Лов на дива свиња

 

Пред почетокот на главната ловната сезона за 2021/22 година пишував за групен лов на дива свиња во погон, односно за основните правила по однос на начинот на животот, навиките и однесувањето на дивата свиња во одредени ситуации од кои зависи добар лов. Сега, кога веќе сме зачекориле во ловната 2022/23 ловна сезона која започна од 01.09.2022 година заради појавата на Африканска чума, а со тоа и продолжување на ловната сезона на дивата свиња за цел месец, сакам да укажам на концесионерите на дивечот во ловиштата како стопанственици, а да ги потсетам ловците како да се однесуваат во услови на продолжена ловна сезона.

Ловот на диви свињи на нашите терени главно се врши со групен лов со погон. Ваквиот начин на лов, од одгледувачким аспект е спонтан и стихиски. При подигање на крдата на диви свињи во шумските екосистеми кога сеуште листот од листопадните видови не е паднат и има слаба прегледност, ловците немаат можност детално да ја набљудуваат и изберат единката пред застрелот, па се застрелува било која единка „пред пушка“, без разлика на полот и возраста, со што се предизвикуваат големи загуби во категориите кои од одгледувачки аспект не се за застрел, а со тоа многу далекусежни последици по матичниот фонд на популацијата.

Одгледувањето на дивата свиња не е лесна и едноставна задача што се поставува пред одгледувачот, односно корисникот на дивечот во ловиштето. Ќе наведам само колкава е потребата да се обезбеди доволна количина на квалитетна храна за прехрана, која ќе ја задржи дивата свиња во ловиштето во текот на целата година, а притоа ќе ги намали штетите врз земјоделските култури. Во исто време, одржувањето на половата и старосната структура е една од најважните задачи.

Процената на возраста и полот на дивата свиња во природата најлесно е по телесната развиеност и големината, но при тоа само грубо може да се утврди дали е тоа прасе, назимче, вепар или маторица.

 

Застрелот се регулира со планските документи

Со планските документи застрелот е планиран со вкупен број грла, како и нормалната полова и старосна структура на популацијата, односно во посебните ловностански основи за секое ловиште e дадена полова и возрасната структура на популацијата како и оптималната полова и возрасната структура на застрелот во популацијата на дивата свиња со цел обезбедување трајност во стопанисувањето со популацијата. За годишното планирање на застрелот, во однос на старосната структура се планирано околу 90% од застрелот да биде во младите класи и тоа 70 % прасиња и 20 % прасци – назимци и до 10 % вепри или маторици кои ја достигна целната возраст. При реализација на изборниот застрел кај дивата свиња подеднакво треба да учествуваат и машки и женски единки, потоа потпаѓаат сите диви свињи, како маторици така и вепри кои ја достигнале или дури и надминале трофејната односно стопанската возраст. На застрел потпаѓаат и прасињата кои до есента не постигнале тежина од околу 30 кг и прасци -назимци кои до крај на есента во втората година не постигнале тежина од околу 50 кг. како и сите неприродно обоено единки од сите возрасни категории од двата пола. Истото е искажано во номинална вредност по број на единки по полова и возрасна структура за секоја година во секое ловиште, што е задолжително за концесионерите на дивечот во ловиштата и истите мораат да се придржуваат и ги информираат ловците при издавањето на дозволи за ловење на дивата свиња.

Само придржувањето кон вака дадената структура на застрелот ветува трајност на стопанисувањето со популацијата на дивата свиња, а тоа значи дека ќе имаме за ловење и наредната и по наредните години, а ќе оставиме и за следноте генерации на ловци.

 

Главни карактеристики на возрасните категории

За напред наведеното да биде појасни, ќе ги наведам главните карактеристики на возрасните категории кај дивата свиња од двата пола .

Прасиња  – се возрасна категорија од моментот на прасењето па се до 1 април следната година, по прасењето се со сива боја со по две темни пруги по средината на телото кои се губат на есен со првото митарење. Зимското влакно е темно кафеаво или темно сиво. значително помали од одраснатите. Прасињата се секогаш со маторицата, што е сигурен знак за распознавање на оваа возрасна категорија. До крајот на есента достигнуваат просечна тежина од околу 30 кг.

