Историјат на ловиштето „Лешница“

Заради богатиот и уникатен биодиверзитет на локалитетот Лешница, во 1986 година врз основа на тогашните Закон за шумите и Законот за ловството истиот е прогласен за шумски резерват и ловиште со Одлука за прогласување на шумските предели на Шар планина за шумски резерват и ловиште, објавена во „Службен весника на СРМ“ бр. 44 од 26.11.1986 год.

Вкупната површина на шумскиот резерват и ловиштето е околу 12.300 ха. од кои околу 2.500 ха шуми и шумско земјиште, а 9.800 ха се високопланински пасишта, со опишани граници во Одлуката. Стопанисување со шумскиот резерват и ловиштето се врши со шумско-стопански основи во согласност со Законот за шумите и ловно-стопански основи во согласност со Законот за ловството, а за стопанисувач е определено тогашното шумарство од Тетово.

Со носењето на Законот за ловството во 1996 година, и востановување на ловишта на територијата на Република Македонија, ловиштето „Лешница“ е востановено во истите граници од Одлука за прогласување на шумските предели на Шар планина за шумски резерват и ловиште и определено за државно ловиште и дадено на управување на Јавното претпријатие за стопанисување со државни шуми „Македонски шуми“.

При управување со државното ловиште „Лешница“ главната цел е насочена кон трајно одржување на на структурата на целокупната фауна, како и стабилни популации на крупниот дивеч кои со својата возрасна и полова структура обезбедуваат репродукција на квалитетни грла со генетски потенцијал за висока трофејна вредност.

Останува нејасно зошто со носењето на новиот Закон за заштита на природата од Министерствово за шивотна средина и просторно планирање во 2004 год. не се репрогласи Шумскиот резерват и ловиште „Лешница“ според категоризацијата на заштитени подрачја во овој закон, затоа што чл. 184 вели дека „Заштитените подрачја заштитени пред денот на влегувањето во сила на овој закон, како природни реткости, продолжуваат да ја уживаат заштитата на заштитени подрачја“ и според чл. 187 „Во рок од шест години од денот на отпочнувањето на примената на овој закон, надлежниот орган за вршење на стручни работи за заштитата на природата ќе изврши ревалоризација на заштитените подрачја, заштитени пред денот на отпочнувањето на примената на овој закон и ќе изготви нови акти за прогласување во согласност со одредбите отпочнувањето на примената на овој закон“.

 

м-р Војо Гоговски

Авторот е Државен советник за шумарство и ловство

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You cannot copy content of this page