Одгледување и заштита на дивечот

Најважна компонента во ловството е одгледување и заштита на дивечот. Одгледувањето на дивечот подразбира преземање на активности со цел да се подобрат условите за опстанок и размножување на дивечот.

Опстанокот и развитокот на дивечот зависат од:

  • можностите за природно размножување на дивечот
  • можностите за преживување на подмладокот
  • можностите на местоживеењето за формирање на стабилна популација

Во природата е речиси невозможно да се пронајдат местоживеења во кои дивечот би можел максимално да ги задоволи своите потреби. Познавањето на биоекологијата на секој конкретен вид на дивеч му овозможува на човекот да преземе низа на активности, со цел неповолните влијанија на одделни животни фактори да се сведат на минимум.

За секој вид на дивеч потребно е да се преземат основни мерки и активности кои ќе го подобрат опстанокот и развојот на дивечот.

Одгледување и заштита на дивечот опфаќа повеќе мерки и активности кои ги презема човекот, со цел да ги подобри условите за развој на дивечот. Тие се:

  • обезбедување на доволно храна и вода за дивечот во текот на целата година;
  • формирање на неопходен број на засолништа за дивечот;
  • обезбедување на минимален мир во ловиштето;
  • одржување на нормална бројна состојба на дивечот според капацитетот на ловиштето;
  • реинтродукција на основните ловностопански видови во ловиштето заради побрзо постигнување на капацитетот на ловиштето;
  • преземање на превентивни и други мерки за заштита на дивечот од болести;
  • одржување на бројот на дивечот без заштита во обем кој не претставува опасност за дивечот под заштита;
  • воведување на планско искористување на дивечот;
  • одредување и спроведување на ловостој, привремена и трајна забрана за ловење на одредени видови дивеч;
  • подигање и одржување на ловно-технички објекти во ловиштето;
  • вршење на лов со расни кучиња (педигрирани);
  • користење на соодветни средства за ловење;
  • чување на дивечот во ловиштето;
  • аклиматизација на нови видови на дивеч (кои ќе ја збогатат ловната фауна) и
  • реаклиматизација на загрозени видови на дивеч.

Ловното законодавство пропишува задолжителни мерки и активности кои овозможуваат подобрување на условите во местоживеењето и побрзо зголемување на бројноста на дивечот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You cannot copy content of this page