Прасци – назимци или двогодишници – диви свињи од двата пола се возрасна категорија од 1 април од првата година до навршена втора година од животот. Поразвиени се од прасињата, вратот им е помасивен, подобро ги поврзува главата и телото, главата им е издолжена, кај мажјакот се забележува подигната горна усна каде се надѕираат брусачите. Во декември и јануари назимците достигнуваат тежина и до 50 кг. По градбата на телото лесно се распознаваат, кај машките се формирани грбни влакна – „чекињи“. Живеат во самостојни крда или се придружуваат на крдата на маториците со прасињата при што формираат мешани крда.

Средновозрасни и зрели вепрови – во третата година од животот машките грла се одвојуваат од крдата и почнуваат самостоен живот, а кон крдата приоѓаат во периодот на парењето. Зрел вепар има типична фигура, јако развиено тело со клинеста форма, масивен преден дел на телото со издолжена и јако развиена голема глава која завршува со рило, вратот тешко се забележува, изгледа како долгата глава да продолжува на градите, а грбот е со развиен гребен со изразита бујна грива или „чекиња“ како по должина на сртот на грбот и јасно видливи светли кљови како статусен симбол. Ваквата карактеристична градба на зрелите вепри може да се препознае дури и по силуетата. Однесувањето на зрелите машки единки е драгоцено при препознавање во групен лов. Имено, никогаш тие не го пратат крдото подигнато од терачите, туку знаат да се засолнат па дури и да ги пропуштат.

Маторици со старост од 2 до 6 години преставуваат основен матичен фонд за популацијата на дивата свиња во ловиштето и овие маторици никогаш не се застрелуваат. За одредување на староста на маториците потребно е големо искуство, а најлесно староста ја определуваме според бројот на прасиња кои ги водат. Старите маторици обично се водечки маторици на крдата, подолго го задежуваат зимското влакно, скоро до почеток на летото, во однос на помладите маторици. Старите маторици обично први се парат, на крајот на ноември и почетокот на декември, први се прасат крај на март и почеток н април и раѓаат најголем број прасиња, возрасната маторица над три години обично опрасува од шест до осум прасиња, кај двегодишните маторици врвот на парењето е во средината на декември, се прасат средина на април и почеток на мај при што раѓаат речиси половина прасиња во однос на старите маторици, односно од три до четири прасиња.

 

Важноста на елективниот застрел

Затоа потенцирам, голема штета е при групниот лов на дивата свиња во погон да се застрела вепар на возраст од три до шест години, бидејки со ваквиот начин на ловење доведува до тоа да во повеќето ловишта имаме популации во кои недостигаат зрели и од одгледувачки аспект најзначајни машки единки. Правилниот избор на грлото за застрел на веприте е оправдана само кај зрелите единки постари од шест години, а по исклучок застрелуваме три до пет годишни вепри само доколку имаат скршени кљови или покажуваат знаци на болест. Истото важи и за маториците, така често се случува да биде застрелана најголемата дива свиња во крдото, односно водечката маторица, со што се прави голема штета на матичниот фонд на популација. Со селекцискиот застрел дозволено е да се застрелуваат само маторици кои не водат прасиња.

Токму во овој сегмент на одгледувањето на дивата свиња во нашите ловишта е најважна задача на концесионерите на дивечот во ловиштата, за истото е неопходна доследна соработка на сите концесионерите на дивечот на ловиштата во опкружувањето како и високата свест на самите ловци, што за среќа во изминативе години тоа го имаат и докажано.

Само на таков начин групниот лов нема да причинува штети на популацијата на дивата свиња, а со тоа ќе се обезбеди во ловиштата да имаме правилна возрасна и полова структура, што обезбедува годишен прираст со континуирана репродукција на дивата свиња, а со тоа секоја година ловците ќе имаме дива свиња за задоволување на ловечката страст.

 

Превземено од ФБ профил на м-р Војо Гоговски

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You cannot copy content of this page