Ловот на фазани посебен предизвик за ловџиите

 

Фазанот е алохтон вид на дивеч во нашата држава. Неговот населување во минатото било интензивно форсиран во ловството, поради што биле изградени и неколку фазанерии со поголем капацитет. За жал неговото производство и набавка се релативно скапи, а позитивниот финансиски ефект занемарлив. Секако тука секогаш постои и ризик од заболување на пилињата па целиот труд да биде залуден.  Поради тоа, во последниот период се послабо концесионерите на ловиштата се одлучуваат за одгледување или населување на овој вид на дивеч.

Сепак тоа не треба да не обесхрабрува, па и во иднина треба да се смета на овој вид на дивеч кој се истакнува со својата убавина и атрактивност. Дотолку повеќе што фазаност се покажа како погоден за интродукција и при одредени мерки релативно лесно се настанува и адаптира на природните услови во ловиштата од нашата држава. Се разбира не треба да се занемарува и неговото значење за збогатување на ловната понуда за ловци, како и влијанието на намалување на притисокот за лов на автохтоните видови дивеч.

 

Ловот на фазани посебен предизвик за ловџиите

 

Lov na fazan

 

Ловот на фазани кои се одгледуваат во слободна природа е посебен предизвик за секој ловџија. Тој бара голема прецизност кај секој љубител на ловот, а само оние, највештите стрелци можат да се пофалат со добро уловен дивеч.

Фазаните кои се одгледуваат во слободна природа главно се ловат на три начини: со пребарување со помош на ловџиските кучиња, со бркање и со чека. Сите три начини на лов бараат многу сериозна организација и дисциплина во текот на ловот, пред сѐ заради самата безбедност на ловџиите.

Начинот на лов со пребарување со помош на куче, може да биде поединечен или групен, додека другите два начина само групен и тоа изискува дополнителни мерки на внимателност, оти со учеството на повеќе ловџии во групниот лов и опасноста за загрозување на нивната безбедност е поголема.

 

Лов со пребарување со помош на куче

Овој начин на лов може да се изведува индивидуално или во група каде што за пребарување се користи едно куче, а во групата одат повеќе ловџии. За ваков вид лов, најдобро е ловџијата да биде придружуван од куче-птичар, а особено на терен каде што може да се следи неговата работа и маркирање. Најбитно за кучето е да биде добро дресирано, за да не се оддалечи предалеку од ловџиите. Исто така при овој лов треба добро да се познаваат карактеристиките на дивечот, а што се однесува на фазаните, пак, тој правилно се придржува до своите навики. Ако во лов се тргне во раните утрински часови (иако е подобро подоцна, кога росата ќе се исуши), фазанот треба да се бара на ливадите, пасиштата и стрништата, каде што оди по утринска храна. Во месеците на лов, фазаните се задржуваат на краевите од полињата, покрај канали полни со висока трева и во близината на шумата, оти го збунуваат гласовите на ловџиите и ловџиските кучиња. Како што изминува денот така и фазаните се повлекуваат сѐ подлабоко во поскришните предели за да најдат некое скривалиште.

Меѓутоа често се случува во тие ловни месеци фазаните да ги сменат своите навики и да излегуваат по храна подоцна, за да ја одбегнат опасноста. Кога кучето ќе го открие фазанот, зазема специфичен став, со кој им дава на ловџиите знак дека го открил она што е нивна цел. Полетувањето на фазанот е бучно и брзо. Помалку искусните ловџии често пукаат во фазанот додека е во залет да летне, па, така, често се случува да промашат или да ја погодат неговата опашка, додека искусните ловџии чекаат тој да летне во рамна положба. Во шумата на фазанот се пука без чекање и онака како што ловџиите мислат дека им е најдобро во тој миг. Кај високите дрвја во шумата, куршумот мора биде испукан пред фазанот да се скрие во крошните на високите дрвја.

Lov so kuce fazan

 

Лов со прогон

Кај ваквиот начин на лов, ловџиите можат самите да ги подигаат и стрелаат фазаните. Оние што го принудуваат фазанот да летне, се движат по договорена маршрута во ловиштето, односно ја одржуваат линијата на движење во соодветно меѓусебно растојание. Добро е помеѓу нив да се има еден искусен ловџија, кој ќе води сметка околу држењето на линијата и растојанието. Растојанието помеѓу ловџиите што пукаат би требало да биде 40 до 50 метри. На растојанието меѓу ловџиите најмногу влијае пределот на кој се лови, како и видливоста.

Ловџиите што го принудуваат дивечот да летне, би требало со стапови да удираат по грмушките, но внимателно, за да не им пречат и да не ги деконцентрираат ловџиите кога пукаат. Ваквиот начин на лов е поефикасен во прегледните предели, каде што ловџијата има доволно време да се намести пред да пука.

 

Лов од чека

Принципот на овој начин е сличен како и кај претходниот, а се разликува само по тоа што ловџиите, кои се подготвени за отстрел, се поставени на чеки и дивечот лета кон нив. Ова може да се прави во една линија и е поефикасен кога се врши во главната линија и со две странични крила. Исто така и овде треба задолжително да се води сметка за растојанието и правецот на движење на ловџиите. И кај овој начин на лов, најдобро е да се лови со кучиња од расата птичари, кои се добро дресирани. Без добро дресирани кучиња, често се случува ранетиот фазан да успее со нозе да побегне и се скрие во грмушките во кои ќе биде недостапен за понатамошниот лов. Фазаните спаѓаат во многу вешт дивеч, кој умеат многу добро да ги избегнуваат начини на лов со бркање и со чека, па затоа, секогаш кога се лови на вакви начини, треба да се оди со ветер и притоа добро да се одржува потребното растојание.

Zena lovec i fazan

 

Лов во полигони за лов на фазан

Ваквиот начин на лов сеуште не е застапен во нашата држава и за него има некои законски недоречености. Ова е чисто комерцијален начин на лов, при што се ловат вештачки одгледани фазани. Тие се пуштаат во посебно за тоа уредени површини од ловиштето, при што ловците се обидуваат да уловат некој фазан. Овој начин на лов може да биде од голема полза за развој на ловниот туризам и збогатување на ловната понуда, но и за збогатување на ловиштата со нови видови дивеч, бидејќи колку и да се вешти ловците дел од фазаните не се уловуваат и остануваат во ловиштето.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You cannot copy content of this page