Ловиште “Жеден“

 

Ловиштето “Жеден“ со одлука на Влада е востановено како ловиште за ситен дивеч. Тоа се наоѓа на западниот дел на Скопската Котлина, во најголем дел по билото на планината Жеден и е со вкупна површина од 7.450 ха. Ловиштето е со издолжена форма и се протега од југозапад кон североисток. Со него стопанисува ловечкото друштво “Жеден“ кое е со седиште во Скопје.

До ловиштето е возможен пристап по две сообраќајници. Првата сообраќајница е локалниот пат, кој од населба Ѓорче Петров, преку село Кондово води до село Радуша, од каде продолжува до село Дворце, а вториот е локалниот пат кој се двои од стариот пат Скопје – Тетово, минува низ село Бојане и оди до село Рашче.

 Ловиштето “Жеден“ го карактеризира тешко прооден воглавно стрмен терен. Од источната страна, ловиштето е карпесто, голо и прилега на динарскиот крш. Низ ловиштето се протега планината Жеден, која со своето зарамнето било навлегува низ средниот дел на ловиштето. Билото на планината Жеден е заоблено и отпрвин постепено, а потоа стрмо, се спушта кон југоисток, се до река Вардар, односно до подножјето на планината.

Најголемата надморска височина во ловиштето изнесува врвот “Голем Жеден” со 1259 м, а најмалата височина изнесува 290м и се наоѓа на местото каде река Вардар излегува од границите на ловиштето.

Релјефните форми, како и висинската разлика меѓу најголемата и најмалата надморска височина, директно влијаат врз сезонското распространување на дивечот во ловиштето, па така во поголемиот дел од годината еребицата камењарка ги населува повисоките делови и доловите под пасиштата. Со настапувањето на зимскиот период, особено со посилните снежни врнежи, овој вид мигрира кон пониските делови од ловиштето, скоро и до самото подножје на планината.

Што се однесува до зајачкиот дивеч, истиот во летниот и дел од есенскиот период ги запоседнува северните експозиции на ловиштето. Со настапување на дождливото и студено време, зајакот ги населува претежно јужните страни кон подножјето на планината.

Ловиштето е сиромашно со постојани водотеци. Бидејќи

Во внатрешноста на ловиштето не постојат постојани водотеци. Постојани водотеци се јавуваат само по периферијата на ловиштето, а тоа се: реката Вардар и врелото во близина на село Рашче. Недостатокот на постојана проточна вода, посебно во услови на долготраен сушен период се јавува како ограничувачки фактор во развојот и опстанокот на дивечот.

Локалната клима во ловиштето е под влијание на двете зонални клими (медитеранската од југ и континенталната од север). Тоа придонесува летата да се суви и топли, а зимите студени. Особено неповолно влијание врз опстанокот на дивечот имаат зимите проследени со поголеми снежни врнежи (над 30 см), кога зимските загуби на еребицата камењарка можат да бидат значителни. Без оглед на повремени екстреми кај одделни климатски параметри и негативните трендови во последните десетина години, климата во ловиштето е во рамките на еколошката подносливост.

При стопанисувањето со ловиштето, основната цел е насочена кон формирање и трајно одржување на стабилни попуации на ситен дивеч, кои со својот генофонд ќе обезбедат продукција на квалитетен и здрав дивеч. Активностите од овој домен претставуваат неделива целина и ќе бидат насочени кон:

  • создавање услови за непречено природно размножување на дивечот и преживување на подмладокот и
  • создавање стабилни популации чија густина ќе биде сообразена со утврдениот бонитетен ред на ловнопродуктивните површини.

Во ловиштето “Жеден“ од дивечот под заштита се сретнуваат дивиот зајак и еребицата камењарка по која е надалеку прочуено, бидејќи е едно од најбогатите ловишта со овој вид на дивеч во Р. Македонија.

Покрај нив, во ловиштето се среќаваат и други видови како што се: сите видови гулаби, шумска шљука (повремено), а по пасиштата често се среќаваат и полски еребици но во мал број.

Од категоријата на дивеч без заштита во ловиштето се среќаваат: лисица, ласица, куна белка, куна златка, твор, јазовец, јастреб кокошкар, страчка и други. Бројноста на овие видови варира, но не е регистрирана пренамноженост на некој од нив, поради што штетите кои ги причинуваат врз дивечот под заштита се незначителни.

Во ловиштето нема изградено наменски објекти за сместување и престој на ловците. Ова се должи на близината на градот Скопје до ловиштето, каде има голем број на разни сместувачки капацитето кои можат да ги задоволат потребите и вкусовите на ловџиите.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You cannot copy content of this page