Кои се причини за несреќи при лов

 

Кои се причини за несреќи при лов – грешки, невнимание, непочитување правила, незнаење? Дали ловците се доволно образовани, како куршумот може да „залута“, која е одговорноста на луѓето кои шетаат во природа, се само дел од прашањата на кои не мачат сите нас.

„Наместо дивеч погоди жена што шеташе во шумата“, „Пукал во дивеч, тешко повреди ловџија“, „45-годишен маж е убиен при лов, најден е застрелан во главата“, „Пукал во фазан, застрелал жена додека работела на нива“, ова се само дел од насловите што може да се прочитаат по медиумите.

Кога станува збор за несреќи за време на ловот со фатални последици врз луѓе од употреба на огнено оружје, податоците укажуваат дека најчесто се работи за грешки на други ловџии или нивна сопствена невнимание при ракување со оружје. Со други зборови,

покрај невниманието клучен проблем е и нестручното ракување, односно пепридржување до правилата за безбедно ракување со оружје.

 

Во Македонија на неколку места може ловџиите да вежбаат

Во Македонија не се задолжителни обуки на идните ловџии за безбедност при лов или употреба на ловечкото оружје, туку само се проверува нивното познавање од истите. Некои ловечки друштва за своите членови организираат некакви обуки пред испитот, но тоа се основни обуки кои не се законска обврска и го права „на добра воља“ за да им помогнат на своите членови.

Во законот јасно е пропишано кој е одговорен за контролите и дали тие се вршат согласно законските обврски. Она што секако треба да се воведе, а што недостига, како што праксата покажува е попрактична едукација за елементот безбедност при лов. Во земјите на ЕУ и во други држави постојат различни законодавни рамки и регулативи кои го регулираат ова прашање. Постојат и т.н Курсеви за „Безбедност на ловците“ (Hunter safety) каде се обработува оваа проблематика, со што се постигнува поголема безбедност за сите учесници во ловот. Но, кај нас тие, за жал, сè уште не се одржуваат такви курсеви.

Сведоци сме на многу зачестени несреќи кои се случуваат при ловот, без разлика што опремата и оружјето се сè поквалитетни со посебен акцент на безбедноста. Тоа не е и не може да биде случајност во ловот туку е резултат на повеќе фактори. Како прв фактор се наведува безбедноста на оружјето, која зависи од муницијата, затворањето, цврстината на цевката и капакот, можно оштетување на цевката и капакот, грешки во материјалот.

несреќи при лов

Еден од факторите за причини за несреќи при лов исто така е и познавањето на оружјето, а покрај кое ловџијата мора да ја познава и муницијата, техничките карактеристики на оружјето, балистичките својства на муницијата, ракувањето со оружјето и неговото одржување. Тука е и обученоста за ракување со оружјето, која се зголемува со ловечкото искуство, но и со редовно вежбање. Токму тука имаме голем проблем, бидејќи има многу малку цивилни стрелишта.

Моменталната ситуација, а не се мисли на месни или „локални“ стрелишта на кои членови на некои здруженија можат повремено да го тестираат ловечкото оружје, туку на регистрираните стрелишта е таква што имаме само неколку во државата. Така што, дури и ако сакате да вежбате, немате каде да тренирате или ви е предалеку и прескапо.

Важен фактор е и искуството, кое во себе носи позитивни елементи од минати ловечки ситуации кои значително влијаат на одговорното однесување и на безбедноста во некои идни ситуации. Ова е најголемата доблест на секој ловџија која значително влијае на безбедноста на другите учесници во ловот, граѓаните кои се наоѓаат на местото на ловот, ловечките кучиња, природата и други. Безбедноста можеме, требаме и мораме за да ја зголемиме преку едукација, дисциплина и евентурално подобра организација на ловот.

 

Ловникот игра голема улога

Грешките се случуваат и тие секогаш се резултат на повеќе фактори.

Кога станува збор за „залутан“ куршум, во случај ловџијата да не ги почитува безбедносните правила тој може да биде намерно испукан во дивечот на хоризонтот и да го промаши, па куршумот да ја продолжи траекторијата или рикошетира – отскокне од земјата и продолжи да се движи во друга насока.

