Обука на кучиња гоничи

 

Гоничите се најстара раса на ловечки кучиња од кои најверојатно настанале повеќето ловечки раси на кучиња. Воглавном секоја држава си има свои раси на гоничи, но кај сите нив исти се заедничките особини: претражување на теренот и пронаоѓање на дивечот, како и негово гласно гонење. Со текот на времето и во согласност со потребите на ловците, кај гоничите се развиени и други работни особини, кои ги чинат сестрано употребливи.

Така тие можат да се научат да работат како трагачи по крвна трага, помалите раси успешно  се користат за работа во јами, ги специјализираат за тражење и лов на диви свињи, лисици или само зајак. Тие може да се употребуваат и за истерување на фазани, но може да се обучат и за донесување на помал дивеч, со лаење да јавуваат каде се наоѓа застреланиот дивеч, да ги чуваат оставените работи и сл.

Сепак за еден гонич да стане доверлив и послушен партнер во ловот, тој треба да помине соодветна обука, со која ќе се научи на одредени работи корисни при ловот. Обуката или дресурата на кучиња гоничи опфаќа усовршување на вродените особини и прилагодување на потребите на ловците. Затоа често кажуваме дека постои:

  • предходна обука и
  • подоцнежна обука во ловиштето

 

Обука на кучиња гоничи

Обука на кучиња гоничи

Предходна обука

Предходна обука е зедничка за сите раси на ловечки кучиња. Со предходната обука кај кучињата треба да се отфрлат нивните вродени особини кои му сметаат во односот со човекот. Треба да се обучи на работи кои се неопходни за подоцнежните обуки во ловиштето. При обуката не треба да се применува сила и казнување на кучето. Трпението во работата и попустливост со кучињата даваат најдобри резултати. Предходната обука почнува во најраната младост. Уште сосема мали кучињата штом прогледаат се учат на ред и хигиена.

Кога ќе прогледаат, кучињата излегуваат од леглата и извршуваат нужда. Секое од нив извршува нужда на истото место каде што прв  пат ја извршиле нуждата, затоа што го привлекува мирисот на мокрача и измет. На тие места се поставуваат многу плитки кутии со песок и кога кучето ќе се навикне на тоа, постепено ги отфрламе останатите кутии и оставаме само една, каде што сите кучиња ќе вршат нужда..

Кога кучињата ќе почнат да излегуваат од куќичките и оградениот простор во двориштето, треба да се доведат во контакт со домашни животни, за да се привикнуваат на нив. Кучињата кои се окучени во град, каде што нема домашни животни (живина, овци, кози, говеда и др.), треба почесто да се водат во домаќинства каде ги има да се привикнуваат на тоа. Исто така малото куче треба де изведува во прометни улици, да гледа луѓе и возила и да се привикнува на тоа.

 

Обука за послушност и водливост

Посериозен дел од претходната обука опфаќа обука на послушност и водливост.

 

Обука за послушност

Послушност е дисциплина неопходна за сите кучиња. Таа се состои во тоа да кучето послушно доаѓа на повик на господарот и да ги извршува сите задачи кои ги бара од него. На оваа дисциплина кучето се обучува од најраната младост. Обуката се спроведува во двор. На малото куче веднаш треба да му се даде име и да се довикува по име на пример “Леси – дојди”. Кога ќе дојде треба да се награди со парче месо, да се погали и пофали. Од почетокот кучето не знае што се бара од него. Треба да се биде стрплив и да се повторуваат задачите кои ги бараме, за кучето да свати што бараме од него. Кучето треба да се довикува по име, покасно со свирка за да научи да доаѓа на позив. Не смее да се изгуби трпението и да се удира кучето, затоа што кучето тоа може да го свати дека доаѓа за да добие ќутек. Вежбата треба да се повторува во секоја прилика, а особено подоцна кога го привикнуваме на водење со ремен, бидејќи кучето тогаш нерадо ќе доаѓа, затоа што не трпи ремен.

