Ловишта во Македонија

 

Ловиште во нашата држава согласно Законот за ловството востановува Владата на Република Македонија во согласност со просторниот план на Република Македонија. Врз основа на оваа законска одредба, Владата во нашата држава досега има востановено вкупно 255 ловишта кои се поделени во 11 ловностопански подрачја.

Со востановувањето на ловиштето се определуваат неговите граници, површина и намена. Во однос на видот на дивечот што живее или што може да се одгледува во ловиштата,  во зависност од главните ловностопански видови тие можат да бидат наменети за одгледување на крупен и/или ситен дивеч. Согласно ова, најголем дел од ловиштата во нашата држава  142 ловишта се ловишта за ситен дивеч, додека останатите 113 се ловишта за крупен дивеч.

Дури 250 од нив се комерцијални ловишта во кои дивечот се доделува на користење по пат на јавен оглас (на концесија), додека 5 се државни ловишта во кои дивечот се доделува на користење по пат на непосредна спогодба. Сепак во процедура е изменување на статусот на Државното ловиште “Полаки“ кои ќе стане комерцијално и наскоро ќе се додели по пат на јавен оглас.

Треба да се напомене дека во нашата држава дивечот е во државна сопственост и како добро од општ интерес за Република Македонија ужива посебна заштита на начин и под услови утрдени со Законот за ловството и Законот за заштита на природата. Владата на Република Македонија дивечот во ловиштата со одобрение (концесија) го дава на користење на домашни или странски правни лица кои ги исполнуваат условите предвидени со Законот за ловството и Законот за концесии и други видови на јавно приватно партнерство. Значи концесионерите добиваат право за користење само на дивечот на одредена површина.

Површината на востановените ловишта во зависност од видот на дивечот што се одгледува во нив, согласно Законот за ловството може да биде:

  • од 1.000 ха  до 13.000 ха за ситен дивеч; и
  • од 2.000 ха до 25.000 ха за крупниот дивеч.

Дивечот во ловиштата за ситен дивеч се дава на концесија од 10 години, додека во ловиштата за крупен дивеч за времетраење од 20 години.

Ловиштата можат да бидат отворени и оградени. Отворени ловишта се ловишта во кои е овозможено непречено движење на дивечот од едно ловиште во друго, додека оградени ловишта се ловишта кои се оградени со природни препреки (широки водотеци, езерски површини, високи сртови) или вештачки препреки (огради) кои ја спречуваат или намалуваат можноста дивечот да ја напушти таа површина.

Големината на ограденото ловиште ја определува и неговата намена, па така доколку нивната повшина е помала од 150 ха тие се користат за одгледување, размножување и заштита на дивечот (размножувалиште), додека доколку нивната површина е поголема од 150 ха тие можат да се користат за интензивно одгледување и застрел на дивеч.

 

 

Складиште во ловиштето “Полаки“

Елени во ловиштето “Ниџе“

Како најрепрезентативни оградени ловишта во нашата држава се оние кои се изградени на просторот на ловиштата: “Патрик“, “Полаки“, “Јасен“, “Јасен1“, “Милисин“, додека од новоизградените тука може да се вбројат “Ниџе“ и “Караорман“.

Приватниот капитал во ловството направи вистински “бум“ во изградбата на оградени ловишта, па така во последниве години во нашата држава се изградија или се во процедура за изградба на голем број оградени ловишта. За одбележување е тоа што со исклучок на ограденото ловиште во Кавадарци кое го гради ЈП “Македонски шуми“, сите останати се градат од приватни инвеститори.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You cannot copy content of this page