Ловиште “Тажево“

 

Ловиштето “Тажево“ е востановено како ловиште за крупен дивеч. Тоа се наоѓа во централниот дел од нашата држава, односно е дел од Кичевско – Бродското ловностопанско подрачје – реон Македонски Брод. Ловиштето е лоцирано во крајниот северен дел на овој ловен реон и е со површина од околу 7.680 ха.

Ловниот реон Македонски Брод се карактеризира со неколку убави ловишта за крупен дивеч, од кои со својата атрактивност се издвојува токму ловиштето “Тажево“.  Тоа се должи на повеќе фактори, помеѓу кои се богатството со разни видови на дивеч, можноста за лов на дивокоза, убавата природа, слабата населеност, граничењето со ловиштето “Јасен“, близината на акумулационото езеро “Козјак“ и сл.

Слабата населеност на ловиштето иако од една страна е предност за мирот на дивечот, таа условила и негова слаба отвореност со сообраќајници, така што не само што е отежнат пристапот до ловиштето, туку е отежнат и пристапот до неговите ловни терени. Најголем дел од постојната патна мрежа е со такви конструктивни елементи кои не овозможуваат или го отежнуваат движењето со лесни теренски возила.

До ловиштето се пристигнува преку регионалниот патен правец Македонски Брод – Скопје кој минува низ неговиот југозападен дел. Движењето по оваа сообраќајница е отежнат поради тоа што во еден дел тој е немодернизиран и поради контролираниот еднонасочен режим на движење низ ЗПП “Јасен“. Покрај тоа опасност на овој патен правец претставуваат и честите одрони од карпи, па според доброупатените постои можност и некое возило да остане заробено помеѓу два одрони. Сепак овие опасности и непријатности може да се избегнат доколку до ловиштето се патува преку Македонски Брод, од каде до ловиштето патот е квалитетен и безбеден.

Од овој регионален патен правец се двојат два значајни локални патни правци за отвореноста на ловиштето, помеѓу кои првиот е асфалтиран и води до село Долна Белица, додека вториот е немодернизиран и води до село Тажево. Овие две населени места помеѓу себе се поврзани со немодернизиран локален пат, по кој поради лошата состојба движењето го препорачувам со теренски возила.

По општа физиономија на релјефот ова ловиште е типично ридско-планинско. Тоа се простира по јужните падини на планината Караџица, по дел од јужните експозиции од планината Јакупица, како и по дел од гребенот на планината Даутица.

Најголема надморска височина во ловиштето е врвот “Солунска Глава“ (2.539 метри) кој се наоѓа во крајниот источен дел од ловиштето на билото на планината Јакупица, додека најмала надморска височина во ловиштето е 470 метри, која претставува највисока кота на акумулационото езеро “Козјак“.

Главна карактеристика во орографскиот комплекс на ова ловиште е присуство на страни со многу стрм наклон особено во јужните и југозападни делови, како и големата висинска разлика од најниската до највисоката локација која изнесува околу 2.069 метри.

Во ловиштето може да се сретнат речиси сите видови на крупен дивеч во нашата држава, помеѓу кои и рисот кој е под трајна заштита, но не би било изненадување да се сретне и обичен елен кој е застапен во слободна природа во соседното ловиште “Јасен“.

Тоа се граничи со неколку убави ловишта, помеѓу кои најатрактивно е ловиштето “Јасен“ кое е преполно со разни видови дивеч, кој често мигрира во ова ловиште. Секако дека разликата помеѓу овие две ловишта е голема во секој поглед, но тука може барем на момент да се долови истиот амбиент и да се лови истиот дивеч како и во попознатото и поразвиено ловиште. Така на пример, вработените во “Јасен“ често велат дека дивокозата која може да се лови во ловиштето “Тажево“ е всушност нивна, која во потрага по храна и мир често престојува во ова ловиште.

Сепак реално, природните услови, конфигурацијата на теренот и пред се јужната експозиција нудат можеби и поблагопријатни услови за опстанок на дивокозата, но за да се зголеми популацијата на дивокоза треба да се поработи на одгледно-заштитните мерки во ловиштето.

Во ловиштето постои наменска ловечка куќа во која ловците и ловните туристи може да престојуваат во автентичен и природен амбиент. Ловечката куќа се наоѓа во село Тажево и е изградена од страната на ловечкото друштво “Песјак“ од Македонски Брод. Покрај неа за сместување може да се користат и некоја од многуте викендички во ловиштето или на брегот на езерото “Козјак“ или во хотелот во Самоков кој нуди поквалитетни сместувачки услови.

Гледано во целина ова е убаво ловиште во кое може да се ловат речиси сите ловностопански видови крупен дивеч во нашата држава, но сепак стрмниот терен и слабата отвореност со сообраќајници, за лов во поголемиот дел од ловиштето условуваат поголема физичка поподготвеност од ловците за да може да издржат поголем физички напор.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You cannot copy content of this page