Ловечко друштво “Песјак“ од Македонски Брод

 

Ловечкото друштво “Песјак“ од Македонски Брод е формирано кон средината на минатиот век (во 1948 година) на иницијатива на група од 23 ентузијасти ловци. Тоа е формирано под името “Треска“, под кое име егзистира се до 1976 година, кога е пререгистрирано во ЛД “Песјак“, под кое име постои се до денешно време. Со менувањето на името за прв пат во ловното друштво се врботува ловочувар и друштвото започнува со наплата на членарина со цел унапредување на заштитата и одгледувањето на дивечот.

Со тек на времето ловечкото друштво се развива и омасовува така што од првобитните 23 члена достигнува до бројка од 697 членови од кои 597 се редовни членови кои плаѓаат чланарина, a 100 се членови кои по разен основ се ослободени од членарина.

Ловечко друштво Песјак

Во периодот до 2011 година ЛД “Песјак“ од Македонски Брод стопанисуваше со 9 ловишта во Кичевско – Бродското ловностопанско подрачје – реон Македонски Брод, од кои 7 за крупен дивеч, а 2 за ситен дивеч. Со новата распределба на ловиштата во 2011 година ова ловечко друштво добива под концесија 7 ловишта од кои 5 за крупен и 2 за ситен дивеч.

Во ловиштата со кои стопанисува ова ловечко друштво присутни се поголем број на разни видови дивеч, помеѓу кои најзначајни ловностопански видови се: дивата свиња, срната и зајакот. Покрај претходно наведените видови, во ловиштата на ЛД “Песјак“ се сретнуваат и други видови на дивеч како што се рис, мечка, волк, лисица, јазовец, куни и др., како и разни видови на перјаст дивеч како на пример: еребица камењарка, шумска шљука, лештарка, повеќе видови на орли, јастреби, соколи, бувови, пајки, гуски и др.

Ловечко друштво Песјак

Ловците од овој крај се со богата тадиција и со големо искуство во ловството. Благодарение на тоа, како и со сеопфатно залагање и инвестирање во развојот на ловството, во овие ловишта е постигната бројна состојба на дивечот која е над просечната на ниво на Република Македонија.

Богатството со дивеч, убавата и чиста природа и љубезните ловци, се голем адут во напорите за развој на ловниот туризам кое ЛД “Песјак“ се обидува да ги промовира во овој дел од нашата држава. Поради тоа ловечкото друштво има намера во иднина уште повеќе да се ангажира во одгледувањето и заштитата на дивечот, како и со разни активности да го потпомогне очувување на природата.

Долго годишната љубов и работа се рефлектира во добрата опременост на ловиштата со разни ловнотехнички објекти. Покрај тоа, во градот Македонски Брод ловците со свои средства имаат изградено канцеларии, сала за состаноци и деловен објект.

Ловечко друштво Песјак

Согледувајќи ги можностите кои ги нуди ловството како туристичка гранка, во иднина ЛД “Песјак“ има намера да ги зголеми инвестициите во унапредување на ловството, со што воедно би го потпомагнало развојот на руралниот туризам во поречието. Ова е дотолку значајно ако се има во предвид дека станува збор за слабо развиено подрачје, во кое нема некои позначајни индустриски капацитети, поради што секоја можност за прилив на финансиски средства и отварање на нови работни места во регионот се добредојдени. Од позначајните стратешки инвестиции за остваруваање на оваа цел се изградба на современа ловечка куќа, како и ограден простор за интензивно одгледување и застрел на дивеч.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You cannot copy content of this page