 

Обука за водливост

Видливост е дисциплина со која настојуваме да ги обучиме кучињата послушно да одат со ремен, до левата нога, а покасно без ремен. Оваа вежба започнува помеѓу 3-6 месеци. На неа и предходи навикнување на кучето на околувратник. Околувратник од мека кожа му се става на кучето околу вратот, тој не треба да е стегнат премногу, но доволно кучето да не може да го извади. Кучето нерадо го прифаќа и се обидува да ја извади, но брзо навикнува на неа. Зад неа се закачува ременот, кој е нешто подолг. Кучето ќе се обидува да се ослободи од ременот, па првиот ден треба да се пушти да пробува да се  ослободи. Кога ќе свати дека не може да се ослободи, постепено ќе се навикнува да се движи со ремен со водич. Ако кучето потрча напред, треба нагло да го повлечеме ременот, а исто така и ако заостанува. Кучето треба и тогаш да го погалите и пофалите. Ако сакаме кучето да го научиме и навикнеме да се движи покрај ногата, треба да користиме ѕид или ограда, при што тоа од едната страна да не може да се одалечи од ѕидот, а од другата страна од водичот. Ако кучето сепак пробува да се оддалечи низ водичот, не треба да се удира, туку благо да се повлече. Кога ќе бидеме сигурни дека кучето послушно иде до нога, не заостанува, не истрчува или не иде лево-десно, можеме внимателно да го ивадиме ременот и да му дозволиме на кучето да оди до нагата. Кај тврдоглавите кучиња се препорачува употреба на огрлици на стегање.

 

Седи

Оваа вежба ја надополнува послушноста и водливоста на кучето. Со вежба се почнува кога кучето ја совладало дисциплината водливост. Ременот се затегнува со левата рака наназад и малку нагоре, а со десната рака се притискаат шепите на кучето накај земја со команда “седи”. Тоа се повторува неколку пати, потоа се изема стискањето со рака на шепите, само со благо повлекување на ременот и со командата “седи”. Кога кучето оваа дисциплина доволно ја совлада во место, се обидуваме вежбата да ја правиме во одење, се додека не дојдеме до тоа штом застанеме сам да седне.

Кога овие дисциплини ќе се усовршат, се преоѓа на наменската обука.

 

Наменска обука на кучиња гоничи

Обука на кучиња гоничи

Апортирање-донесување

Во оваа дисциплина кучето се обучува уште како малечко, затоа што се искористуваат особините на младото куче за игра и нагон да го фати предметот кој се движи. На командата “донеси”, “дај” или “апорт” кучето треба на ловецот да му го донесе дивечот неоштетен, истиот да го држи во устата во седечка положба се додека не му се даде команда да го “пушти”. Оваа дисциплина е еднакво корисна за сите раси на ловечки кучиња. Кучето треба да донесува и од земја и од вода.

За вежбава се употребува лесен дрвен валјак кој од страната има вкрстени пречки, за валјакот да не ја допира земјата и кучето лесно да го фати со устата. Кучето се држи за околувратникот, а валјакот се фрла со другата рака да се тркала. Додека валјакот се тркала, кучето се пушта со наредбата “држи” или “земи”. Тоа ќе настојува во трчање да го фати валјакот кој не е застанат. Кога ќе го фати валјакот, кучето ќе отрча со него на страна и ќе продолжи да си игра со него. Во почетокот треба тоа да му се допушти, затоа што е важно тој да го зима валјакот и го носи. Некои кучиња само ќе го надушкаат валјакот и ќе го остават. Тогаш треба да му се пријде на кучето, полека да му се отвори уатата, па да се стави валјакот во неа, галејќи го настојувајќи да го задржи валјакот. Кај некои кучиња може да потрае и подолго додека да научат да го земаат валјакот и да го држат.

Кога ќе утврдиме дека кучето го зема валјакот, тоа треба да се поврзе со увежбаната послушност и од него да се бара да дојде и да го донесе валјакот. После валјакот се преоѓа на наполнета кожа од зајак, или пробно наполнет гулаб. Кога кучето ке биде потполно сигурно во донесувањето, се преоѓа во вежбање носење од вода. На оваа вежба и претходи предходно навикнување на кучето со задоволство да влегува во вода.

Обука во ловиштето значи синхронизирање на вродените особини на кучето и предходните обуки научени од дома. Таа не е иста за сите раси. За некој е едноставна а за некој е сложена. Вродените особини на кучето не може да се надокнадат – да се дадат на кучето. Ако птичарот нема добар нос, со обука не може да се надомести. Ако териерот нема доволна острина, со обука тоа тешко може да му се даде. Ако гоничот нема истрајност тоа тешко се надокнадува и т.н.