Рикошет настанува кога брз проектил, во случајов кугла од сачма или проектил од карабински куршум удира во вода под агол помал од 8°, мека или средно тврда почва под агол помал од 15°, тврда почва под агол помал од 30° и во кора на дрво под агол помал од 60°. Во услови на групен лов во шума, ризикот од одбивање на куршумот од дрво е уште поголем, а зависи од староста на насадот, видот на дрвото, грмушките и други услови.

несреќи при лов

На пример, постои многу висок ризик од одбивање на зрното од дрво во средовечен насад со поголем удел на габер или бука, кои имаат мазна и тврда кора. Кога тоа ќе го согледаме, произлегува дека има многу малку ситуации во кои е исклучена можноста за одбивање на зрното од подлогата, па затоа мора да бидеме свесни дека секое наше одење на лов, како и сите други дејствија во животот се поврзани со одредено ниво на ризик.

Со полагањето на ловечкиот испит и стекнувањето со дозвола за лов не завршуваме со образованието.

Ловџијата мора секогаш и постојано да работи на доедукација и усовршување, без разлика дали тоа е законски регулирано или не. Работата на зголемување на безбедноста секако е приоритет, бидејќи оружјата не се играчки, тие имаат само една цел и тоа секогаш треба да се има на ум. Несреќите не им се случуваат само на почетниците, туку и на оние „поискусните“ кои понекогаш се премногу сигурни во себе или некои работи не ги сваќаат доволно сериозно.

При групниот лов голема улога има ловникот, тоа е личноста која е задолжена за спроведување на ловот. Тој мора да биде прв кој ќе инсистира на спроведување на безбедносните мерки и безусловно да санкционира, на пример, да не дозволи лов или да ги отстрани од него сите оние кои не ги почитуваат правила или се во алкохолизирана состојба.

Во секој случај, за избегнување на несреќи при лов треба да се почитуваат четири златни правила за ракување со оружје:

  • секогаш да се однесувате како да е наполнето;
  • оружјето секогаш насочувајте го / свртете го во безбедна насока;
  • не држете го прстот на чкрапалото и
  • бидете сигурни што е мета и што се крие зад неа!

 

Цела Македонија е ловиште

Овие правила се важни затоа што се случува во несреќи при лов покрај ловци да настрадаат и случајни минувачи или луѓе кои работат на нивните ниви, овоштарници. Покрај тоа, поттикнати од ситуацијата со Ковид, има се повеќе луѓе во природата, тоа се често такви кои сè уште не излегле или многу ретко излегувале од „урбаните рамки“ и можеби не знаат што се случува и како функционираат работите надвор од нивната животна средина.

Факт е дека речиси цела Македонија е ловиште и дека Законот за ловството пропишува дека е забрането ловење дивеч со ловечко оружје на просторот на 100 метри од работ на населено место во рамничарските предели, односно во населбите, повеќегодишни овошни и лозови насади, површини за интензивно земјоделско производство ако се оградени со ограда, гробиштата, јавните патишта, железничките пруги, аеродромите, воените објекти, неизградено градежно земјиште и водните површини (акумулации, рибници, реки и природни езера).

несреќи при лов

Значи, ловџиите не прават прекршок ако се држат до горенаведеното, но дефинитивно треба да внимаваат на безбедноста на минувачите доколку ловот се одвива на места каде што често поминуваат излетници или други корисници на просторот и природата.

Нема законска обврска јавно да се огласува кога и каде ќе се одржи ловот. Тоа ниту би имало смисла, ниту би било изводливо, ниту пак оние за кои е наменето известувањето секогаш би се држеле до него или би го слушале/читале. Пожелно е консеционерите со дивечот во ловиштата во области каде има голема фрекфенција на минувачи, да постават табли со предупредување за ловните активности, како на пример „Внимание –во тек е лов“.

На разумниот минувач ваквото предупредување би треба да му стави до знаење дека низ областа не може да минува неодговорно и да не се грижи за својата безбедност, како да не го засега. Секој поединец кој оди во природа е должен да се грижи за својата безбедност.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You cannot copy content of this page