Елен лопатар (Dama dama)

 

Еленот лопатар или шарениот елен (Dama dama) и припаѓа на фамилијата Cervidae, подфамилија Cervinae и родот Dama. Тој е распространет речиси низ цела Европа. Негова прататковина е Мала Азија, источното средоземје се до Иран и Ирак, каде и ден денешен може да се најдат поединечни примероци.

Во III век во времето на римјаните се јавува во провинциите: Иберија, Галија и Германија, од каде е раширен во Англија. Во средниот век овој вид се шири и во други реони од Европа, кога се населува во Данска и Шведска. Во XVIII век се забележува во слободна природа во Португалија и Италија (Сардинија).

Во денешно време еленот лопатар е распространет речиси во цела Европа, особено во Унгарија, Чешка, Словачка, Германија, Бугарија и сл. Него го нема на Исланд, на крајниот север на Европа, во Шведска, во Русија, Грција и на поголемиот дел од островите во Средоземно море.

Кај нас еленот лопатар се одгледува во поголем број на оградени ловишта, помеѓу кои најголема популација има во ограденото ловиште “Полаки“. Во последно време за овој вид на дивеч постои се поголемо интересирање за негово населување, но проблем претсавува тоа што кај нас сеуште нема одгледувачници (фарми) за негово размножување и комплицираната и скапа процедура доколку се увезува од странство.

elen lopatar mapa

Ареал на еленот лопатар

1. природен; 2. веројатно природен; 3. населуван во подалечното минато; 4. населуван во поново време.

 

Опис

Должината на телото без опаш му е од 90 см до 150 см, додека самиот опаш е долг од 10 – 23 см. Висината на гребенот му е од 60 см до 100 см. Овие податоци се однесуваат на грла стари една година и повеќе. Мажјакот во тежина може да достигне и до 130 кг, додека женката е за половина помала.

elen lopatar

Сепак кај овој вид на дивеч има многу голема разлика во тежината што произлегува од нееднаквиот пристап при мерењето. Со оглед дека се работи за вид на дивеч на чиј начин на живот значително може да влијае човекот, ни укажува на можната нееднаквост на тежината. Таа зависи од повеќе фактори:

  • начин на одгледување (отворени или оградени ловишта),
  • квалитетот и количината на храна,
  • површината на ловиштето,
  • густината на популацијата на единица површина, како и низа други причини.

Тежината на телото на лопатарот свој оптимум има помеѓу 5 и 7 година, после што настапува застој, односно благо опаѓање.

Бојата на влакното во лето му е костенливо-црвеникава со изразени светли белузлави дамки, поради што и го добил името шарен елен. Стомакот и нозете од внатрешната страна се со бела боја. Во зима бојата на влакното му е темно кафејава до црна. Опашот му е со темна боја, а на долниот дел со бела боја која не ја менува. Кај еленот лопатар се сретнуваат примероци со изразито бело или црно влакно, која појава се нарекува албинизам или меланизам и може да биде делумна или потполна. Албинизамот е наследна особина.

Роговјето му се од коскена материја која во горниот дел се проширува во облик сличен на лопата, по што и го добил името. Нив ги носат само мажјаци, додека кошутите се шути. Мажјакот го отфрла роговјето секоја година во април и мај, а до половина на септември му се формира ново. Тоа може да му израсне во тежина и до 14 кг.

 

Утврдување на староста

Најпрецизен начин за определување на староста на еленот лопатар е по анализа на забите, односно врз основа на истрошеноста на забите, времето на појава на нови заби или преку нагибот на секачите.

Процена на староста може да се врши и според надворешниот изглед на телото, однесувањето и начинот на живот. Старите елени имаат краток и дебел врат, силно и развиено тело; главата ја држат рамно и подигнато. Постарите елени во времето на раснење на роговјето живее како самотник и многу е внимателен. Младите елени живеат во крда, со повитко тело се, вратот им е тенок и долг, главата ја држат подигнато, поживи се и помалку внимателни.

Според староста еленот лопатар се дели во старосни категории, па така имаме кај мажјаците: еленче – до 1 година, шилаш – стар 2 години, млад елен од 3 до 4 години, среден елен од 5 до 7 години и стар елен од 8 години и повеќе.

