Дали конечно ловџиите ќе можат полесно до ловечко оружје?

Кај Владата има расположение да се олесни процедурата за добивање дозвола за ловечко оружје. Како што информираат од МВР, ова било констатирано на средбата  помеѓу министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и претседателот на Ловечката федерација, Влатко Алексовски и заменик претседателот на федерацијата, Марјан Даскаловски.

На средбата се разговарало за можноста за измена на законот за оружје, со што би се поедноставила постапката на граѓаните за стекнување со право за добивање на ловечко оружје.

– Министерот Спасовски и претставниците на ловечката федерација, изразија добра волја за олеснување на процедурата за добивање  дозвола за ловечко оружје, како и продлабочување на соработката и решавање на сите предизвици и проблеми и во наредниот период  – велат од МВР.

Ова не е ништо ново, но никогаш не се знае кога конечно ќе се реши проблемот, бидејќи во сегашниот закон за оружје процедурата за добивање дозвола за ловечко оружје е многу комплицирана, поради што ловџиите многу потешко доаѓаат до ловечко оружје. Тоа негативно се одразува врз ловечките друштва, но и врз концесионерите со дивечот во ловиштата, бидејќи намален е број на нови членови.

За ловечките друштва кои воглавном се финансираат од членарини тоа преставува голем проблем, бидејќи тешко обезбедуваат средства за подмирување на давачките кон државата, за спроведување на одгледно-заштитните мерки, за плати кон вработените и за тековно работење.

Ова е проблем кој долго време ги мачи ловечките друштва и младите ловџии, па потребно е во интерес на ловството и граѓаните што поскоро да се реши.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You cannot copy content of this page