 

Подоцнежна обука на гоничот во ловиштето

Од гоничите во ловиштето се бара добар нос и упорност во гонењето. Доколку ги нема тие две особини, цел труд околу него е залуден, бидејќи гоничот бара по траговите кои дивечот ги остава на земјата.

Кај поголем број ловци обуката на гоничи се состои во тоа да младите кучиња после 6 месеци без никакви предходни обуки ги изведат рано наутро на ливада полна со зајачки трагови и ги пуштаат да пронајдат и подигнат зајак или ги изведуваат со стари веќе обучени кучиња па кога овие ке пронајдат и подигнат дивеч тие им се придружуваат. Тие начини на обука се погрешни. Ако кучето е изведено прв пат во ловиште во утринските часови, каде доаѓа до многу трагови – стари ноќни и нови утрински, станува нервозен, подлавнува пред да го подигне дивечот. Подоцна секогаш се задржува долго време на ливадите и нивите каде има многу трагови.

Кај вториот начин кучето станува “готован” , бидејќи ќе научи дека други кучиња ќе го подигнат дивечот и тој само се придружува во гонењето. Подоцна кога е сам, скоро е неупотреблив или мора да учи како да подигнува дивеч.

Младото куче треба прво да се научи на ловиштето. Тоа се изведува во ловиште во кое нема многу дивеч и тоа во предвечерието додека дивечот се уште не е излезен да бара храна. Кучето првин се води со ремен, а потоа се пушта повремено да трчка до нас и да ги запознава предметите околу себе, па дури потоа се изведува со цел пронаоѓање на дивеч. Добриот водич ќе настојува да ја пронајде патеката по која дивечот влегува во шумата, ќе го наведува кучето на тоа и ќе го пушта и храбри за понатаму самото да бара и пронаоѓа дивеч.

Кога дивечот ќе се подигне, кучето треба да го донесе до логата да ја намириса, па тогаш да се пушта да се упати по трагата на дивечот. Тоа тогаш весело  потскокнувајќи ќе го прати трагот на одредена одалеченост и по извесно време ќе се врати  кај водичот. Треба да се настојува, во понатамошната обука кучето да не се пушта на ливади и ниви и таму сам да истражува трагови. Кучето треба да се води на работ на шумата, шикарата или нивата, додека не пронајде каде дивечот влегува и излегува. Подоцна и сам така ќе работи и нема да губи време со трагови на ливадите од каде дивечот веќе се повлекол. Кучето не треба да се води со други кучиња се додека не сме уверени дека сам пронаоѓа дивеч, го подига и гони.

Гоничот е наменет за ридско-планински ловишта. Во овие ловишта има и срни, кои гоничот порадо ги гони од останатите видови дивеч. Гоничот треба да се одвикне од овој нагон. Тоа не е тешко, така што и старото куче може де се одвикне од тоа, особено ако ја совладал дисциплината послушност, па го повикуваме веднаш штом подигне некоја срна. Каде што има ваков дивеч, добро е кучето со ремен да се однесе да ја гледа, да ги мириса траговите и да се оттргнува од тоа.

Постои мислење дека гоничот е крволочен и дека сака да го раскине и изеде одстреланиот дивеч. Тој е остро куче. Со предходна обука и послушност можеме да имаме добар помошник во ловиштето. Погрешно е на кучето во ловиштето да му се дадат изнутрици или нозе од зајак да ги изеде или да се дозволи кучето отстрланиот дивеч да го малтретира, да го кине и сл. Во тоа треба енергично да се спречи.

Гоничот како и крвоследникот можеме да го научиме на следење крвна трага и пронаоѓање ранет дивеч. За ваква обука треба да  направиме трага од крв, иста каква што остава ранетиот дивеч. Во почетокот трагата треба да биде поизразена, а подоцна послаба. Кучето на долг ремен го насочуваме на трагата и го пуштаме да не одведе до дивечот. Препорачливо е покрај крвната трага, предходно да се повлече одстреланиот дивеч.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You cannot copy content of this page