Кај кошутите, според староста женското младенче го нарекуваме исто така – еленче, женката од 1 до 2 години двизица, млада кошута од 2 до 4 година, средно добна кошута од 8 години и повеќе.

Животниот век на еленот лопатар се движи од 20 до 25 години.

 

Размножување

Еленот е полигамен вид и за време на парењето оплодува повеќе женки за чија наклоност жестоко се бори со своите соперници. Половата зрелост тој ја достигнува во четвртата година од животот. Нивното парење започнува во првите денови на октомври и трае до половината на ноември. Кај лопатарите парењето исто како и кај обичните елени го нарекуваме рика. Времетраењето на риката е околу 20 денови и е во директна зависност од временските прилики во октомври и ноември. Мажјаците рикаат ноќе, наутро и квечерина.

Doe and fawn fallow deer dama dama

Интересно е тоа што лопатарите за време на парењето може да поминуваат поголеми растојанија. Забележано е дека во отворените ловишта мажјаците по женките се движат и 15 до 20 км, па и повеќе.

За време на периодот на парење активноста на лопатарите е готово непрекината, поради што во овој период тие речиси и да не се хранат или земаат многу мала количина на храна. Поради тоа во овој период тие се исцрпени и губат од 10 – 15 % од својата тежина.

Кошутата носи околу 240 денови и кон крајот на мај и почетокот на јуни на свет донесува едно до две еленчиња, кои цицаат 3-4 месеци.

 

Одгледување

Елените обично живеат во крда, кои обично ги предводи постар елен. За време на раснење на роговјето, постарите елени живеат поединечно, за пред самото парење да им се придружат на крдата.

Најпогодни за живот на лопатарите се рамни до брановидни терени, со надморска височина до 500-600 метри. Посебно се погодни проредените шуми од даб, багрем и др., каде до израз доаѓа неговиот многу добар вид, кој е најдобар од сите папкари. Благодарение на географската положба и климата, Македонија има одлични услови за населување и одгледување на овој вид на дивеч.

Лопатарот е преживар и се храни со растителна храна како ште се разновидни тревни смеси и грмушести растенија. Поради тоа тој често пасе на шумските ливади и го брсти лисјето на дрвјата и грмушките, поради што може да причини штети врз одделни млади стебла и насади.

Лопатарот покажува исклучително голема способност за одгледување на мали шумски површини. По големата способност за прилагодување на нови услови (површина на ловиште, измена на еколошките услови), лопатарот е исклучително погоден вид на дивеч за одгледување во оградени ловишта. Понатаму неговата предност се огледува и во големиот прираст, краткиот период за достигнување на нормална бројна состојба, брзото прилагодување на околината, отпорноста на болести и сл.

Од економска гледна точка, поволните можности се огледуваат во производството и продажбата на месо, трофеи, жив дивеч, како и во нивната помала потреба од храна. Според некои истражувања, ова е најрентабилниот вид на дивеч за одгледување во оградени ловишта, бидејќи на единица површина поднесува најголема густина.

Одгледувањето на еленот лопатар во ограден простор можно е во комбинација со други видови на дивеч, па е чест случај на исто место да се одгледува заедно муфлон, обичен елен или други видови на дивеч. Сепак при нивно одгледување заедно со други видови на дивеч треба да се има во предвид дека тоа се многу темпераментни животни, што најдобро се забележува на хранилиштата каде на пример обичниот елен и муфлонот секогаш му отстапуваат место.

 

Лов на елен лопатар

Согласно Законот за ловството, еленот лопатар во нашата држава спаѓа во категоријата дивеч под заштита, за кој е пропишан ловостој кој трае:

  • за елен лопатар од 1 февруари до 15 септември;
  • за кошута еленка лопатар од 1 јануари до 31 октомври.

Сепак ловостојот не се однесува  за оној дивеч кој се одгледува во оградени ловишта каде тој може да се лови во текот на целата година.

Што се однесува до самиот чин на лов, може да се каже дека тој се лови со дочек, прикрадување и вабење. Согласно Законот за ловството, ловот на еленот лопатар во нашата држава се врши само со ловен карабин. Одредени автори препорачуваат тој да се лови со оружје кое има најмала кинетичка енергија на зрното на 100 метри од 2.500 џули, најмала препорачана тежина на зрното е 8,20 грама и пукањето да се врши од најмалку 150 метри.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You cannot copy content of this page