Шакалот или чакал распространет е на Балканскиот Полуостров, а по некој примерок може да се сретне и кон посеверните делови на Средна Европа. Со тоа што го напаѓа добитокот, тој се смета за штетник.
Во нашата земја до пред некоја година беше мошне редок и се среќаваше околу Дојранското езеро, но според последните податоци тој веќе се сретнува низ повеќе делови во државата и почнува да предизвикува штети врз дивечот и живината.
Особини на шакалот
По својот надворешен изглед, шакалот личи на волкот и на лисицата. Од волкот е значително помал, но му е близок по строежот на телото и бојата на крзното, додека на лисицата и е сличен по шилестата муцка, ушите и изгледот на опашка. Во височина може да израсне до 50 cm, а во тежина од 15-20 kg. Опашката му е долга околу 30 cm, а може да израсне во должина до 100 cm.
Мајката е бремена 9 недели, по што раѓа шест до девет млади. При раѓање тежат 200-250 г. За време на бременоста, мажјакот лови и носи храна за женката.
Сетилата за слух и за мирис кај шакалот се силно развиени, така што тие му помагаат во борбата за опстанок. Со својот глас се јавува на неколку начини: со виење, баукање и растегнато лаење. Се огласува само ноќе. Тие ловат главно при слаба светлина, најчесто при мугрите и самракот. Дење мирува во најгустите грмушки.
Нивните долги нозе и криви кучешки заби се приспособени за лов на мали цицачи, птици и влекачи, но се храни и со живина, мрши, а не одбегнува и растителна храна. Големите шепи, опремени со перничиња, им овозможуваат подолго време да трчаат со брзина до 16 км/ч.
Социјален живот на шакалот
Шакалите се моногамни. Тие живет во парови кои ја брани својата територија од останатите и гневно ги прогонуваат натрапниците. Границата на својата територија ја обележуваат со урина и измет.
Малите семејни единици кои се состојат од мајка, татко и извесен број на млади кои имаат за задача да бидат „помагачи“. „Помагачите“ живеат со родителите една година по достигнувањето на полова зрелост за да помагаат со грижата за новите млади. Се парат доживотно. Тие заедно ловат, бранат територија, делат храна и раѓаат млади.
Понекогаш шакалите формираат мали групи (не повеќе од десет животни), но сепак повозрасните шакали сакаат да ловат сами или во парови и најчесто при стемнување.
Шакалот е многу итро животно, а некои дури го споредуваат со лисицата. Но општо гледано тој е плашливо животно, зашто дури и во случај на опасност ретко влегува во борба, а претпочита да побегне.
Тој е носител на разни болести, а неговото каснување може да биде многу опасно. Се смета дека е на трето место по ширење беснило.
Лов на шакал
Според Законот за лов на Македонија, шакалот е трајно заштитен вид на дивеч (забранет за отстрел).
Бидејќи до скоро тој не беше раширен низ нашата држава, ловџиите лесно го помешуваат со волкот или лисицата, па неочекувајќи дека во нивните ловишта има шакал, понекогаш уловуваат животно кое не е ниту волк, ниту лисица.
Поради тоа што има информации дека тој во Македонија веќе е поприлично намножен и предизвикува штети, има иницијативи за биде дозволен за лов. Сепак тоа е долга и комплицирана процедура, па доколку се наметне како потреба неговата бројност да се регулира преку застрел, ќе помине доста време додека тоа се дозволи.
Во оние држави каде ловот на овој вид дивеч е дозволен, ловџиите често одат во лов на шакал, но пешачењето по него не е многу успешно, оти тоа е многу итро животно и лесно може да се скрие од очите на човекот. Животното изгледа плашливо, ретко ги напаѓа луѓето, но, сепак, треба да се биде внимателен при ловот оти имало и смртни случаи.