Кратовец со секира искасапил волк кој влегол во трлото

 

Триесетгодишниот Љупчо Симонов од Кратово направил несекојдневен подвиг кога се соочил очи во очи со прегладнет волк и со секира го убил крволочното животно. Настанот се случил пред неколку дена, на празникот Св.Архангел Михаил, кога Љупчо тргнал претпладне во селото Горно Кратово (месност Крива Јабука) за да ја намири стоката. Кога се приближил кон трлото, забележал дека животните се вознемирени. Набргу налетал на растргнат зајак и во тие мигови започнала драмата.

-Со претпазливост влегов во аргачот и на мое изненадување, на неколку метра од мене забележав волк со средна големина. Се обидуваше да ја прескокне оградата и да побегне, но откако не успеа, се сврте кон мене и почна да р’же. Во тие мигови немав пушка при рака, но ја дофатив секирата и без размислување се втурнав кон волкот. Со еден брз и прецизен удар го соборив на земја, а со вториот удар волкот веќе беше мртов. Во ниеден миг не почувствував страв, а можеби и двете чашки ракија ми дадоа дополнителна храброст да се справам со волкот. Волкот го пријавив во ловечкото друштво, а кожата ја одравме да сведочи за оваа битка меѓу човек и волк – изјави за порталот aberdzija храбриот Љупчо, инаку татко на две деца.

 

О.А.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You cannot copy content of this page