Ловиште “Тајмиште“

 

Ловиштето “Тајмиште“ се наоѓа во западниот дел од нашата држава и е дел од Кичевско – Бродското ловностопанско подрачје – реон Кичево. Тоа е ловиште за крупен дивеч, кое е со вкупна површина од околу 12.400 ха од кои најголем дел се под шуми. Тоа е лоцирано северозападно од градот Кичево, на потегот помеѓу градовите Кичево и Гостивар.

Ловиштето се простира по источните падини на планината Бистра и по дел од јужните падини на планината Буковиќ. Според конфигурацијата на теренот и надморската височина, тоа е ридско планинско ловиште испресечено со голем број на високи ридови и длабоки речни корита.

До ловиштето се пристигнува преку магистралниот патен правец Скопје – Охрид, кој навлегува во ловиштето кај планинскиот превој “Стража“ и го напушта во северните предградија на Кичево. Покрај него, до ловиштето може да се стине и по железнички сообраќај, бидејќи низ неговиот југоисточен дел минува железничката пруга Скопје – Кичево, на која кај село Зајас се наоѓа истоимена железничка станица.

Ловиштето е добро отворено со разни сообраќајници од разни категории поради што пристапот до ловните терени е лесен и брз. Добро развиената сообраќајна мрежа е од голема полза не само за ловците, туку и за големиот број вљубеници во природата, па така низ ловиштето често може да сретнете планинари, маунтбајкери или моторџии со крос мотори кои се искачуваат до билото на планината Бистра.

Најголем дел од ловиштето е под шуми, додека во помал дел под пасишта кои се сретнуват во неговите највисоки делови. Тие во најголем дел се букови шуми кои се доминантни на планината Бистра, додека во помал дел тоа се дабови шуми кои воглавном се сретнуваат на каменливата планина Буковиќ. Со оглед на богатото жирење со кои се карактеризираат овие дрвни видови, прородната храна дивечот тука ја има во изобилство. Тоа има големо влијание врз бројноста на дивечот, така што ловиштето е богато со разни видови на дивеч. Од ловностопанските видови дивеч тука може да се ловат диви свињи и срни, но во него се сретнуваат и мечката, волкот, лисицата, зајакот, еребицата камењарка, шумската шљука, па дури и рисот кој согласно неговата мала бројност е вистинска привилегија да се има во ловиштето. Како резултат на добрата грижа и големата заштита не е невообичаено во ловиштето да се забележат срни како безгрижно пасат на некоја од многуте голини во него.

Концесионер на ловиштето е ЗЛЛД “Сокол-З“ од Зајас, кое напорно и сериозно работи во модернизирање на ловиштето. Тоа има изградено голем број на ловнотехнички објекти кои редовно ги одржува, како и една ловечка колиба која е место на дружење на ловците од ова ловечко друштво. Може да се каже дека е ова ловечко друштво на вистински ловци без никакви предрасуди, бидејќи тука во најголема слога се дружат и ловат заедно македонците и албанците. За нив не е најважен уловот, туку незаборавните моменти на дружење и забава кај огнот засладени со топли колбаси и лута ракија. Благодарение на добрата соработка и ентузијазам на ловците, дел од нив често ги отстапуваат своите викендички за ловците, па така за нив не е никаков проблем во текот на зимските месеци да се најде топло засолниште во кој било дел од ловиштето.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You cannot copy content of this page