Девет ловишта ќе бидат опфатени со заштитениот предел Осогово

Со одлука на Влада дел од Осоговските Планини се прогласи за заштитено подрачје во категорија V – заштитен предел поради разновидноста и богатството на биодиверзитетот, геодиверзитетот, хидролошките карактеристики, пејзажните, пределните и други вредности, природни убавини, како и поради зачувување на специфичната интеракција на луѓето и природата.

Вкупната површина на заштитниот предел – Осоговските Планини изнесува 48.807,16 хектари, a со ова заштитено подрачје ќе управува Јавното претпријатие за стопанисување со државни шуми „Национални шуми“.

 

Девет ловишта ќе бидат опфатени со заштитеното подрачје

Со заштитеното подрачје ќе бидат опфатени делови од 9 ловишта од ловните реони Крива Паланка, Кратово, Пробиштип, Кочани , Делчево и Виница. Со ново прогласеното заштитено подрачје ќе бидат опфатени следниве ловишта:

  • „Полаки“ – 98%
  • „Главовица“ – 91%
  • „Шталковица“ – 71%
  • „Мушково“ – 63%
  • „Руен“ – 29%
  • „Соколарци“ – 14%
  • „Добрево“ – 8%
  • „Каменица“ – 5%
  • „Виница“ – 1%

Најголем дел од површината ќе биде опфатено ловиштето „Полаки“, но тоа и нема да има влијание врз ловците, бидејќи станува збор за државано ловиште со кое стопанисува ЈП „Национални шуми“.

Eleni Polaki

Елени во ловиште „Полаки“

 

Од друга страна, најпогодено ќе биде ловиштето „Шталковица“, бидејќи околу ¼ од неговата површина ќе биде опфатена со зоните на строга заштита и на активно управување, во кои ќе има најголеми ограничувања за ловечките активности. Тука се наоѓа најголемата зона на строга заштита, со што тој дел ќе биде неловна површина.

Во ова ловиште дополнително ги усложнува работите и границите на зоните, бидејќи зоната на строга заштита се протега низ средината на ловиштето, делејќи го на два дела. Тоа значи дека ловџиите може да се судрад со законот ако со ловечко оружје и средства за лов минуваат низ овој дел за да стигнат во повисоките делови од ловиштето.

Ловиштата „Главовица“, „Соколарци“ и „Каменица“ се без концесионер со дивечот во ловиштата, но забрзано се работи на распишување јавен оглас за доделување на овие ловишта, па може да се очекува наскоро дека тие ќе добијат нови концесионери.

 

Зонирање во заштитениот предел

Зони Осогово

  • Зона на строга заштита

Вкупната површина на зоната на строга заштита на Заштитен предел – Осоговски Планини ќе изнесува 1833,04 хектари или 3,76% од вкупната површина на заштитеното подрачје. Тука ќе бидат забранети секакви активности од областа на ловството, почнувајчи од сите видови застрел, па се до спроведување на одредени одгледно-заштитни мерки.

 

  • Зона за активно управување

Вкупната површина на зоната за активно управување ќе изнесува 2.546,6 хектари или 5,22 % од вкупната површина на заштитеното подрачје. Во овие делови ќе бидат дозволени одредени активности од областа на ловството, како што е спроведување на санитарен застрел.

Тука постои дилема дали да се извршува застрел на дивечот кој ќе биде над капацитетот на овие делови од ловиштата, бидејќи главната улога на ловџиите е да бидат одгледувачи и да одржуваат одредена биолошка рамнотежа во биотопот. Ова е значајно бидејчи доколку дојде до пренамножување на одредени видови дивеч во овие делови, постои сериозна опасност од девастирање и уништување на некои растителни видови кои се храна за дивечот.

Ова би требало сериозно да се земе во предвид при утврдувањето на мерките во овие делови од ловиштата, бидејќи на удар би се нашле токму оние растителни видои за кои тие делови се прогласени за зони со построг степен на заштита.

Покрај тоа треба да се има во предвид дека станува збор за погранична зона со држава во која има свинска чума. Оваа болест е многу опасна како за дивите животни, така и за домашните, па евентуална нејзина појава може да има катастрофални последици по сточарството и по економијата во нашата држава. Евентуална пренамноженост на дивечот во овие делови од државата би можело да предизвика појава и брзо ширење на болеста.

Заради тоа ќе мора сериозно да се размисли за ловните активности кои ќе бидат дозволени во овој дел од заштитеното подрачје со цел одржување биолошка рамнотежа.

 

  • Зона за одржливо користење

Зоната за одржливо користење во Заштитен предел-Осоговски Планини ќе зафаќа површина од 44.345,27 хектари или 90,86 % од површината на заштитеното подрачје. Во овие делови од ловиштето ќе бидат дозволени сите вообичаени активности од областа на ловството, воглавном како и до сега.

 

Обезбедени финансии и за ловството

За подмирувањето на сите трошоци поврзани со прогласувањето на заштитеното подрачје обезбеден е финансиски фонд. Дел од финансиите ќе бидат наменети и за ловството. Од тие средства ќе се обезбедат фото-стапици за следење на бројноста на дивечот во заштитеното подрачје, кои ќе им бидат распоредени на сите концесионери во зависност од површината на ловиштата кои влегуваат во заштитеното подрачје.

Елени во Полаки

Обичен елен и елен лопатар во ловиште „Полаки“

 

Покрај тоа ќе се изврши и интродукција на нови видови дивеч. За збогатување на заштитеното подрачје со нови видови дивеч се планира да бидат набавени 30-ина грла обичен елен, кои после периодот на адаптација ќе бидат испуштени во заштитеното подрачје. За таа цел веќе е извршена реконструкција на оградата во ограденото ловиште „Полаки“ каде ќе се врши аклиматизација на обичниот елен.

Покрај тоа постои можност сите евентуални измени и дополнувања на посебните ловностопански основи, кои би се наметнале како потреба за прилагодување на новонастаната состојба, да бидат финансирани од фондот за заштитеното подрачје. Концесионерите треба да се информираат дали од овој фонд би можеле да се финансираат и изработка на нови посебни ловностопански основи, што би било добродојдено со оглед дека во тек е изработка на основи за дел од ловиштата опфатени со заштитеното подрачје.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You cannot copy content of this page