја однапред се наоѓа ромбоид од истиот материјал од кој е изработено и сакото со должина од 4 см, со широчина од 3,5 см, порабен со испуска со златножолта боја со широчина од 3 мм. Сакото е со темно кафеава боја. На горниот дел од десниот ракав на сакото, на растојание од 10 см, од горниот раб на ракавот е вшиен правоаголен амблем со димензии 10,5 Х 2,5 см, изработен од чоја со светло кафеава боја на кој со бели букви е извезено „ЛОВОЧУВАР”, а од внатрешната страна на растојание од 0,5 см, од надворешниот раб е опшиена жолта лента. (Прилог број 1).

Прилог 1

 

Ha горниот дел од левиот ракав од сакото, на растојание од 8 см од горниот раб на ракавот е вшиен амблем во облик на круг со дијаметар од 9 см, изработен од чоја со светло кафеава боја на кој со бели букви е извезено „ЛОВОЧУВАРСКА СЛУЖБА” во форма на полукруг, а под него е извезен симбол „ЕРЕБИЦА КАМЕЊАРКА” (Прилог број 2).

Прилог 2

 

  1. Панталоните се од камгарн со вообичаен крој. Од двете страни и одзади на десната страна панталоните имаат еден џеб и потребен број гајки за ремен. Панталоните се со темно кафеава боја.
  2. Зимскиот ловечки шешир се изработува од чоја и е со вообичаен крој. На средината на шеширот однапред, се носи ознака во форма на круг изработен од светлокафеава чоја со дијаметар од 3 см, на која е извезен жолт ловоров венец во чија средина со жолти букви е впишано „РМ” (Прилог број 3). Зимскиот ловечки шешир е со темно кафеава боја.

Прилог 3

 

  1. Кошулата со долги ракави е изработена од пуплин или друга слична ткаенина (67% памук и 33% синтетика) во светло кафеава боја и е со вообичаен крој. Крагната на кошулата има копчиња за прицврстување на вратоврската. Ракавите се нормални – во рачниот појас со две копчиња на манжетните и едно копче за затворање на отворот над манжетната.
  2. Вратоврската е со темно кафеава боја со вообичаен крој и должина.
  3. Џемперот е со долги ракави, изработен од волнено предиво (60% волна и 40% синтетика) во светло кафеава боја, со вообичаен крој и со V (ве) изрез.
  4. Шалот е изработен од волнено предиво (60% волна и 40% синтетика) со вообичаена должина и широчина во светло кафеава боја.
  5. Поткапата е од волнено предиво (60% волна и 40% синтетика) со темно кафеава боја и е доволно долга да го заштитува вратот.
  6. Ветровката со влошка е од мешавина на памучно-синтетичка ткаенина (50% памук и 50% синтетика) во темно кафеава боја и поставена со свилена ткаенина од соодветна боја. Од рамената до висината на градите и преку грбот е зајакната и има влошка која допира до ракавите што може да се вади. Ветровката има појас и ќулавка кои се од иста ткаенина како и ветровката. Ќулавката е изработена така да ја покрива капата со заштитникот и поставена со свилена ткаенина со соодветна боја. Должината на ветровката изнесува до 25 см над колениците. Ветровката има четири обични копчиња во еден ред кои се со иста боја како ткаенината. На левата и десната страна на градите се врежани вертикално поставени џебови со нормална големина кои се затвораат со патент – затворувач. На долниот дел од двете страни ветровката има по еден длабок џеб со преклоп. Џебовите се широки од 18 до 22 см, a високи од 24 до 28 см. Под нив од страната се наоѓа уште по еден џеб со иста големина. Ветровката, на левата страна од горе има внатрешен џеб, косо поставен. На долниот дел на ракавите од ветровката има лента од истиот материјал долга 11 см и широка 4 см, која се закопчува со копче во иста боја како и ветровката. На оддалеченост од 6 см e сошиено уште едно копче. Ветровката има нараменици од иста ткаенина со широчина до ракавите од 60 мм, a при врвот 45 мм. На ракавите на ветровката се вшиени истоветни амблеми како и на сакото.
  7. Кожните нараквици се со вообичаен крој со раздвоени прсти, во црна боја, а од внатрешната страна се поставени со крзно.
  8. Теренските чевли се од мрсен спорт-бокс, со кожен меѓуѓон и надворешен ѓон од гума. На нив се нашиени глуждници за околу 8 см над глуждот. Теренските чевли се со црна боја.
  9. Зимските чорапи се изработуваат од памучно предиво (70% памук и 30% синтетика) во вообичаен крој и имаат светло кафеава боја.

