Прецизен податок за формирање на ЛД “Буковац“ нема па затоа ќе се повикам на најстариот пишан податок кој датира од 17 декември 1945 година. Ова ловечко друштво е формирано под името “Околијско лов. удружение“.
Под ова име постои се до почетокот на 70-тите (1973) години кога го менува името во ЛД “Буковац“, според името на истоимениот рид на Осоговските планини (југоисточно од градот Кратово).
Ловечкото друштво “Буковац“ е со седиште во Кратово. Бројот на членови на друштвото варира од година во година, но се движи во рамките помеѓу 300 и 350 членови.
Ловечкото друштво поседува две ловни куќи, од кои првата ловечка куќа “Павлица“ се наоѓа кај село Шлегово, а втората се наоѓа на м.в. “Павлеви ниви“ во атарот на село Куново. Друштвото поседува и канцелариски простор во центарот на Кратово на ул: Св. Ѓорѓи бб, каде што се наоѓа неговото седиште.
Во изминатиот период друштвото стопанисуваше со три од четири ловишта во Кратовско и тоа со: “Рудари“, “Куклица“ и “Живалево“. Трите ловишта се за ситен дивеч и тоа се терени како створени за дивиот зајак.
Праксата покажува дека ловното друштво добро стопанисува со ловиштата. Иако има вработено само еден ловочувар, поради специфичноста на теренот и пред се поради добрата организација како и ангажираноста на луѓето од управата и ловците, грижата за дивечот во ловиштата е на високо ниво.