 

Член 5

Летната униформа на ловочуварот се состои од: кратка виндјакна, панталони, летен ловечки шешир, кошула со кратки ракави, плитки чевли и чорапи.

 

Член 6

Деловите на летната униформа на ловочуварот го имаат следниов крој и боја:

  1. Кратката виндјакна е од платно со темно кафеава боја (50% памук и 50% синтетика), од внатре е поставена, со нашиен превиткано поставен околувратник. Виндјакната се закопчува со патент-затворувач до под грлото, а реверите се прилагодени за отворање. На виндјакната, однапред на надворешната страна, се на шиени два џеба долу и еден џеб на горната лева страна. На виндјакната одзади има две вертикално поставени фалти на меѓусебно растојание од над 50 см. Виндјакната има појас, манжетни и дел од крагна изработени од плетен материјал. Нарамениците на виндјакната се од иста ткаенина како виндјакната и со иста форма и крој како на рамениците на сакото. Копчињата на џебовите и нарамениците се со иста боја, форма и големина како и на сакото од зимската униформа. На ракавите на виндјакната се вшиени истоветни амблеми како и на сакото од зимската униформа.
  2. Панталоните се од тергал со темно кафеава боја (65% волна и 35% синтетика) и се со ист крој како и панталоните од зимската униформа.
  3. Летниот ловечки шешир се изработува од тергал и е со темно кафеава боја со ист крој како и зимскиот ловечки шешир. Однапред на средината на летниот ловечки шешир се носи истоветна ознака како и на зимскиот ловечки шешир.
  4. Кошулата со кратки ракави е изработена од платно – мешавина на памучни и синтетички влакна (67% памук и 33% синтетика) со нашиен и превиткано поставен околувратник. Кошулата со кратки ракави однапред е порабена, a ce закопчува со копчиња со пречник од 10 мм, со иста боја како и ткаенината од која е изработена кошулата. Кошулата во горниот дел е отворена. На кошулата од напред на градите има два џеба со испуска и преклоп погоден за закопчување. Ширината на џебовите е од 12 до 14 см, a должината е од 14 до 16 см. Испуската на џебовите е од 2,5 до 3 см. Нарамениците на кошулата ce од иста ткаенина како и кошулата и ce со иста форма и големина како нарамениците на сакото од зимската униформа. На кошулата на левиот и на десниот ракав ce вшиени истоветни амблеми како и на виндјакната. Кошулата е со светло кафеава боја.
  5. Плитките чевли ce со вообичаен крој, црна боја, со кожен или гумен ѓон.
  6. Чорапите ce со светло кафеава боја (70% памук и 30% синтетика), со вообичаена форма и длабочина.

 

Член 7

Легитимацијата на ловочуварот со формат 6,5 х 10 см, е изработена од хамер хартија со светло кафеава боја и е заштитена со пластична фолија. Легитимацијата има две страни со следната содржина:

– предната страна содржи: текст: „Република Македонија”, име на корисникот на дивечот на ловиштето, место за фотографија 3 х 3,5 см, текст: „Легитимација на ловочувар”, име и презиме на ловочуварот и регистарски број на легитимацијата;

– задната страна содржи: текст: Имателот на оваа легитимација е овластен да ги обавува сите дејствија предвидени за ловочувар со Законот за ловството („Службен весник на Република Македонија” бр. 26/09), потпис на овластеното лице што ја издава легитимацијата и место за печат.

Образецот на легитимацијата на ловочуварот е даден во прилог кој е составен дел на овој правилник (Прилог број 4).

Прилог 4

Член 8

За време на вршење на службена должност ловочуварот носи пиштол и ловен карабин.

 

Член 9

Со денот на влегувањето во сила на овој правилник престанува да важи Правилникот за униформата, образецот на легитимацијата и видот на оружјето на ловочуварот („Службен весник на Република Македонија” бр. 16/97).

 

Член 10

Овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”.

 

 

 

Бр. 09-14797/1                                                                                    Министер за земјоделство,

16 ноември 2009 година                                                                        шумарство и водостопанство,

Скопје                                                                                                    Љупчо Димовски, с.р.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You cannot copy content of this page